Единствени во верата, сите заедно духовно да го празнуваме торжеството на оние што од памтивек Му угодиле на Бога, чесниот Собор на патријарси, пророци, украсот на апостолите, собранието на мачениците, пофалбата на испосниците, споменот на сите Светии, зашто тие се молат непрестајно мир на светот да му се дарува, а на душите наши милост голема.
(Литиска стихира на празникот)
Нашата Мајка Црква, која секогаш црпи од недогледното богатство на својата духовна ризница за да ни предаде нам, верните, уште една скапоцена чаша од животворното питие на Христовата наука, денес пред нас открива вистински изобилен духовен источник: торжеството на Сите Светии кои од века Му угодиле на Бога. Така, ние, кои неодамна радосно го прославивме слегувањето на Светиот Дух, денес ги созерцаваме резултатите од Неговото дејство во човечката историја, ги гледаме тие слатки плодови што ги принесе Црквата во човечките души. Колку величествен ден за сите Христијани! Каков умилителен спомен! Погледот на земната подвижничка Црква сега е упатен кон небото, кон сјајот на Црквата победничка, кон Соборот на сите знајни и незнајни нејзини членови кои се осветиле во Христа и се населиле во дворовите Господови. Тој поглед е полн со радост и молитвен восхит што извира од милиони благодарни христијански срца по целиот свет. Се восхитуваме и молитвени воздишки упатуваме кон оние наши славни предци, чијшто живот во суштина не се разликувал толку многу од нашиот, едноставно тие само потполно му се довериле на Бога и тогаш „внатрешниот човек на срцето“ станал вистински христијанин, во полна смисла на зборот. Зашто светоста не е ништо друго, освен сигурно сведоштво за она „да“ со кое човекот некогаш му одговорил на Божјиот призив, на дишењето на Светиот Дух. „Да“, не само со устата, туку првенствено со потполно изменение на својот поглед кон нештата и поправање на својот живот. Тоа е и нашето призвание во Бога, наш категоричен императив без кој не би ни можеле да се наречеме Христијани.
Празнувајќи го овој голем ден, во првата недела после Педесетница, гостољубивиот град Гостивар, подобно на своето име, ги отвори ширум портите на своето срце и на преубавиот Богородичен храм, за тука, на срдечна покана на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, да ги прими своите драги гости – бигорскиот старец и владика г. Партениј и претставници од нашите монашки заедници. Тој прекрасен благочестив собор, молитвено собран и вдахновен од сплотеноста на двајцата архијереи, упати топли прозби кон прославените Божји угодници, за тие постојано да бидат нивни посредници пред Бога оти, како што вели Писмото, „голема сила има молитвата на праведникот“. Зашто нашите Светии се наши најголеми пријатели кои никогаш нема да нè презрат во тешките мигови на искушенијата, туку усрдно ќе притекнуваат од болести да нè исцелат, во маките и неволјите да нè утешат, во малодушноста да нè поткрепат и за нас прошка од Бога да измолат.
Спомнувајќи си за овој соборен карактер на Светата Црква и за соборната љубов која нè соединува сите во едно мистично тело Христово, нашиот старец г. Партениј одговори на братољубието на својот домаќин и чедо во Христа, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, со еден срдечен подарок – пастирска патерица, и притоа нè заслади со своите длабоки созерцанија за животот во светост, на кој сме повикани сите:
„Ваше Високопреосвештенство, возљубен брате по архијерскиот чин и сакано мое духовно чедо, Митрополит г. Јосиф,
Посебно ти благодарам што благоизволи на овој ден, кога ги славиме сите Светии, да ме поканиш во овој прекрасен храм посветен на Пресветата Владичица наша Богородица и во овој за мене возљубен град Гостивар, кој секогаш ме потсеќа на моите први монашки денови. Впрочем, Гостивар е град многу близок на Бигорски, а можам слободно да кажам, и на гостиварчани Манастирот отсекогаш им бил при срце. Ете зошто мојата благодарност е толку голема што денес се наоѓам овде, меѓу овие прекрасни луѓе.
Радоста ми е уште поголема што нашето литургиско собрание се случува токму на денешниот голем празник, споменот на сите Светии, кој причинува слатка радост во душите на верните. Тој претставува обилна духовна жетва на сè она што се случило во Домостројот Божји за спасение на човештвото: доаѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос помеѓу нас луѓето, Неговото распнување, Неговото Воскресение и Вознесение, а најпосле и испраќањето на Светиот и Божествен Дух од Отецот преку Синот, Кој ги научил апостолите на мудроста одозгора и ги направил храбри проповедници. На тој начин патот кон Небесата бил отворен и започнала да дејствува новозаветната Црква Божја. А Црквата се дели на земска и небесна. Црквата земска ја сочинуваме сите ние кои сè уште живееме во овој век, во телата наши, додека во Црквата небесна се наоѓаат душите на сите праведници од Адама, кои биле разбудени од Христос при Неговото Воскресение, како и оние што се упокоиле потоа, сè до денес, непрестајно славејќи Го Бога и очекувајќи нè и нас.
