За болестите на зависност во современиот свет

Интервју со отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир

Отец Партениј, што според вас претставува наркоманијата?

Наркоманијата не е едноставно само соматска болест. Таа е воедно болест и на душата, пред сè на нејзината словесна сила, умот (духот). Во духовна димензија, односно дефинирана од аспект на духовната состојба на човекот, наркоманијата, пред сè, е она особено тешко страдање на душата кое го именуваме како страст. Со други зборови речено, тоа е уште едно од многуте искушенија во човечкиот род, порок што расте врз темелите на бездуховноста, или попрецизно, врз желба да се најде мир без духовен напор. Но тоа е и проблем кој повлекува зависност, која е и психичка и физичка, при што се доаѓа до целосно заробување на личноста. Слободно би рекол дека наркоманијата не е толку физиолошко и психичко ропство, колку што е сатанско – доведува до демонизираност на личноста.

Она што не смее да се занемари е фактот дека наркоманијата станува начин на живот, бидејќи ако не е така, не ќе сме во можност да пружиме помош, нема да можеме правилно да пристапиме кон лекување на болниот, а со самото тоа нема ни да постигнеме резултати.

Кои се причините поради кои некое лице употребува дроги?

Со раѓањето на хуманизмот како филозофско гледиште, кое го постави човекот во средиштето на просторот, човекот беше издигнат до идеализирана величина. Развивањето на оваа филозофија и нејзиниот замав на запад, доведе до истиснување на Бога и длабоко втемелување на атеизмот во христијанските општества. Се отиде до таму што науката и филозофијата одеднаш го сведоа човекот на една машина, со што идејата за личната слобода беше лишена од својата смисла.

Гледајќи ретроспективно, човекот се развенча со откровението Божјо и обидувајќи се да се претвори во нешто индивидуално и независно, го следеше патот трасиран од неговиот горд хуманизам, при што дојде до сознанието дека не е ништо повеќе од случаен збир на молекули – вистинска спротивност на она што хуманистички го замислуваше.

Ако е тоа вистина, тогаш филозофите, како на пример французинот Сартр, имаат право кога велат дека животот е апсурд, бидејки кога Го нема Апсолутот, ако го нема универзалното, тогаш ништо нема вистинска смисла. Многу православни теолози ваквото општество, именувано денес како постхристијанско, кое се изгради на темелите на хуманизмот и се претвори во паганско и атеистичко, го нарекуваат – филозофија на очајот.

Враќајќи се на прашањето за причините за оваа духовна и демонска епидемија, ќе подвлечам дека тие лежат токму во светогледот на младите луѓе. Тие, барајќи излез од бесмисленоста што им ја нуди современиот светоглед, т.е атеистичкиот, за кој денес сме сведоци дека се бори против сите морални христијански вредности, посегнуваат по наркотиците. На таков начин тие бегаат од суровата реалност преминувајќи во еден фантазерски, имагинарен свет и со тоа стануваат синови на таткото на лагата и фантазијата – ѓаволот.

Ако направите градација, редослед, според тежината на различните страсти, каде би ја сместиле наркоманијата?

Според учењето на Православната Црква, најтешката состојба во која би можел да се доведе човекот поради неговото богоотстапништво е демоноопседнатоста. Во тој поглед, наркоманијата ги надминува и станува мајка на сите страсти и поради тоа би ја споредил токму со демоноопседнатоста. Секако дека поимот наркоманија е релативно нов и како таков го нема кај светите отци, но тој нераскинливо и генетски е поврзан со поимот пијанство (страста кон пиење вино). А размислувања и идеи, во однос на таа страст, можеме да најдеме во многу книги и проповеди на светите Отци. Во тој контекст би истакнал еден пример од светите Отци, поточно расудувањето на преподобниот Нил Синајски, кој за состојбата на пијанството говори вака:

„Кога демоните ќе завладеат со душата, со неа се однесуваат толку гнасно и уништувачки, што во неа предизвикуваат наплив за нејзино посрамување и погубување. Соблекувајќи ја од неа сета облека на добродетелта и облекувајќи ја во парталите на порочните страсти… и полнејќи ја со секаква нечистота, што им е подобна, ја наведуваат на самофалење и ? нанесуваат крајно исмејување. Демоните не знаат за наситка од тоа гнасно и валкано однесување со човечката душа. Затоа, и оној што е роб на алкохолот, колку повеќе пие, толку повеќе се разгорува за пиењето. А злите духови настојчиво, силно и свирепо ја напаѓаат душата, со цел уште подлабоко да ја повредат. Тие ја рануваат и победуваат од сите страни и на тој начин во неа го влеваат својот отров. И не се одделуваат од неа сe додека не ја доведат до истата состојба во која се наоѓаат и тие, или додека не видат дека таа веќе се одделила од телото“.
Со ваквата состојба, што ја опишува овој голем светител, може да се спореди секој човек кој употребува наркотици. Овој пример е всушност светоотечка потврда на претходно посоченото мислење и на ставот на повеќето денешни теолози кои се занимаваат со оваа проблематика.

