Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим

Светлоносен факел денес ни распламти, христољубиви, факел што со својата светлина ќе нè води низ темнината на Христовите страдања, сè до Неговото преславно и сесветло Воскресние. Радост ни се даде денес, христоносци, радост што ќе ги топли нашите срца во студените денови на предавството, судењето, страдањето, исмевањето, Распетието на Спасителот, кога од тоа невидено студенило и сонцето се помрачи и земјата се затресе. Благост вкусивме денес, благословени, благост што ќе ги крепи нашите души за време на најголемата горчина што вселената ја осетила, и ќе ни биде предвкус на неискажливата сладост на Пасхата сесвета. Зашто, ете, денес необичен Посетител во Ерусалим влегува и светлина, и топлина, и радост, и благост со Себе донесува. Тоа Царот на Небесното царство, како смирен Човек Кој на осле јава, во светиот град допатува. Бил Он и претходно во Ерусалим, но скриено од очите на другите како некој непознат и безначаен странец. А еве, сега Он како Цар на сите им се објавува и од народот со палмови гранчиња и ликувачко торжество како таков се пречекува! „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ (Јн. 12, 13) И што има чудно во тоа цар кој во битка победил, победоносно меѓу народот свој да доаѓа? Зашто Христос уште претходниот ден, како Цар над животот и смртта, смртна рана на смртта ѝ зададе. Доволни беа само Неговите божествени зборови: „Лазаре, излези надвор!“ за смртта да ги покаже својата немоќ и знаците на нејзиниот конечен пораз; „Лазаре, излези надвор!“ – и оној што веќе почнал да се распаѓа стана, изгниениот започна да чувствува, мртвиот оживеа. Човекољубивиот Господ го воскресна четиридневниот Лазар за на учениците и народот да им покаже на дело дека крстот и смртта не се последица на некаква слабост, да ги убеди дека Тој е Оној Кој и со смртта заповеда и душата ја повикува. Откако тоа Спасителот така премудро го направи, и на смртта победоносна војна ѝ објави, денес како триумфален Цар во Ерусалим се покажува. Да, на шестиот ден пред Пасха, во самото предворје од Неговите искупителни страдања Он и овде, на земјата, ја навестува славата на Своето Царство, повикувајќи нè сите како идни граѓани на тоа Царство, да станеме поданици на Тој „смирен и кроток по срце“ Цар (Мт. 11, 29), чиешто „Царство не е од овој свет“ (Јн. 18, 36). Цар чијашто власт и величие е единствено љубвата божествена. Он дојде не да ја покаже Својата семоќ и сила, ниту пак да се зацари како земските цареви, туку кротко да го прими сето она страдање што паднатиот род човечки му го подготви, иако Он само добро му правеше и на крај дури и вечно спасение му подари. Он дојде не да воспостави некакво земско Јудејско царство, во кое луѓето и понатаму би биле слуги на смртта, ѓаволот и гревот, туку да благовести и со Себе да донесе Царство Божјо, спасение од смртта, ѓаволот и гревот.

Затоа, денес, на тоа торжество во раскошно украсениот Бигорски храм, на таа чудесна богослужба, на тоа тајноводство поведени од нашиот возљубен старец, архимандрит Партениј, нашите срца толку радосно воскликнаа: „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ Со тоа како уште еднаш да посведочија дека сè уште царува и вечно ќе царува Царот, Кој уште тогаш, во Ерусалим, го објави Своето бесмртно Царство, на шестиот ден пред Пасха, во самото предворје од Неговите искупителни страдања. Гледајќи го пред себе смирението на нашиот старец, додека со искрено чедољубие нè поучува, сакајќи вистински да ни ги подготви срцата за тие да можат целосно и без никакви други мисли да се нурнат во болката на страшните собитијата што следат и откако до крај ќе ја изодат Голготата, да го дочекаат и своето воскресение во славното Воскресение на Христа, не можевме а да не се почувствуваме како некогаш славните Апостоли, кои токму пред страдањата Христови седеа покрај Него и ја слушаа Неговата животворна беседа, така поткрепувачка за колебливите и нејаки души:

