Велики Четврток

Беззакониот Јуда, кој на Тајната Вечера ја стави раката во чинијата, заедно со Тебе, кон беззакониците ги пружи рацете за да ги прими сребрениците: тој ја пресмета и цената на мирото и не се исплаши да Те продаде Тебе, Кој немаш цена; тој ги пружи и нозете за да му ги измиеш, Ти даде лажен целив за да Те предаде на беззакониците: откако се одрече од соборот на апостолите, иако ги фрли триесетте сребреници, не се удостои да Го види Твоето тридневно Воскресение. Господи, Кој воскресна, помилуј нѐ.

(Стихира на Хвалитни)

Битката помеѓу доброто и злото, присутна низ сета историја на човештвото, денес доаѓа до најсилен израз. Оваа битка сега ја допира сечија човечка душа, испитувајќи го нејзиниот однос кон Христос, Кој поради Својата неизмерна љубов кон луѓето, доброволно прифати да се жртвува, да биде распнат на Крст и да претрпи смрт, за да ја распне и умртви древната смрт. И колку само пати сме заборавиле на таа искупителна жртва, пред чија што големина, покривајќи си ги очите, треперат дури и Небесните чинови?! Колку пати нашите закоравени срца Го оставиле Бога, велејќи Му го она што гордите Атињани му го кажале на богокопнежливиот апостол Павле: Друг пат сакаме да послушаме за тоа (Дела 17, 32). Да, навистина многу пати сме ја пропуштиле можноста решително да застанеме до Христа и да Му речеме: „Да, Господи, со Тебе сакам да сум и дај ми ја Твојата благодат за да не се оддалечам од Твојата љубов!“

Токму денес пред нашите очи гледаме страшен призор каде овие две крајно спротивни димензии, доброто и злото, се откриваат во својата полнота. Од една страна, несфатливото смирение на нашиот предобар Христос, Кој ја полни чашата и ги напојува Своите ученици, та утврдувајќи ги во верата, пред нив Своите колена ги преклонува за нозете да им ги измие. И не само тоа, туку Неговата добрина Го води и кон доброволно прифаќање на страдањата и срамната смрт, за целото човештво да го спаси од древната клетва – злото, гревот и смртта. Од другата страна, пак, Јуда Искариотски, еден од учениците, кој бесрамно ја подава својата скверна уста кон таа благословена чаша, а потоа брзо Го напушта и својот Учител на злобниците Го предава. Јуда, кој беше повикан не за да изврши предавство, туку да биде апостол, без да биде лишен од даровите со кои беа дарувани другите апостоли! Токму затоа денес, целата Црква толку трепетно пее, а душите во умиление соединети, како да извикуваат: Јудо, срцата на другите апостоли се просветлуваат, а твоето се помрачува зашто во него планот за предавство созрева! Јудо, крвта што сега ја примаш, на злобните фарисеи за триесет сребреници им ја продаваш! Он те напојува и храни со најскапоцениот залог, а ти залогот презирајќи го, Христа Го оставаш и дрско Го продаваш! Твоето срце се буди за најголемото зло да го изврши, а Неговото бдее за од злото човештвото да го избави! Прифаќаш да станеш вечен роб на ѓаволот и се лишиш од твојот Учител и Господ, Кој крвта Своја ја пролева за од древната клетва да го ослободи целото човештво! И наместо да го предводиш народот кон просветлување, ти ја предводиш расрдената толпа кон Маслиновата гора, каде твојот и наш Христос, ги преживува страдањата уште пред Крстните страдањата. Но, колку што е голема твојата неблагодарност Јудо, толку и несфатливо поголемо е милосрдието Твое, Христе!

И еве сега, во овој страшен и страдален миг на Христовото предавство, кога Он со Своите пречисти и непорочни раце, благодари, благословува и го прекршува лебот за да им го даде на Своите ученици, во нашите растреперени срца и ум одекнуваат Неговите најзначајни зборови, запишани од неговиот апостол, а прочитани со умилен глас од нашиот возљубен Старец: Земете, јадете, ова е Моето тело… Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите. И ете, на ова големо таинство, Бигорскиот храм чиниш е Сионската горница, каде ние собраните околу својот предобар Учител и Господ, ја очекуваме Неговата богата милост. Оти свесни сме дека во овој последен час немаме што друго да Му принесеме, освен нашите солзи и воздишки. Свесни сме и за големата одговорност и достоинство што ги носиме, оти го примаме залогот за нашето спасение – полнотата на Христовата љубов, излеана врз целото човештво. Стоиме пред чашата на спасението и со страв и смирение пееме: Ниту целив ќе ти дадам, како Јуда! Со страв, зашто Црквата во Јудиното предавство препознава дрско и бесрамно дело што не смее да се повтори и од кое секој треба да се плаши. Но, не да се плаши поради ропскиот однос кон Бога, не поради стравот дека ќе биде казнет, туку со синовски страв, кој извира од мислата да не се одвоиме од љубовта Божја, да не ја изгубиме полнотата на сознанието за тоа со каква љубов Бог го возљуби секого од нас и сиот свет, во кој дојде како незаштитен младенец, што нема каде глава да потслони.

Господи, Кој трпиш шлаканици за родот човечки и на тоа не се разгневи, ослободи го од пропадливост животот наш и спаси нѐ.