Кој е ставот на Православната Црква во однос на зависниците од дрогата?

Најголемиот проблем на човекот дојде преку гревот на непослушанието, а со тоа настапи и смртта. Но, воплотениот Син Божји, земајќи ја на Себе човечката смртна природа, ја исцели и и подари бесмртност. Така во Христа, човекот е должен не само да прави добри дела и да биде пожртвуван за своите ближни, туку и да се обожи. Со тоа Христос е целта и смислата на секој човек. Црквата Негова, пак, е духовно лекувалиште за сите оние кои се облекле во Христа преку крштението и со тоа во себе го носат залогот за бесмртност и вечност.

Христос дојде на земјата да го спаси токму грешниот човек. Во една прекрасна православна молитва се вели: „Тој не ја сака смртта на грешникот, туку да се спаси и да биде жив“.

Значи, Црквата преку нејзините, устроени од Бога, свети Тајни е насочена кон целосно исцеление на секој човек кој ќе го прифати таквиот светотаински и богоугоден живот. Секој грев е причина за смрт, а наркоманијата е грев кој ги надминува сите други и поттикнувајќи ги сите други гревови во човекот, забрзано и неосетно го втурнува кон вечната смрт.

Црквата мора да ги отвори ширум своите врати и да се бори со оваа страшна гревовна епидемија, бидејки таа, како Богочовечки организам, е најголема учителка во борбата против страстите и гревот.

Што всушност претставува духовниот раководител и духовното раководство?

Духовникот зазема важна улога во црковниот живот уште од апостолско време. Тоа е човек кој по благодатта Божја, остварена во љубовта Христова, пожртвувано се самозаборава себеси и севкупно го предава своето духовно искуство на своите чеда, кои духовно ги раѓа, за што ни зборува и апостолот Павле: „Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос…” (Галат. 4, 19).

Добриот пастир е подготвен да го жртвува и своето спасение за спасението на ближниот. Во неговиот подвиг за раѓање на душите и пламениот стремеж да се роди по Бога нов живот во човекот, слабее или целосно исчезнува интересот за себе и за своите потреби. Тој го дава својот живот за да се роди нов живот. Пролевајќи крв од срцето, тој ја сведочи Христовата крв.
Која е Вашата улога како духовен раководител во лекувањето?

Љубовта, грижата и молитвите на духовникот се насушна потреба за животот на секој православен христијанин. Конкретно, во случаите на зависност од дроги, поточно при работата со апстинентите, љубовта и пожртвуваноста на духовникот се повеќе од потребни. Духовникот прави сe за да ја пронајде „загубената драхма“. Да, да ја најде дезориентираната и загубена личност, да ја врати и да ја упати на вистинскиот пат. Во тој поглед и јас, последниот од сите духовници, се трудам според дарот даден од Бога, да им Го доближам Христос на сите оние што искрено ќе го отворат своето срце.

Кој е вашиот метод, пристап, во процесот на лекување на наркоманијата?

Сите методи за лекување се од духовна природа. Тука спаѓаат индивидуални или заеднички разговори на духовникот со зависниците, задолжително присуство на богослужбите, секојдневно слушање на Евангелието и поуки за време на трпезите, или кажано со еден збор целото устројство, богослужбениот ред, трпезите, послушанијата сe служи како духовен метод за насочување кон еден вистински христијански живот. Токму затоа Бигорскиот манастир е посетуван од многу луѓе од разни профили на општеството. Тие тука се запознаваат со вистинскиот светотаински христијански живот, така што се создава една света христијанска заедница, во рамките на која луѓето и надвор од манастирот црквуваат, взаемно и пожртвувано си помагаат, одејќи по патот на спасението.

Овде најважно е да се истакне дека вистинското светотаинско живеење во црквата е оној духовен лек кој е најпотребен, насушен за сите луѓе, без разлика дали паднале во искушение со дрога или не.

