Света Пасха, Воскресението Христово. О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата? (1. Кор. 15,55) Денес е врвот на нашата радост, денес е полнотата на нашето ликување. Ова е денот кој ја разграничува историјата, денот кога Животот се издигна над смртта. Празник над празниците. Радост над радостите, радост која не е од овој свет, радоста што се раѓа од бесконечната љубов на Бог кон човекот, љубов која ги надминува границите на времето и на смртта.
На Света Пасха велегласно пееме: „Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја порази, и на оние во гробовите живот им подари“. Овие зборови не се само зенитот на нашето литургиско прославување; тие се и вистинскиот израз на нашата вера. Во нив се содржи ветувањето и победата; победата на животот над смртта, светлината која ги осветлува темнините, надежта која се раѓа од новата твар.
Ова ноќоденство Бигорски во полнота ја живее светлината на светото и славно Воскресение Христово. Ликот на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, како од огледало ја одразуваше таа таинствена светлина од Светата Пасха и реалноста од обновениот живот во Воскреснатиот. Изразот на неговото лице носеше јасна порака: да ги носиме пасхалните светлина и радост во секојдневието, да бидеме сведоци на таа непобедлива љубов. Нашиот живот да биде одраз на таа вечна радост, како што беше во ова воскресенско утро.
Верните и смирени поклоници на Воскреснатиот Спасител ширум светот, изминатите свети и велики денови имаа можност да ги следат во живо најголемиот дел од богослуженијата и да гледаат прекрасни фотографии од нив, а за тоа пожртвувано се погрижија нашите драги браќа и соработници: Стојан Стојановски и неговиот тим од „2С Студио“, Александар Пауновски, Никола Грнчаров, Дарко Цветански, Давор Богданоски од Порта.мк, Стефан Трајаноски. Им ја изразуваме својата голема благодарност и просиме откај Бога благослови за нив.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
ВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!