БИГОРСКИТЕ МОНАСИ ЈА ОТКРИЈА ТАЈНАТА СТАРА 98 ГОДИНИ
Монасите од Бигорскиот манастир помогнале да се дознае вистината за енигмата стара речиси еден век, која е поврзана со познатиот свештеник од Галичник, Овентиј Исаиев, и уште тројца други галичани, убиени од тогашната српска власт во Македонија. Сѐ до лани воопшто не се знаеше каде точно се наоѓаат коските од овој познат свештеник кој, како што тогаш соопштила српската полиција, мистериозно исчезнал во 1918 година. Но, откако игуменот на Бигорскиот манастир, Партениј, лани иницирал потрага по посмртните остатоци на овој свештеник и на три други лица, успеале да се пронајдат посмртните останки.
Kлучно за пронаоѓање на останките било сведоштвото на 94-годишниот ростушанец Зендел Ахмедоски, кој на игуменот му раскажал дека пред седумдесетина години тој и други соселани додека собирале дрва, во еден карпест процеп со мала пештера нашле остатоци од два скелета. За еден било јасно дека е на свештеник бидејќи на него се` уште стоела нераспадната свештеничка мантија. Но, тогаш тие не се осмелиле да ги земат коските и да ги погребат стравувајќи од српските власти. Во народот останал спомен со кој тоа подрачје се нарекувало „кај поповите“.
Пред убиството биле измачувани
Од тој настан поминале повеќе децении, при што природата уште повеќе ја скрила малата пештера. Сепак, лани бигорските монаси врз основа на ова и други сведоштва ја почнале потрагата во која им успеало да ги најдат посмртните останки на двајцата убиени луѓе. Нивните скелети биле покриени со тенок слој од хумус, гранки, лисја и камења. За тоа ја известиле и полицијата која направила увид и откопала голем број човечки коски. Пронајдени биле уште и четири патрони од пушка, катанец и клуч, неколку копчиња, монета од 10 стотинки од царството Бугарија. Утврдено е дека коските се постари од 70 години и дека, најверојатно, припаѓаат на две тела.
Истрагата утврдила дека станува збор за коски на двајца мажи на средовечна возраст кои пред да бидат убиени со стрелање биле измачувани. Балистичкото испитување покажало дека се убиени со куршуми истрелани од француски и германски пушки, какви што во тоа време користела српската армија.
Подоцна, врз основа на сведоштвата на луѓето на кои им бил познат случајот со исчезнувањето на овој свештеник и тројца други луѓе, јасно било дека се работи токму за него.
Се фалеле со убиството
Ова убиство на четворица галичани го спомнал уште порано галичанецот Ристо Бижаровски во своето дело „Галичка повест“, при што, освен за свештеникот, наведува дека се убиени уште и Русе Михајловски, Евгенија Ванкоски и Јаков Kолоски. Тие биле цел на српските власти и еден ден биле задржани по што не се вратиле во своите домови. Српската полиција по неколку дена дури излепила плакати на селската црква со потерница по нив оти избегале и во која се барало да бидат пронајдени.
Всушност, сите тие во ноември 1918 година биле стрелани. Телото на Евгенија Ванкоски било пронајдено тогаш од некој козар, а на останатите тројца не. Само се знаело дека се ликвидирани некаде во месноста Франџола, таму каде што се пронајдени остатоците.
– Мештаните ни раскажаа дека во убиството учествувале четворица жандарми. Еден од нив, кој бил од Белград и се викал Живко, по повеќе години се фалел пред печалбарите во Галичник дека учествувал во тоа – велат од бигорското братство на монаси.
За овој настан пишувале и други автори од тој период.
Инаку, Овентиј Исаиев, кој се презивал Фрчковски, бил роден во 1862 година во Галичник, а уште како мало дете останал сираче. Бил внук на познатиот резбар Макариј Фрчковски. Станал зограф и работел во многу цркви на Балканскиот Полуостров, а на крајот се вратил во Галичник сакајќи да му служи на својот народ. Така, во 1905 година бил ракоположен за свештеник во Бигорскиот манастир, а потоа станал и архијерејски намесник на Галичник. На народот му служел 13 години за да потоа умре маченички.