Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познам висината на Твојата сила и да Ти пеам, Животодавче, Христе, слава на Твојот крст и на Твоето страдање, Спасителу.
(стихира на Блаженствата)
Денес тагува вселената! Денес просто забораваме на себе си, своите желби и потреби. Сите наши мисли сега му припаѓаат на Христа. А Он, Возљубениот, денес виси на дрво… Колку болно трепери гласот на свештенослужителот, додека сето создание стои наведнато пред глетката на Распнатиот Бог. Гледајќи ја љубовта Божја прикована на крст, очите се полнат со солзи, срцето болно бие пред возвишениот лик на Безгрешниот, Кој се распнува за нас. И не сакајќи во нас се раѓа мисла: Каков Бог го создал човекот и како човекот Му возврати на Бога за таа добрина! Таму, во сладоста на рајот, Бог со Свои раце го создал, му вдахнал живот, му го дал својот образ и власт над сѐ создадено. А што направи човекот? Го биеше и плукаше својот Творец, Му нанесе болка и целиот во крв и рани Го прикова на крст. Таму во рајот Адам, овенчан во слава и чест, а овде на Голгота Христос без убавина, овенчан со трње, осуден, обесчестен, среде двајца разбојници, во ужасна смрт. Каква страшна неблагодарност!? Таму Бог, создавајќи го од безмерна љубов човекот, го круниса делото на своите раце, а овде во страдањата Христови човекот ја дополни мерата на своето беззаконие. Сега што да оплакуваме повеќе? Тоа што толку пострада нашиот Господ или тоа што толку многу се дрзна човекот! Жалејќи за страдањата Христови, жалиме уште повеќе за причинителот на тие болки, оти никој друг туку ние, самите, Го распнавме својот Господ! Пролевајќи сострадални солзи за Создателот, плачеме и над својата неблагодарност, оти во благиот лик на Распнатиот нема осуда, туку само бесконечно снисходење, крајно трпение и несфатлива љубов за нас. Издигнат на Крстот Он ја прегрнува секоја страдална душа и ја исцелува со љубов. Таму горе Он го исполнува нашето спасение. Таму на дрвото на Лотовото покајание, го плаќа откупот за гревот човечки. Таму го потпишува новиот договор што го склучи со нас. Сега ни останува да Го следиме до крајот, да се сораспнеме со Него, умирајќи за гревот и страста, за да оживееме во Него, како што ни вети.
Во свештен молк е завиткано Бигорското светилиште, иако храмот е преполн со христољубиви души кои посакаа во овие судбоносни мигови да бидат со својот Старец и со монашкото семејство и молитвено да земат удел во Голготските настани. Треперат срцата додека Евангелието, со гласот на јеромонахот раскажува за предавството на ученикот, за беззакониот Совет на Јудеите, кои се осмелија да го стават на суд Судијата на сите, за усрдната Гетсиманска молитва и последните поуки што Господ пред страдањата ни ги упати преку апостолите: Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. (Јован 15,4).
Наеднаш се исправа високо крстното дрво, носено од рацете на возљубениот ни Старец, архимандрит Партениј, а бескрајната редица зад него со тивки чекори го следи до мислената Голгота. Тогаш тешко одекнува во срцето тапиот звук на чеканот врз крстот, и неусетно нѐ носи назад кон тој страшен миг кога Христос беше прикован на него од рацете на беззакониците. Стоиме свиткани од болка пред Распетието, барајќи го со насолзени погледи познатиот кроток лик што зрачи од него. Прости ни Христе! Ти доаѓаме како Јуда кој те предаде, како Петар кој од Тебе се одрече, како толпата што те понижуваше и како Пилат кој ја позна вистината, но слаб се покажа. Прими ги од нас овие солзи, место дела, оти времето на Постот мина и не го стекнавме благомирисот на добродетелите, за да ти го принесеме сега. Земи го, милостиво, нашето тешко гревовно бреме и приковај го таму на крстот Твој, нека изгори во огнот на Твојата божествена светлина. Утврди нѐ со Својата благодатна сила, да стоиме цврсто во љубовта кон Тебе, како што Мојсеј стоеше пред разгорената капина. Да гориме и ние со ревност во срцата, додека целиот свет не се ослободи од ропството на злото.
Додека горат од распната љубов срцата на присутните во свечената тишина на храмот, така светат и лицата, бележани со печатот на нова надеж што се буди пред глетката на мирниот, заспан лик Христов на златовезената плаштаница. Господ е во гробот. Но иако молчи, силно одекнува Неговиот глас: Се сврши. „Се исполни делото на спасението. Ве возљубив силно, до крај, до Крстот. Додека вие Ме оплакувате во гробот, јас веќе влегов во темните гробници на вашите срца, го кренав тешкиот камен на гревот што силно ве притиска и влече долу и воскреснувајќи ве, ве изведов од темнина во светлината на вечната радост. Затоа не тагувајте повеќе! Вие ќе бидете со Мене, како што му реков и на разумниот разбојник кој беше распнат од мојата десна страна!“
Господи преблаг, Ти заради нас неправедно беше суден, и удиран и плукан и понижуван, шлаканици прими и меѓу разбојници беше вброен. Заради нас на срамна смрт се подложи. Слезе од небото за нас да нѐ издигнеш таму. Се смири до крај за нас да нѐ овенчаш со достоинство. Осиромаши за нас да нѐ збогатиш. Рани претрпе за нас во живот да нѐ вратиш. Ние грешевме а Ти ги зеде гревовите наши на себе. Бевме должни, Ти го плати долгот. Осудени бевме на смрт, но Ти умре наместо нас. Неискажливо е Твоето милосрдие и љубов за нас, грешниците. Биди ни милостив до крај и удостој нѐ со неминливата и животворна радост на Твоето сесветло Воскресение!