Црквата, мили мои, е собрание на вечно живите луѓе, зашто Триединиот Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух, е Бог на живите, а не на мртвите. Главниот белег на Црквата е светоста и сите нејзини членови се повикани да бидат свети. Треба да знаеме дека светите луѓе не се раѓаат како тавки – тие се создаваат. Денешниот празник ни го покажува тоа. Ни го предочува резултатот од подвигот на сите коишто живееле во Црквата и за Црквата, во молитва, во пост и воздржание, во добрина, во љубов, со маченичка совест, со маченички венци. Најнапред си спомнуваме за подвигот на Пресвета Богородица, која со својата чистота ги надминала дури и небесните чинови; потем, за подвигот на Светите Апостоли, кои, како што кажа денес Христос во Евангелието, ќе седат на дванаесетте престоли, за да му судат на светот (Матеј 19,28); и плодот од подвигот на добропобедните Маченици, од кои некои претходно, можеби, и немале благочестив живот, но кога дошло време да Го исповедаат Христа, им била испратена чудесна благодат, така што тие ги дале своите животи за Него. Црквата го почитува и слави нивниот подвиг, нивната жртва како нешто свето. Го имаме за пример и подвигот на многуте свети архијереи и преподобните монаси, подвижници, кои секојдневно пролевајќи духовна крв, ја потврдиле верата во Христа и станале населници на Рајот. Тука се и едноставните и обични луѓе, коишто Црквата ги признава за Светии и кои се впишани во Диптихот на Светиите. Заедно со нив се вбројуваат и безбројните праведни души, чиишто имиња не се запишани во календарчињата како Светии, но поради нивниот праведен и свет живот имаат стекнато слобода пред Господа.
Во Символот на верата, меѓу другото, ние исповедаме дека веруваме во „Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква“. Тоа е идентитетот, личната карта на Црквата. А тоа што се однесува на Црквата, личносно се однесува и на секого од нас, бидејќи во светоста Христова сите се едно. Светиите Божји се едно во Бога. Господ Христос, одејќи на доброволното и секогаш спомнувано страдање, Го помолил Бога Отецот со следниве зборови: “да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно… како што сме Ние“ (Јован 17,21-22). И навистина, Светиите се едно, затоа што заедничарат во Бога. Кон тоа заедништво со Бога треба да се стремиме и ние, доколку сакаме да се наречеме свети. Црквата е света, затоа што нејзините членови овде на Земјата се трудат да бидат свети. Разликата помеѓу светоста и несветоста е едноставна. Се состои во имањето или немањето ревност за труд и подвиг. Кога се трудиме да живееме духовен живот, упорно подвизувајќи се во христијанските добродетели, одејќи непоколебливо по патот кон обожението, тогаш и ние постепено стануваме светии. Светиите чиишто имиња ги читаме во житијата биле луѓе исти како нас, но тие упорно се труделе во доброто, се подвизувале во богопознанието и во богочувствувањето и никогаш не се откажувале. Следствено, разликата помеѓу нив и оние што остануваат несвети, е токму таа што вториве се откажуваат од подвизите. Затоа, никогаш не треба да престанеме да се трудиме во подвизите, во доброто, во љубовта, во смирението, ако сакаме и ние, како Христијани, да го стекнеме истиот идентитет што го има Црквата.
Значајна карактеристика на тој идентитет е токму соборноста. Ние исповедаме во Символот дека Црквата е соборна. Значи, секој од нас треба да живее соборно, во заедница со другите членови на едното тело Христово. Црквата е собор на светии. Но, и ние кои сме овде на земјата припаѓаме на соборот, сме во заедница со сите Светии од небесната Црква што ги знаеме по име, како и со нашите предци што живееле праведно.
Црковниот, а со тоа и нашиот идентитет е и апостолски, оти сите ние ја исповедаме, ја делиме со Апостолите истата православна вера што тие ја проповедале и за која ги положиле своите животи. Па така, доколку се трудиме во подвизите на добродетелите, во обожителниот живот во Црквата наша, тогаш и ние ќе го имаме апостолскиот удел.
Спомнав дека има многу луѓе, обични и незнајни, чиишто имиња не се впишани во диптисите на Светиите, а се свети и имаат слобода пред Бога. Во контекст на ова, ќе ви кажам за нешто што како дете, уште пред да се запишам во Богословија, сум слушал од старите свештеници во Битола. Ми раскажуваа како понекогаш, кога погребувале некој покојник во истиот гроб, односно во гробот на негови предци и роднини, многупати се случувало коските што ќе ги откопале да испуштаат неискажлива и необична миризба, чудесно благоухание, миро, коешто свештениците го собирале со памук и го разделувале на народот како благослов. Оваа појава била нешто вообичаено за свештениците, што значи дека имаме многу такви богоугодни предци, кои се радуваат кога ние живееме во Црквата како вистински Христијани, а тагуваат кога ја напуштаме и живееме во мрак и духовна темнина.
