Бигорски манастир – Завчера во попладневните часови во Бигорскиот манастир со велосипед пристигна невообичаен и несекојдневен посетител – светскиот авантурист Кеичи Васаки, инженер за клима-уреди од Јапонија. Монасите му приредија топло добредојде и го сместија во манастирските конаци да се одмори и да ја мине ноќта…
– Прекрасно е да се престојува во овој монументален манастирски комплекс, ретко убав, кој плени со надворешната и со внатрешната архитектура, а посебно ме восхити иконостасот во манастирската црква „Св. Јован Крстител“, го започна разговорот Васаки. „Природата ме воодушевува, како и чистата вода на реката Радика, на повеќе места застанував да се восхитувам на импресивната глетка како таа се провира низ грандиозните карпи, ги преплавува…“
Авантурата со велосипед околу светот тој ја започнал во 2001 година и досега минал над 30.000 км и посетил 22 земји во Азија и во Европа. Во нашата држава влегол на 22 февруари на преминот Деве Баир, а на 17 март ќе ја напушти кај граничниот премин Ќафасан и патувањето ќе го продолжи низ Албанија, Црна Гора, Хрватска, Австрија, Германија… По неколку месеци продолжува во Африка. Сите доживувања веќе ги има забележано во дневникот што го води, ги има регистрирано со фотографски апарат и сето тоа ќе го објави во посебна книга. Васаки пеш се искачил и на Монт Еверест.
Во Бигорскиот манастир Васаки ручаше посно манастирско гравче без масло, а потоа поздравен од монасите и гостите на манастирот, кои му посакаа среќно патување, со велосипедот го продолжи патувањето по долината на реката Радика за Охрид. Во 2011 година, планира да се врати во својата држава, по десет години минати низ светот.