„Какво е, возљубени, ова прекрасно собитие што денес така радосно го празнуваме? Каква е оваа победничка поворка, овој ликувачки сјај во Ерусалим? Денес нашата света православна Црква прославува еден од најзначајните настани од животот на нашиот Спасител Господ Исус Христос на земјата. Како што пред малку можевме да слушнеме од светото Евангелие, Он на шест дена пред големиот еврејски празник Пасха, пред самиот почеток на Своите искупителни страдања за човечкиот род, во Ерусалим беше пречекан од народот со голема слава, чест и величие, со палмови гранчиња, онака како што во тоа време се дочекувале само војсководците и царевите. Зашто палмовите гранчиња биле симбол за победа и биле доличен дар само за победниците во битките. Но, можеби ќе се запрашате од каде сето тоа мноштво народ собрани на едно место. Всушност тоа било тогаш еден голем празничен собор, едно сенародно празненство, Евреите го празнувале својот најголем празник, старозаветната Пасха – избавувањето од Египетското ропство. Токму затоа, градот Ерусалим, местото на величествениот Соломонов храм, единствениот во кој Евреите можеле да принесат благодарствени жртви и жртви за своите гревови, бил преполн со народ. Раселени по целиот свет, тие пред овој најзначаен за нив настан, итале од сите страни и како реки надојдени се влевале во својот свет град. Ерусалим зрачел, натопен со оваа претпразнична атмосфера на свечено исчекување на великиот празник. Но, ете, еден чудесен Посетител, со Својата божествена и царска појава, неодоливо ги привлекува погледите и веќе насобраното мноштво со мислите свои го напушта Соломоновиот храм, ги остава своите свештеници, ги заборава жртвите за кои толку долго време се подготвуваше, и сето свое внимание Му го дарува на Христа, Кој смирено влегува во Ерусалим од Маслиновата гора, качен на осле, сакајќи доброволно да се предаде Себеси за спасение на светот. И веќе никој не прашува, како претходно: „Кој е Овој?“, зашто вдахновени од Светиот Дух, тие нешто и насетуваат. Затоа облеките послани пред Царот, за патот да Му е поугоден и подостоинствен, затоа сите заедно, и мажите и жените, па дури и малите дечиња со радост извикуваат: „Осана! Благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!
Благословено е царството на нашиот татко Давида, кое иде во името Господово! Осана на висините!“ (Мк. 11, 9-10) Знаете што значи Еврејскиот збор ‘осана’? Во превод тој значи ‘спаси’, и ни доаѓа од псалмите на светиот пророк и цар Давид. Сте читале: „О, Господи, спаси! О, Господ, побрзај! Нека е благословен Оној, Кој доаѓа во името на Господа! Ве благословуваме од домот Господов. Бог е Господ и ни се јави“ (Пс. 117, 25-27). Е, овие месијански зборови биле добро врежани во мислите на секој Евреин уште од младини. Сите Јудејци биле воспитувани во духот на пророштвата и очекувањето на идниот Месија, Кој требало да го избави Својот народ. А, знеле тие и дека нивниот Цар и Избавител, ќе излезе од коленото Давидово: „Му се заколна Господ на Давида во вистината, и од неа нема да се откаже: ‘Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој’ (Пс. 131, 11). Ете од каде кај нив признанието за Христа како Син Давидов: „Осана на Давидовиот Син“ (Мт. 21, 9). Но, бидете сигурни, иако насобраниот еврејски народ Го поздравуваше Христа со повикот: осана, спаси – што единствено на Бога приличи да Му се упатува, оти само Бог може да спасува, нивното сфаќање на идејата за Месијата со тек на време се беше претворила во некаква погрешна и болна желба за земно Јудејско царство и некаков си земски цар, кој требаше само да ја подобри нивната социјална положба во овој свет, да ја собори власта на Римската империја и се зацари на местото од безбожниот цар Ирод. Сетете се дека дури и учениците Негови, додека сè уште не беа целосно просветлени, Го сметаа Христос за востановител на некакво моќно земно царство, па тогаш дури и препирка се јави помеѓу нив за тоа кој да биде повеќе повластен во тоа царство (Сп. Мк. 35-41). Значи, макар што Јудејците, водени од Светиот Дух, Му оддадоа слава и достоинство на Христа како на вистински Цар и Месија, сепак тие, пред сѐ, всушност, излегоа да Го пречекаат големиот Чудотворец, Кој претходниот ден само со еден Свој божествен повик: „Лазаре, излези надвор!“, го воскресна четиридневниот и веќе смирисан мртовец од гробот. „Мнозина од Јудејците разбраа дека е Исус таму, па дојдоа не само за Исуса, туку да го видат Лазара, кого Он го воскресна од мртвите“ (Јн. 12, 9). Бидејќи се изврши големо чудо, чудо какво што не беше видено од создавањето на светот па сè дотогаш, многу од нив од љубопитство сакаа да Го видат Творецот на чудото, но и воскреснатиот мртовец. И Го пречекуваат, сега, Христа Месијата, Единиот и Вистинитиот, качен на осле, фрлајќи цвеќиња и палмови гранчиња, и постилајќи ги своите облеки под Неговите нозе. Според богомудрите и свети отци на нашата Црква, ослицата водена од Спасителот го означува, всушност, Јудејскиот народ, оти како што ослицата, тешка за водење и јавање, непослушно го отфрла својот господар, така и Јудејците Го отфрлија Христа; ослето, пак, „кое ниеден човек не го јавал“ – како што се вели во Евангелието (Лк. 19, 30) – се токму незнабожечките народи што Го примија Христа и се потчинија на Неговата божествена власт. Облеките што апостолите и народот така дарежливо ги постилаа на патот по кој врвеше Христос, се симболичен приказ за добродетелите угодни на Бога, што Бог би сакал да Му ги принесеме на дар, а тоа се пред сè: смирението, послушанието, љубовта. Преку нив најмилиот ни Христос влегува и пребива во нашите души.

