Словенци му го претставуваат Бигорскиот манастир на светот

БИГОРСКИ МАНАСТИР – Манастирскиот туризам е голема и неискористена можност за афирмирање на нашето богато црковно наследство, на големиот број манастири и цркви, а истовремено и идеална можност да се зголеми присуството на странските и на домашните туристи во Македонија и да се остварува поголем туристички промет. „Домашните туристички агенции воопшто, или благо речено, недоволно се ангажирани околу тоа на туристите да им ги презентираат и на домашната, а посебно на странската јавност да им ги доближат убавините на нашите извонредни и уникатни манастири и цркви “, вели архимандритот Партениј, игумен на манастирот „Св. Јован Крстител“. Тој додава дека словенечката туристичка агенција „Компас“ во туристичкиот водич „Патување по Европа“, во кој се претставени најпознатите европски туристички центри, на заинтересираните туристи им ги претставува и нашите манастири и им нуди организирана посета со пет аранжмани со неколку варијанти и со точно утврдени термини за посета и престој. Поради рекламирањето од страна на оваа туристичка агенција, од почетокот на годинава па до сега, нашите манастири ги посетија неколку групи туристи од Словенија и од Хрватска.

Основач на Бигорскиот манастир е монахот Јован, кој во 1020 или 1021 година ја изградил првата црква, а низ вековите се градел и доградувал, се уривал и се обновувал, но во последниве десетина години, по пауза од половина век, повторно е повратен сјајот на ова духовно древно светилиште. Манастирот е познат и привлечен поради извонредниот и неповторлив иконостас, изработен од оревово дрво со длабока резба, а го изработиле мијачките копаничари Петре Филипоски – Гарката и Макариј -Фрчкоски, меѓу 1830 до 1840 година. Исто така, вниманието го привлекуваат и манастирските конаци, галеријата на икони, големата трпезарија во која можат да се сместат над 200 гости и целиот амбиент во кој се наоѓа овој наш познат манастир.

Пред триесетина години некој германски турист бил заинтересиран да го откупи иконостасот и понудил злато колку што тежи иконостасот. А, турист од САД оставил бланко чекови, оставајќимакедонската држава да ја напише вредноста на ико-ностасот. Меѓутоа, од тогашните македонски власти било одговорено дека иконостасот не е на продажба.

Манастирскиот конак кој беше осветен пред една година, располага со 80 легла, кои се сместени во комфорни соби со тоалети и бањи. Гостите имаат на располагање заедничка кујна и трпезарија, како и простории за одмор и читање. Во манастирската продавница посетителите можат за спомен да си купат икони изработени од калуѓерите и калуѓерките на Бигорскиот манастир и на манастирот во с. Рајчица, како и манастирска мастика, разгледници од двата манастира, книги и други црковни сувенири, ЦД со црковно пеење и друго.

Во изминативе неколку месеци е регистрирана зголемена посетеност на Бигорскиот манастир, а особено од страна на странски туристи. Голем број од нив остануваат на ноќевање по еден-два дена, а некои дури и до десетина дена, за да се насладуваат на природните убавини и реткости што им ги нуди долината на реката Радика. Условите се одлични, местоположбата на Бигорскиот манастир е извонредна, истото се однесува и на манастирот во село Рајчица, од каде што Дебарското Езеро се гледа како на дланка, и е неспорен магнет за секој турист.

Најбројни се туристите од Грција, Бугарија, Србија, Германија, Чешка, Русија, Украина, Франција, Америка.