(Видео) Водици во Ростуше и на Радика

Настапи денот на откровението Божјо. Ден во кој Бог му се објави на човекот. Денес Небесата со светлини се отвораат пред човекот. Денес духовниот вид се отвора за небесните светлини. Денес ни засветли за богопознание трисолнечната светлина на едното Сонце на правдата, Отецот, Синот и Духот Свет, Троица Едносуштна и Неразделна. Реки од благодат и просвештение се разлеаја по душите на верните Христијани, кои со љубов и ревност се подготвија за овој голем ден на сецело измивање. Синот Божји на реката Јордан, заради нас од раката на Јован Крстител се крсти и Троичната догма на светот му се објави.

Беше извонредна и ретка глетка, како за кратко време, храмот на Пресвета Богородица во селото Ростуше, се преполни со верници, кои поитаа да земат удел во Празникот на Светлините и Божествените Богојавленија. Радосните лица и молитвената сплотеност беа потврда на тие лични епифании кај секого, чии заеднички почеток го имаат во Богојавлението на Јордан. Нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј го предводеше мистичното и духовно пливање во божествените води и небесни светлини, преку Светата и Божествена Литургија, низ која сите се измивме и сплотивме преку причестувањето од Светите Тајни. По незаборавната Евхаристија се направи свечена литанија, со песни и химни, носејќи ја раката со моштите на Чесниот Претеча и Крстител кон водите на реката Радика. Таму, пак, околу 200 пожртвувани мажи со нетрпение го очекуваа владиката г. Партениј да ги благослови радичките водотеци, со потопувањето на Крстот. А тој беше изваден од Томица Петкоски од Тетово, кој прими благослов и молитви од нашиот Епископ, како и сите останати кои се потрудија во добриот подвиг. И оваа година, пригодни награди за благословениот крстопоклоник издвоија нашиот почитуван пријател г. Хари Локвенец и градоначалникот на општина Маврово и Ростуше г. Медат Куртовски.

Ѝ се јави денес на вселената и светлината Твоја, Господи, се ознамени на нас, кои со разум Ти пееме: дојде и се јави, Светлино Непристапна (Кондак на празникот).