Денес чудо необично бива

Беседа на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски г. г. Стефан

(На Педесетница, 12.06.2022 г., Сечесен Патријаршиски храм Свети Георгиј Победоносец, Фанар Константинопол)

Во[1] овој миг на трепетна радост, се сеќаваме но и живо на себе чувствувајќи ги – се  сообразуваме, без да правиме изедначување, со ликовите и со настаните, со зборовите од вознесенската Вечерна богослужба, кога апостолите, пребивајќи во скрб заради разделбата со Христа Господа, „во тага и солзи, плачејќи говореа: Животодавче Христе, нè оставај не сираци….[2]

Денес, во овој завршен Празник, ние, членовите на Охридската Архиепископија, почувствувавме дека не сме сираци, туку, откако се најдовме во татковската прегратка на Неговата сесветост, возљубениот патријарх г. г. Вартоломеј, враќајќи се од „туѓа земја“, седнавме на трпезата Господова и ја разбравме желбата на пророкот Малахиј: Тој ќе ги обрне срцата на татковците – кон децата нивни и срцата на децата кон татковците нивни[3]  Еве сме, прифатени и возљубени, сослужуваме со приносителот на денешната заедничка жртва од „сите и за сè“, учествуваме во смислата на таинството на Педесетницата кога Божјата благодат се разделува неразделно меѓу разделените.

Ова денешно собитие за нас значи многу: оттаму, од каде што ја почувствувавме иницијативата и го слушнавме радосното решение за нашето барање за еклитон, таму и служиме, и признание добиваме и во литургиското единство со сите се внесуваме, и тоа не каде било – туку во католиконот на Христовата Црква, во таа за нас „горна одаја“; не во кој било ден или празник на верата, туку токму на празникот Педесетница, кога „се востанови Црквата, од аспект на тоа дека апостолите станаа членови на Телото Христово“[4].

Денес ние, децата на надежта и на верата, кои јадевме од трошките што паѓаа од трпезата[5], го разбираме она: голема е твојата вера, нека ти биде по желбата твоја[6]. Денес, станувајќи дејствително членови на Телото Христово, се радуваме со чедата Сионови, зашто ги гледаме гумната наполнети со жито, бочвите преполнети со гроздов сок и масло[7], ја гледаме отплатата Господова за деновите на скрб и искушенија[8], чувствуваме дека врз слугите и слугинките се излева Духот[9].

Денес чудо необично бива – при разделението на огнените јазици, луѓето во единство се соединуваат. Денес, ете, се исполнува уште едно таинство на Педесетницата: заедно со јазикот на отците, и на нашиот јазик, кој се именува по Словото, се исполнува чудото на Духот, па ете се „проповеда бесмртниот Бог и Слово, Кој на душите наши им дава милост голема“[10].

Денес го гледаме остварувањето на зборовите на првоврховниот апостол: вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина[11]. Денес со пророкот Јеремија извикуваме: О, Господи Боже за тебе не постои ништо невозможно; Ти покажуваш милост на илјадници[12], и со псалмопејачот пееме: Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои се надеваат на Тебе[13]

Возљубени потомци на неботајниците,

       Историјата на Охридската Архиепископија говори дека таа во своето лоно згрижувала и духовно хранела многу народи, се протегала по многу пространства. Денес, еклисиолошки омеѓена во своите современи граници, го продолжува наследството на својата славна свештена историја, и тоа повторно за да љуби, за да обединува, за да пријателствува и за да сослужува, одбивајќи да ги прифаќа во своето служење критериумите и состојбите кои произлегуваат од некакви ниски мотиви и од нереални илузии.

      

Ваша Сесветост,

Следново што сакаме да го кажаме, го доверувавме во своите писма и во нашето барање за еклитон, но еве сега сакаме и јавно да го кажеме. Да, ние сме патриоти, како што се и сите наши соседни народи! Ја љубиме и земјата каде што сме родени и живееме и народот од кој сме и меѓу кој живееме. Но ги љубиме и нашите соседи! Ги љубиме и соседните архијереи од Вашиот престол во Северна Грција. Чекаме со љубов и нетрпение да ги сретнеме лице в лице, да ги прегрнеме, да сослужуваме со нив. Ова некогаш беше еден сон, но денес е реалност – а Вие сте ангелот чувар на таа реалност.

Возљубен свештен собору,      

Има една очигледна вистина – ако  сакаме да ја видиме историјата на Охридската Архиепископија, не може да ја гледаме без присуството на Вселенската Патријаршија. Многу од наследството на Охридската Архиепископија е поврзано со центарот – и во црковната уметност, и во градителството, и во богослужбената традиција итн.

Сè што ќе се сотворело, во својот голем и пораскошен облик, во Константинопол, се појавувало, во својот помал и поскромен облик, и во Охрид. Оваа синергија историски имала свои славни и добри, но и лоши и неповолни моменти, но она што сакаме да го нагласиме е дека Мајката Црква во Константинопол секогаш знаела, а и денес знае, љубовно да го најде патот до срцата на онеправдените, обременетите, страдалните, изнемоштените од неприликите на времето и на историјата, па дури и кога тоа се случувало и поради нејзините постапки.

Таа никогаш не престана да се дели, да се споделува, да одделува од себе за да ги израдува своите деца. Така, изземајќи ги старите Цркви на Исток, сите други Цркви, и тоа во времиња неповолни и тешки, времиња страдални, маченички, се создадени со нејзиниот благослов и од нејзината канонска територија… Така бива и сега, со ова воздигнување и со ова возобновување на Охридската Архиепископија.

Ваша Сесветост,

Вам Ви е добро познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква. Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме….   

Во Вас е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство, при Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? сите ги милуваш сè запазуваш ги сакаш душите[14].

Нашиот завет е дека упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените.

Нека одекне силно, преку гласот на Мајката Црква и владичица, началничката помеѓу Помесните Цркви, веста за ова денешно собитие на воспоставувањето на литургиското единство низ православниот свет, за оваа Педесетница во која, после столетија и столетија, Константинополскиот патријарх претстоеше на заедничкото дело на Црквата, сослужувајќи со Охридскиот Архиепископ, таткото со синот, братот со братот, сослужителот со сослужителот… Денес сите заедно слават и се радуваат: Небото и Земјата, живите и покојните, минатото, сегашноста и иднината!

Нека е за многу години денешнава радост! Нека е нераскинливо нашето завештание со Светата Мајка Константинополска Црква! На многаја лета, Сесвет Владико!


[1] На Педесетница, 12. 06. 2022 г., храм „Свети Георгиј Победоносец“, Фанар, Константинопол.

[2] Стихира на Господи Возвах, Велика вечерна на Вознесение, „Цветен Триод“,Скопје 2009, 369.

[3] Малах 4, 6.

[4] Митрополит Јеротеј Влахос, Господовите празници, Скопје 2011, 261.

[5] Мт 15, 27.

[6] Мт. 15, 28.

[7] Јоил 2, 24;

[8] Сп. Јоил 2, 25.

[9] Јоил 2, 29.

[10] Голема Вечерна, Недела на света Педесетница, Цветен Триод, Скопје 2009, 479.

[11] 1 Петр. 2, 9.

[12] Јеремија 32, 17 и 18.

[13] Пс. 30, 19

[14] Сп. Мудрост Соломонова 11/ 22,  24 и 27.