Македонски монахињи изработуваат митри за епископи од целиот свет

БИГОРСКИ МАНАСТИР – Во една поголема манастирска просторија неколку монахињи од манастирот „Св. Горгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица секој дневно создаваат вредни митри и икони и изработуваат и други црковни предмети. Сестрите при изработката на митрите во себе ја искажуваат молитвата и поради тоа секоја митра е посебна. Креацијата е во согласност со везот, бојата и одеждата на епископот кој треба да ја носи на главата. Материјалот на митрата претежно е од полускапоцени камења – кристали, сваровски кристали, бисери, штрас (камчиња), позлатена жица и друго.

„Со Божја милост, нашиот духовен татко, архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, нѐ внесе во тајните на изработка на митра – украсна капа што ја носат епископите за време на одржувањето на Литургиите“, вели монахињата Варвара, најстарата сестра.

Изработката на калапот на митрата е мајсторска тајна, која се пренесува од еден мајстор на друг, додава сестра Варвара. Тајната на нашиот игумен му ја пренел бугарскиот епископ Геласиј. На четирите страни на митрата се икони со ликовите на четворицата евангелисти Јован, Матеј, Лука и Марко. Во долниот дел на митрата се наоѓа венец со 12 ушиња, а на челната страна на митрата се поставува византиски двоглав орел или икона со Исус Христос. Сите елементи на митрата на симболичен начин го претставуваат трновиот венец.

Во МПЦ само во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ се изработуваат митри, кои се мошне квалитетни и барани од епископите, не само од македонската Црква, туку и пошироко. Од 2003 година до денеска, монахињите имаат изработено над 150 митри што ги носат великодостоинственици на православните цркви во Америка, Африка, Русија, Грција, Украина, Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора и во други држави, а меѓу нив и Ерусалимскиот патријарх и Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Минатото лето на сестринството од манастирот „Св. Ѓорѓија Победоносец“ на гости им беа монахињи од православниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ од Бостон, САД, со кои тие воспоставија сестринска соработка. Како плод на оваа соработка, деновиве добија велигденски подарок – икона со Пресвета Богородица и икона на св. Јован Крстител. Двете икони на големиот празник Велигден ќе бидат поставени кај балдахинот, што е изграден на влезната порта на Бигорскиот манастир. Сестрите од манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ им испратија ноево јајце на кое е нацртан Исус Христос.