Во духот на заедничарењето и на благодарноста, ни претставува особена радост што одново имаме можност ретроспективно да ви го претставиме нашето годишно патување низ 2023 лето Спасителово. Работејќи смирено над нивата Господова, со трпение, вера и молитва, ја испраќаме минатата година со повеќе значајни настани – сведоци на еден добар подвиг, залагање и посветеност, со цел духовно возрастување на Црквата Божја. Од свештени богослуженија до значајни културни собири, секој настан беше празник на духовноста и на заедништвото, сведок на нашата заедничка мисија и соработка во љубовта Христова.
Под небесна закрила и водство на Свети Јован Крстител, неуморниот заштитник на нашиот Манастир, и со благословот на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со огромна благодарност и надеж за светлата иднина, го започнуваме новото Лето на благоста Господова. Се молиме за благословена година, исполнета со духовен раст, љубов и радост во Христа Господа. Ви благодариме што сте дел од нашата поширока заедница и ви посакуваме благословено духовно патување и растење во новата година.
Со благослов и почит, ве покануваме да продолжите да нѐ следите и да останете поврзани со нас низ настаните и миговите на молитвено заедничарење и годината што настапува. Нека ни е благословено новото 2024 Лето Господово, носејќи радост и мир во Христа и духовно обогатување во нашите срца. Амин.
1. Концертно торжество во Кичево
02 јануари/15 јануари 2023 лето Господово
Откако се насладивме со Рождественската радост, која после божикното литургиско торжество во храмовите продолжи со големиот Божикен концерт во прекрасниот амбиент на Македонската Филхармонија, еве повторно, новото лето Господово нѐ повика на ново духовно веселие. Овој пат, домаќин на празничниот амбиент беше градот Кичево, кој блескајќи со посебен сјај, чиниш од секое свое катче ја излеваше божикната радост за сите.Повеќе
2. Промоција на документарниот филм за Бигорски во Рим
02 февруари/15 февруари 2023 лето Господово
Во свечениот амбиент на „Понтификалниот институт за ориентални студии“ во Рим, се одржа проекцијата на документарниот филмот „1000 години – Сведок на Светлината“, посветен на илјадагодишнината на Бигорскиот манастир, во авторство и режија на Илија Ико Каров.Повеќе
3. Големи почести, благослови и достоинства од Вселенската Патријаршија
28 март/10 април 2023 лето Господово
Во денот на свеченото и славно влегување на Спасителот наш Господ Исус Христос во Светиот Град Ерусалим, на овој голем празник – предвесник на триумфот на Животот над смртта, на Доброто над злото, на Љубовта над омразата; празник на чистата и серадосна пофалба кон Господа од непорочните детски усни и од незлобливите срца на возрасните, најсветата Охридска Архиепископија и нашата Свештена Бигорска Обител беа удостоени со највисока чест и со свештени достоинства – Архимандрити на Вселенскиот Патријаршиски Престол.Повеќе
4. Велигденски концерт во Кичево
18 април/1 мај 2023 лето Господово
На голема радост за кичевчани, втора година по ред, во просториите на Центарот за Култура на Кичево, се одржа Велигденскиот концерт, во организација на Здружението на млади за заштита на народното и духовно наследство „Митрополит Козма Пречистански“.Повеќе
5. Струшката Еордија во најсјаен блесок
25 април/8 мај 2023 лето Господово
Торжествата кои сè уште го следат серадосното празненство на Воскресението Христово, со особено ликување ги радуваат срцата на Христијаните не само од земјава, туку и од подалеку. Така, и оваа година традиционалната струшка Еордија, која веќе прерасна во сенароден настан кој собира огромно множество верни, восхитувајќи ги и сплотувајќи ги во еден дух и во една мисла, му оддаде благодарност и почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец од манастирот во Рајчица, неговата древна чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја.
Празничната вечерна богослужба беше отслужена од страна на нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, од возљубениот ни Старец епископот Антаниски, г. Партениј, а на наша особена радост, учество во вчерашното празнување во Струга за прв пат зеде и архиереј од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој допатува на покана од владиката Тимотеј, за да биде негов почесен гостин.Повеќе
6. „Мал Битолски Монмартр“ во Бигорски
13 мај/26 мај 2023 лето Господово
Бигорскиот Манастир беше средиште на еден несекојдневен културно-уметнички настан – детската ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“. Оваа уметничка манифестација беше организирана од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски. Стотина млади уметници од 22 земји во светот, со своите штафелаи, четки и палети и пред сè, со својот уметнички талант и младешки творечки дух, го красеа манастирското двориште, пренесувајќи ги на сликарско платно архитектонските и природните убавини на Манастирот, секој преку својата лична естетска перцепција.Повеќе
7. Монашко поклонение во светителородниот Имврос
27 мај/9 јуни 2023 лето Господово
На овој необичен и волшебен спој на природната убавина и духовното благо, станавме сведоци и ние, браќата од Бигорски и сестрите од Рајчица и Пречиста, откако по благословот на нашиот свет архипастир, Митрополитот на богочуваната Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, и водени од татковската љубов на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, се удостоивме да се поклониме на дел од светињите на тој чудесен остров, кој, меѓу другото, е татковина на Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј. Впрочем, Имврос е родното место на бројни Христови архиереи, монаси, светии и служители Божји.Повеќе
8. Именденско празнување на Сесветиот Вселенски Патријарх во Манастирот на Живоприемниот Источник – Балаклија
28 мај/10 јуни 2023 лето Господово
Престолнината на Православието, главниот град на некогашната славна Византиска Империја, Константинопол, кој според одредбите на светите Вселенски собори е Првиот престол на Православието и место каде што пребива Великата Христова Црква, повторно беше средоточие во кое притекнаа стотици верни, за да бидат дел од прославата на споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и именденот на Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Константинопол – Нов Рим и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј.Повеќе
9. Филхармониски концерт во Бигорски
23 јули/5 август 2023 лето Господово
Осветениот простор на нашата Свештена Обител беше украсен од присуството на триесетина млади благочестиви и уметнички души од Р. Грција, кои допатуваа кај нас за поклонат на големата Бигорска светиња, но и да ни приредат едно несекојдневно и топло музичко доживување. Станува збор за младинскиот градски филхармониски оркестар на општината Амфилохија, кој, предводен од виртуозниот маестро г. Георгиј Цогас, одржа еден прекрасен благозувчен концерт во дворот на Манастирот. Имено, во таинствената прегратка на ноќта, под нежниот сјај на сребрената луна, среде ѕидовите на илјадалетното Светилиште, овие млади вљубеници во убавото и возвишеното, со души совршено вклопени во ритамот на амбиентот, ни отсвирија повеќе композиции од најпознатите современи грчки композитори на традиционална музика.Повеќе
10. Осветен Храмот на Пресвета Богородица во с. Ростуше
18 јули/31 јули 2023 лето Господово
Наплив на славословие, благодарност и ликување ги обзема душите на Православните во Река, но и пошироко, затоа што станавме сведоци на исклучителните благослови Божји што се излеаја во славното мијачко село, чиешто име значи токму тоа – радост на душата! А и како да не биде радост на богољубивите души, кога тоа село со векови било сместувалиште на велелепни храмови на Онаа Која со самата своја појава го израдува светот и со своето раѓање му донесе спасение на човештвото?Повеќе