Во манастирот Свети Јован Бигорски, пред огромен број посетители, се случи македонската премиера на документарниот филм Метох на режисерот Стојан Вујичиќ.
„Метох“, 20-минутниот документарец на режисерот Стојан Вујичиќ, кој е сниман во текот на 2010 година во македонските манастири Свети Јован Крстител, познат како Бигорски и во женскиот Свети Ѓорѓи Победоносец во Рајчица крај Дебар, говори за секојдневието на овдешната монашка заедница и за мотивите што ги инспирирале некои од нејзините членови да донесат одлука за замонашување. Наедно во него е претставен начинот како се иработуваат познатите епископски капи, таканаречените митри, а кои ги носат владиците од многу православни земји.
Всушност, филмот порачува дека животот не е само она што секојдневно го гледаме, а потсетувајќи се на атмосферата од македонската премиера на делото режисерот Вујичиќ ќе забележи:
„Некако го примија филмот како, еве сега видовме дека целата онаа радост и среќа што се огледува во филмот и за која самите монаси и монахињи зборуваат за неа, дека тоа не се луѓе кои што се кријат позади некакви ѕидини, туку уживаат, среќни се со Бога и живеат со Бога… ете таа радост и среќа успеаа да се пренесе и на останатите.“ (Стојан Вујичиќ, режисер)
„Метох“ е сниман по идеја на Викторија Стефковска, продуцент беше Огнен Антов, а во неговата реализација учествуваа Езоп продукција и Дрим фектори. Филмот деновиве ќе биде прикажан и во Марков манастир крај Скопје, а потем започнува и неговото патешествие по фестивалите низ светот.
„Најблиску до сега е можеби еден фестивал кој се одржува во Азија и во азиските делови, значи во Катманду, така што мене крајно интересно ќе ми биде да однесам еден филм со христијански вредности на тло каде будизмот е многу поприсутен.“
Инаку, Вујичиќ кој е автор и на делата Крајот на светот е и почеток на светот, Дишењето ме одржува, а работел и како продуцент и директор на фотографија на повеќе остварувања, мометално е фокусиран на завршувањето на филмот Што е љубов? инаку сниман на неколку континенти со луѓе од 40-тина нации и посебно на приказната за македонскиот змеј.
„По преданијата постоел змеј којшто се криел и крадел девојки, меѓутоа најбитната работа со него е дека ако успее да ја фати ламјата на територијата на Македонија ќе добиме просперитет. Така го замисливме како комплетна мултимедијална проекција.“
Љупчо Јолевски (Новинар, водител и уредник, Радио Слободна Европа)