Ќе ви раскажам патем и за едно чудо од седмиот век што го прочитав неодамна. Имено, некој свештеник кој служел во црква покрај гробиштата, една вечер здогледал голема и чудесна светлина, која се издигнувала од гробот на некој новопогребан војник. Отпрвин се уплашил, но потоа, гледајќи дека светлината го успокојува, охрабрен се доближил до гробот и тука здогледал ангел. Откако се уверил дека тоа е навистина ангел Божји, богобојазливиот свештеник го запрашал: „Што направил овој војник за да се удостои со таква чест?“ Од ангелот добил одговор дека тој никогаш не пропуштил да се помоли на сите светци за кои некогаш имал чуено во својот живот. Постојано им се молел на Божјите Светии и затоа неговиот гроб сега го опкружувала таква чудесна светлина.
Гледате колку значи молитвата што ние денес ја упатуваме кон сите Светии?! Ви благодарам што денес со своите молитви се придруживте на ова најсвето богослужение, на ова евхаристиско собрание во чест на сите Божји угодници коишто се во небесната Црква. Нека тие ги услишат нашите скромни молитви и ги поткрепат нашите духовни сили, та повеќе да се трудиме за да се удостоиме и ние да се вброиме во нив.
Поттикнат денес од соборната љубов, би сакал со најтопла срдечност на нашиот собрат, Митрополитот Јосиф, кој извесно време живееше со нас во Бигорскиот Манастир, да му принесам еден скромен дар – пастирска патерица, проследена со желба и молитви да продолжи да го води своето словесно стадо со многу љубов и смирение. Истовремено ве замолувам сите вас да му помагате и да го поддржувате во неговата служба, бидејќи да се биде архијереј воопшто не е лесно. На себе почувствував колку навистина тежи архијерејскиот крст, а него отец Јосиф го понесе уште мошне млад. Затоа, ако и некогаш нешто погреши нашиот архијереј, да не бидеме брзи во судењето, бидејќи никој нема таква тежина и одговорност како првиот во епархијата. Многу подобро е да се молиме за него, учествувајќи на тој начин со љубов во носењето на неговиот претежок крст. Во врска со ова, ќе ви раскажам една случка од животот на познатиот, новојавен светија на православната Црква, преподобниот Старец Паисиј. Имено, еднаш кај него дошол некој ѓакон кој започнал да се жали од својот владика. Тогаш Старец Паисиј не сакал повеќе да слушне ни еден негов збор против владиката и строго го укорил, велејќи му: „Ти си еден ѓакон со кого се бори само едно мало демонче и гледам постојано те соборува. Како тогаш се осмелуваш да го судиш владиката со кого се борат легиони демони? Затоа, наместо да го осудуваш, сакај го и моли се за него“. Ете како нашите Отци секогаш нè поучуваат да се молиме за првите во Црквата, да се молиме за нашите пастири. Па така, и јас ве замолувам да се молите за вашиот владика, да го поддржувате и да го сакате. Нека првата свеќа што ја принесувате како дар в црква биде придружена со молитва за него.
Благословот на сите Светии нека биде со сите вас!“
Во одговор на ова пригодно слово, нашиот гостољубив домаќин, Митрополитот г. Јосиф, ја искажа својата срдечна благодарност:
„После овие убави зборови јас, навистина, не би можел ништо да кажам, освен да Ви заблагодарам за честа и за вниманието, Ваше Преосвештенство. Ви благодарам што денеска сте овде во Гостивар, во градот на гостопримството, каде, како што самиот рековте, прекрасно се чувствувате и имате убави спомени одовде. Гостивар токму тоа и значи: град на гостопримливи луѓе, на домаќини. Затоа, секогаш, кога и да посакате, сте добредојдени овде. Паметам, кога живеев во Бигорскиот Манастир, честопати заедно доаѓавме овде. Тогаш гостољубиво нè пречекуваше намесникот на овој храм, отец Боге – Бог да го прости и да му даде Царство небесно.
Покрај Вашата прекрасна беседа што ја изговоривте, ми останува само уште еднаш, од длабините на моето срце, да Ви се заблагодарам што сте денеска со нас, заедно со братството и сестринството; да се заблагодарам и за прекрасното пеење што навистина нè вивна кон небесата и ме потсети на прекрасните спомени кога живеев во Бигорски, каде што поминав скоро 12 години. Впрочем, таму го започнав својот монашки подвиг и оттаму бев повикан и избран за владика. Ви благодарам и на сите вас, кои сте сега тука, за заедно да се молиме на Бога да нè просвети, умудри и укрепи. Господ да ве благослови и сите Светии да се молат и да се застапуваат за сите нас!“