Што претставува послушанието и колку е тоа значајно во процесот на лекувањето?

Светите отци послушанието го ставиле над постот и молитвата, затоа што тоа ја одржува заедницата со Бога. Во тесна врска со смирението, послушанието го утврдува во човекот стравот Господен, кој е почеток на спасението. Човекот кој е послушен на својот духовен отец, својот живот го управува според волјата Божја и со сигурни чекори оди по патот на спасението.

„Дојдете чеда послушајте ме, јас ќе ве научам да се боите од Господа“ – се вели во псалмите на цар Давид. Значи, прво послушанието, а другото ќе го добиеме од Бога на дар.

Со апстинентите почнуваме најнапред со послушанието. Уште од самиот момент кога ќе влезат во манастирот, тие се среќаваат со еден необичен поредок, типик на манастирот. Значи, мораат да прават послушание на самиот типик. Послушанија се нарекуваат и сите работни задачи што понатаму ќе ги добиваат. Конкретно, кај нив послушанието ја зајакнува ослабената волја, ги прави исполнителни, при што тие, согледувајќи ја и самите духовната полза од послушанието, почнуваат да ги прават послушанијата со љубов, а не од обврска.

Што претставува покајанието и колку е тоа значајно во процесот на лекувањето?

Поимот покајание се изразува со грчкиот збор „μετανιοα“ што во буквална смисла значи – промена на својот ум, на своето мислење, преумување. Со други зборови, покајанието е промена на настроението, менување на човекот, внатре во него самиот. Покајанието е преиспитување на своите гледишта, преобразба на сопствениот живот. Свети Јован Лествичник вели дека тоа е обнова на крштението, очистување на совеста, помирување со Бога преку вршење на добри дела, кои ги заменуваат претходно направените лоши дела – гревовите.

Без покајание просто е невозможно човек да го исправи својот живот. Така и апстинентите мора да се доведат до состојба на покајание, кое ги просветлува, ги облагородува, им го менува начинот на живот и воопшто, нивниот однос кон сe што ги опкружува. Со покајанието тие веќе светот го гледаат со поинакви очи. По нивното покајание за сите станува очигледна нивната промена. Нивните очи светат од радост, исполнети се со благодат Божја, која им се дава на дар токму заради покајанието. Со покајанието, тие се трудат да го умртват стариот човек, кој се распаѓа во лажни похоти и да живеат како нови луѓе, обновени во Христос, нашиот Создател.

Дали и колку често вршите исповеди и причестувања на зависниците? Какво е нивното значење?

Исповедта е од огромно духовно значење за лекувањето. Откако при исповедта ќе се отворат раните на прегрешенијата за да бидат очистени, на светата Евхаристија се дава лекот – причеста, која доведува до целосно соединување на човекот со Бога. Таму, на светата Евхаристија, Лебот небесен, „Кој се разделува и никогаш не е разделен“, Кој Е постојано јаден и секогаш Го има, ги осветува тие што се причестуваат.

Токму затоа во манастирот е застапено честото исповедање и причестување. Тоа е нешто што ја обновува и собира црквата. Истото го практикуваме и кај апстинентите. Без честа и искрена исповед и причест не може да има духовен напредок и вистински православен живот.

Каква е улогата на Литургијата во лекувањето на зависниците?

Преку воплотувањето и жртвата Христова на крстот, конечно е излекувана човечката природа. Литургијата, благодатно содржејќи ги во себе тајната на воплотувањето, крсната жртва и Воскресението, реално во овоземниот живот го прави присутно Царството Божјо, овозможувајќи ни наполно соединување со Христа, преку Неговите тело и крв, кое највистински, благодатно ни се даваат на Светата Евхаристија. Литургијата ја сочинува сржта на нашиот живот и на самопознанието. Таа го одржува единството на личноста на секој поединец и единството на целата наша литургиска заедница.

Дали користите посебни или можеби некои лични молитви за лекување/исцелување на зависникот? Што всушност претставува молитвата?

Самиот манастир е создаден за молитва. И животот во него треба да биде молитва, така што сe во него постои и се движи за молитвата и Литургијата. Тој е вистинско училиште за молитва. Светите отци велат дека ако монахот се моли само кога е во црква, тој воопшто не се моли. Апостол Павле кажал: „Молете се непрестајно“. Овие зборови се упатени кон сите христијани воопшто.

