Во Бигорски манастир се градат библиотека и саат-кула

Бигорски манастир – На источната страна на Бигорскиот манастир започнаа работите на изградбата на новите конаци, библиотеката со читалнa и на саат-кулата. Според игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, на источната страна на манастирот во 19 век постоеле конаци, со иста архитектура како на Горни Палат, а доказ за тоа се пронајдените фотографии. Пред овие конаци е насликан Арсениј, игумен на манастирот, по потекло од Галичник, а сликата се наоѓа во манастирската галерија. При расчистување на локацијата пронајдени се остатоци на ѕидови од монашки ќелии, кои се доказ дека тука се наоѓала градба.

Новите конаци ќе ги поврзат Долни и Горни Палат, а со тоа трите страни на манастирскиот комплекс ќе се поврзат и ќе заокружат една целина, при што само западната страна ќе остане „отворена“. Конаците ќе бидат изградени на три ката и ќе располагаат со 20 монашки ќелии и параклис посветен на св. Никола. На два ката, кои ќе бидат поврзани меѓу себе, ќе биде сместена манастирската библиотека со читална кои ќе располагаат со над 500 квадратни метри корисна површина. Манастирската библиотека ќе биде од отворен тип.

Бигорската манастирска библиотека ќе биде најголема, не само во нашава држава туку и пошироко во регионот, и според просторот што ќе го зафаќа и според бројот на книгите кои биле собирани и грижливо чувани од монасите низ неколку века. Саат-кулата ќе биде висока околу десетина метри и највисока од сите градби на манастирскиот комплекс. Во долниот дел ќе бидат изградени монашките ќелии, а на врвот на кулата, покрај часовниците што ќе го означуваат времето за почеток на богослужбите, ќе се наоѓа и зографилница.

Изградбата и на овој дел на конаците ќе биде со автентична македонска градба со градителски особености и специфики на монашките конаци, како што се конаците Долни и Горни Палат. Всушност, и овие конаци ќе бидат идентични како и постојните.