Велика среда – последен повик за простување

Премолчени се подвизите на многу цареви и војсководци, чиишто споменици и денес се сочувани; ни по слава, ни по име не останале познати градители на градови, ниту оние што со ѕидини ги опашале, ниту оние што победи во војните однеле, ниту оние што трофеи освоиле и многу народи покориле, иако, за да бидат славени од потомството, споменици подигнувале и закони одредувале – а тоа што блудната жена излеала благоухано миро во куќата на некој прокажен, во присуство на дванаесет луѓе, се прославува по целиот свет, и споменот за тој настан не исчезнал, иако оттогаш поминало веќе многу време“.

Со овие вдахновени и од свештената историја посведочени зборови, Свети Јован Златоуст го окарактеризира незаборавното дело на жената покајничка, којшто ја краси оваа велика и најсвета Среда. Навистина блажена и бесмртна е оваа поранешна грешница што непоколебливо и неодложно поитала таму каде што пребивал Спасителот со учениците Свои и излеала скапоцено миро врз нозете Негови, подготвувајќи го, без да знае, телото Негово за претстојното погребение! Знаела таа и верувала дека Оној, Кој не се згнасил да влезе во куќата на губав човек, но отишол и го излекувал, нема да се згнаси ни од нејзината губава душа, туку како Бог ќе да ја исцели. Знаела таа и верувала дека Оној, Кој пред некој ден Лазара од мртвите го воскреснал, ќе ја воскресне и нејзината од гревот умртвена душа. Не губела вера во Неговата божествена љубов, не губела надеж во Него, го победила стравот дека Бог, можеби, нема да има доволно љубов за неа, паднатата во секакви беззаконија. Не, туку поразена од чудесната, Божествена убавина на Спасителот, се фрлила понизно со главата своја пред нозете Негови, плачела горко над себе, целата изранета и нагрдена од гревот, плачела над Него, толку прекрасен, Кој поради неизмерна љубов дојде во свет толку страшен и ужасен. Таа ништо со усните свои не зборувала, и ни прошка барала, ниту нешто ветувала, но со срцето свое се молела: „Владико, Ти Самиот знаеш како јас, сегрешната, до Тебе, Безгрешниот, да се допрам се осмелив; знаејќи за своите скверни дела, јас бесрамно до Тебе, Пречистиот Бог, се приближив, и бидејќи сакам да се спасам, пред Тебе, Господи, паднав. Прими ја, Христе, желбата на душата моја. Ти, Пречисти, од гнасното злословие на беззаконијата извади ме. Според благоста Твоја, Благоутробен, раните од прегрешенијата мои очисти ги, наместо со миро, со солзите мои измиј ги. Да, Спасителу, Кој си дошол грешниците да ги спасиш, Те преколнувам, солзите на бедното срце мое не презирај ги. Зашто знам дека за Тебе нема ништо невозможно, оти Ти можеш да направиш сè што ќе посакаш“.

А Христос Милостивиот, гледајќи ја таквата отвореност на нејзината душа за светињата Божја, таквата нејзина способност да љуби, да љуби до солзи со целото свое срце, објавил дека ѝ се простуваат нејзините гревови. Знаел Срцезналецот за големата вера на оваа жена и го пофалил делото нејзиното и славно за веки го направил. Вистина ви велам, каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен (Матеј 26,13).

Во молитва и умиление, Бигорската Обител, собрана околу својот Старец, Архимандрит Партениј, си спомна, според зборовите Спасителови, за бесмртното дело на оваа од Господа ублажувана жена. Си спомна и се помоли, со нејзиниот удел сите ние да се удостоиме и да не се покажаме како предавникот, кој денес со првосвештениците и старешините заговор кова против својот Добротвор и Спасител.

И колку мудро, токму на овој ден, пред самиот почеток на големите и страшни, спасителни настани – Тајната Вечера, предавството, судењето, исмевањето, биењето, распнувањето и смртта на Спасителот, Црквата Божја повторно, за последен пат, нѐ повикува сите, од срце да си простиме еден со друг, за да можеме утре оправдани да застанеме со Христа, на Неговата Тајна Вечера. Па така, почитувајќи го овој прекрасен обичај, положен од светите отци во светата и велика Среда, Старецот прв побара прошка од сите нас, меѓу другото појаснувајќи:

Архимандрит Партениј

Возљубени мои, како што знаете, Светата и Велика Четириесетница веќе заврши и сега литургиски навлегуваме и ги доживуваме големите спасителни настани од последните денови на заемниот живот на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред најголемото Негово Торжество – Света Пасха и победата на смртта. Утре, на Велики Четврток, ќе отслужиме Божествена Василиева Литургија, во спомен на Светата Тајна Вечера, кога, всушност, е востановена и самата Тајна Евхаристија. Ете зошто Црквата денес уште еднаш нѐ повикува да се измириме едни со други, да си опростиме меѓу себе, за и Бога да ни прости, та да можеме утре, без никаков долг, мисловно да застанеме со Господа на Неговата Тајна Вечера.

Па така, благословете, отци свети, браќа и сестри, и простете ми мене грешниот сѐ што згрешив во сиот мој живот и во целата Света Четириесетница, со збор, со дело, со помисла и со сите мои чувства. Простете ми за мојот немарен живот, та да се удостојам и јас, по вашите молитви и по вашата љубов, да застанам пред Господа неосудено, благодарејќи Му за вашето трпение. Да се помолиме да нѐ удостои Господ овие денови да ги поминеме до крајот во молитва и да ја дочекаме Светата Пасха во полнота на радоста“.

Простете и вие, возљубени наши читатели, браќа и сестри во Христа, сѐ што сме погрешиле во текот на Светата Четириесетница, со збор, дело и помисла! Добро Воскресение на сите!