Благодарноста е една од наjполезните добродетели за душата, рекле светите отци на нашата православна Црква, добродетел која возвишува до самите предели на божественоста. Зашто вистинската, искрена, нечовекоугодничка благодарност за добрите нешта е, можеби, најсилен начин да Му се искаже достодолжното признание и пофалба на единствениот Творец на сите тие добри и Нему угодни нешта – семилоствиот наш триипостасен Бог, Кој твори прекрасни дела преку Своите послушни и верни чеда.
Оваа благодатна вечер бевме сведоци на една таква искрена и голема благодарност. Во чудесно убавата Битола, во топлиот амбиент на ресторанот „Премиер“, Здружението за Македонско и Босанско-херцеговинско пријателство и соработка „МаБиХ“ од Битола, на нашиот старец, архимандрит Партениј, му додели благодарствено признание за – како што се вели во официјалното соопштение – „несебичната поддршка и помош на младите, кои во овие години, каде што на секој чекор демнеат пороците, се жртви на депресии, зависност и сл. Отец Партениј со својата свештена обител, спаси многу млади наши синови и ќерки, врати многу родителски насмевки и зачува многу бракови. Од нас, отче Партение, само едно големо благодарам, од Господ повеќе…“ Ова, за нас толку драго признание, на нашиот старец му го врачи лично амбасадорот на Република Босна и Херцеговина во Македонија, Неговата Екселенција г. Здравко Беговиќ.
Покрај архимандрит Партениј, добитници на слично признанија се и: г. Мите Стефоски, директор на Струшките вечери на поезијата; д-р Глорија Гашпар, здравствен работник во хосписот за терминално болни лица „Сју Рајдер“ во Битола; г. Рајко Господнетиќ, директор на „Подравка“ АД – Скопје; и здружението „Лајфстарт“, невладина организација за помош на деца во рана возраст, која оствари хуманитарна кампања во с. Десово.
Крајот на оваа прекрасна манифестација на благодарноста го украси самиот нејзин организатор, а воедно и претседател на „МаБиХ“, благочестивата г-ѓа Вера Благојевиќ, со едно вдахновено стихословие посветено на нашиот старец од нејзината новоиздадена поетска збирка „Т’га за споменот“:
БЕЛА БРОЈАНИЦА ЗА СТАРЕЦОТ
Еден Отец, Господ ни дари,
Духовник, кој љубов ни подари,
Неговото слово, проповеда вера,
А лошото од нас, го протера.
Биди ни агилен и полн со мудрост,
Елан Господ да ти дава,
Лете, зиме полн со кроткост,
Арно е за оваа држава.
Биди тука за нашите глави,
Радувај се старецу, слави,
Овој живот, за нас беше тежок,
Јадови пусти, под камен жежок.
А Господ уште нѐ сака,
Нека биде како ќе нареди, така,
Има денови светли, има глас,
Целта во нив е спас.
Амин Господи, од сите нас.
За тебе се молат многу мајки,
Арното ги врати, во најубави бајки.
Овде сега си љубов силна,
Таму биди наша вера милна,
Ете потаму, надеж биди,
Царувај Господ, да нѐ види.
Помогни, има уште можност трошка,
Ако милуваш, дај ни прошка,
Радувај се и ти, спасени се тие,
Тешко е бремето, знаеме ние,
Еве ги твоите синови мили,
Најмногу те красат твоите сили.
И се молиш за нас во храмот свет,
Јадови нема, ти си нашиот рајски цвет.