„Нова Македонија“ му додели признание на отец Партениј

Во свечена и топла атмосфера, денес во „Порта Македонија“ – Скопје, беа доделени признанијата „Личност на годината“ за 2012 година, на десетте личности што редакцијата на весникот „Нова Македонија“ ги избра за исклучителен придонес во афирмацијата на Република Македонија. По речиси едномесечното гласање на анкетата „Личност на годината“ на веб-страницата на „Нова Македонија“, најголем број гласови доби нашиот старец, архимандрит Партениј.

Статуетките и признанијата на добитниците им ги додели главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, г. Зоран Димитровски.

Поради временското совпаѓање со молитвеното испраќање во вечен живот на мајката на еден монах од нашето братство, нашиот старец не беше во можност лично да присуствува на оваа свеченост, а наградата во негово име ја прими нашиот собрат, јеромонахот Доситеј. Притоа, пред присутните беше прочитано пригодното писмо што до редакцијата на „Нова Македонија“ го испрати архимандритот Партениј:

“Почитувани,
Неизмерно се радувам што редакцијата на „Нова Македонија“ го препозна хуманото дело што во име на Бога се прави во нашиот манастир и одлучи да го вклучи во толку престижен избор, за Божја слава, а за голема полза на народот. Зашто токму тоа е и духовната улога и мисија на нашиот манастир – да Го сведочи Бога и да им послужи на луѓето, учејќи ги на љубов кон Бога и кон своите ближни. Всушност, нема поголема полза за човекот од тоа да научи дека целта на неговото постоење како христијанин, меѓу другото, е да ги прави другите среќни и радосни во Господа. Тогаш тој вистински ја исполнува Божјата заповед – сакај го ближниот свој како себеси. А таа љубов прави чуда, ги преобразува луѓето и ги менува животите. Христовата љубов му го враќа загубеното достоинство на човекот.

Искрено би сакал со целото свое срце да побарам прошка од сите Вас, што денес навистина не бев во можност лично да дојдам и да присуствувам на овој свечен и достоинствен настан. Сметав дека при неможност лично да дојдам, најдобро би било да испратам духовни чеда во свое име, бидејќи токму тие, духовните чеда, се нашата радост пред Господа, плод на нашиот макотрпен труд од изминатите 17 години и украс на нашата свештена обител. Тие се нашите сопатници кон Царството Небесно и заедно со нив се учиме да преуспеваме во мерата на Христовата љубов. А блажен е човекот во кого има љубов Божја, зашто тој во себе Го носи Бога. Бог е љубов и оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога и Бог во него (1. Јован 4, 16).

Со почит,
Архимандрит Партениј,
игумен на свештениот Бигорски манастир,
со своето во Христа братство“