Во духот на оваа непрестајна молитва, ние ја практикуваме кратката, но многу значајна исихастичка молитва: Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот… На неа ги учиме и оние што бараат помош од нас. Мислам дека тоа е молитвата која најмногу им помага. Апстинентите ја практикуваат во текот на нивното лекување, а понатаму, во текот на нивниот живот, таа им станува насушна потреба.

Дали им е тешко на зависниците да присуствуваат на Литургиите, на утринските и вечерните служби, повечеријата?

На почетокот, кога сè уште се непокајани и се во незнаење, тие не ги чувствуваат службите и за нив тие претставуваат тешкотија. Но откако ќе ја почувствуваат благодатната сила на богослужбата, со еден збор речено, на молитвата, тие со радост доаѓаат на заедничките молитви, учествуваат во нив, а оние што имаат слух и глас го изучуваат и црковното пеење.

Кои се предусловите зависникот да биде примен на лекување во манастирот?

Од особена важност за зависникот е неговата подготвеност и доброволна одлука да биде лекуван во нашиот манастир. Тоа е првиот услов. За таа цел, пред неговото доаѓање, остваруваме неколку телефонски разговори, во кои му укажуваме на манастирскиот ред и условите за живеење во манастирот. Второ, доколку е на метадонска терапија, слегување на минимум во дозирањето со неа и целосно откажување од неа, ако е тоа можно, уште пред неговото доаѓање во манастирот. Ако не е можно, откажување од истата во рок од една седмица по доаѓањето. Доколку не е на таква терапија, пристапуваме веднаш кон апстиненција, тука ќе се изразам со нивниот жаргон „на суво“, секако со примање на лекарства, како на пр. дијазепам, тродон, кои ги даваме во консултација со медицински лица, и тоа во зависност од апстиненцијалните кризи.

Дали се издвојуваат етапи, фази во процесот на лекување и кои се тие?

Од согледаното во моето повеќегодишно искуство и пожртвувано работење со нашите ближни, кои паднале во оваа духовна демонска болест, лекувањето и нивното целосно избавување би го поделил на три фази.

Првата фаза се состои од детоксикација, чести разговори со духовникот за наркоманијата како големо зло, укажување на сите беди што произлегуваат од неа и како втор дел од првата фаза, посочување на литература за основно запознавање со христијанските вистини – катехизација. Ова е потребно бидејќи тоа се претежно млади луѓе кои немаат основни познавања за верата. Оваа фаза трае еден до два месеци.

Во втората фаза, откако апстинентот физички наполно се очистил, се запознал со Божјото Откровение и со вера го прифатил, се преминува на разговори што треба да предизвикаат вистинско покајание, значи разговори во кои го истакнуваме големото значење на самата света тајна покајание или исповед. Во оваа фаза е и првата исповед и првата причест. Во многу случаи првата исповед не е доволно искрена, па токму затоа вистинското благодатно чувство, кое доаѓа од самата света Тајна покајание, а подоцна и од соединувањето со Христа во Евхаристијата, не следува во полнота. Но потоа доаѓаат и многу други исповеди на кои апстинентот е целосно отворен, се учи на искреност и послушание кон својот духовник, самиот чувствува потреба од духовни разговори и исповеди за сето тоа што го правел во текот на својот живот. Со тоа кај апстинентот веќе се чувствува голем психофизички напредок, кој лесно се забележува од околината и од неговите родители, кои имаат можност да го посетуваат во манастирот. Оваа фаза трае три до четири месеци.

Во третиот дел од лекувањето апстинентот е целосно избавен од погубната страст и веќе од неговите мисли е исклучена можноста за посегање по наркотици. Тој веќе навлегол во светотаинскиот православен живот, одговорен е на секое послушание што му е дадено во манастирот, кај него се видливи желбата и интересот за читање на духовна литература, за учество во богослужбите, а се јавува и желбата за честа причест. Во оваа фаза тие веќе и заминуваат во своите домови, се социјализираат, се вработуваат, многупати по препорака од самиот манастир. Надвор, како што ние монасите велиме „во светот“, тие се прифатени и заедничарат со сите членови на црковната заедница. Нивната приврзаност кон духовникот и кон манастирот, како и кај сите други христијани, останува до крајот на овој земен живот – што значи бесконечно заедничарење во Христа, бидејќи во Него нема смрт.

(Редактиран извадок од Интервјуто со игуменот на Бигорската обител о. Партениј) приготвила Даниела Гогов Симовска