Но ете, покрај сета таа радосна толпа, тој торжествен пречек, зошто е таа тага на лицето од Христос, зошто тагувал Он во Својата душа? А како да не тагува? Па Он, Премудриот добро ги познава срцата човечки, знае колку се тие превртливи, колку брзо можат да се свртат кон погибел. Знаел и тогаш дека многумина од оние коишто викале: „Осана на Синот Давидов во висините“, по само неколку дена со уште поголема ревност ќе викнат: „Распни Го, распни!“ Знаел и за злобната завист, разгорена како оган во срцата на еврејските старешини, првосвештеници и книжници, завист поради огромната Негова слава што со дела и слова ја беше постигнал во тие кратки три и пол години од Својата божествена проповед на земјата.

Затоа, знаејќи го сето ова, да пазиме да не бидеме и ние, возљубени, меѓу тие превртливи души што Го распнаа Христа! Да се потрудиме, наместо тоа, во душите свои да бидеме како ерусалимските дечиња, чисти, незлобливи, непорочни, кои преку Светиот Дух се покажаа најголеми богозналци и богољубци, изрекувајќи со своите малечки усни голема вистина и пофалба за Бога. Оти не само тогаш, пред 2000 години и не само во Ерусалим Христос дојде да се претстави како Цар. Еве, Он и денес смирено доаѓа, посакувајќи да влезе и да се зацари во нашите срца. Да си ги претвориме затоа своите срца во мисловен Ерусалим, што со надеж и радост Го пречекува великиот Цар на небото и земјата, на животот и смртта, Кој доаѓа да го спаси духовно умртвеното човештво и да го воскресне паднатиот род Адамов. Во текот на оваа најсвета Страсна седмица, преку чудесните богослужби ќе имаме можност да ги видиме и почувствуваме последните собитија од земниот живот на нашиот највозљубен Спасител; не само историски да се потсетиме на тие настани, туку преку дарот на Светиот Дух да земеме благодатно учество во нив, да станеме сопричесници во Христовото искупително дело. Најпосле, преку Светата Причест ние учествуваме во Неговата спасителна смрт и во Неговото преславно Воскресние, како залог за вечниот живот.

Затоа, да Го пречекаме Христа, мили мои, да Го чуваме во нашите срца, да другаруваме со Него, бидејќи ништо друго од овој и од другиот свет не е достојно да го заземе Неговиот престол во нашите срца. А многупати, ние, за жал, го правиме токму тоа: во своите срца му отстапуваме место на нешто помало од Христа и со тоа повторно Го распнуваме. Најпрвин Го примаме во Светата Причест, претходно поучувајќи се за Него, за Неговата љубов, за Неговата безгранична добрина, ќе го почувствуваме сето тоа на нас, но брзо забораваме и одново со нашите дела Го распнуваме. Многупати не постапуваме така како што би направил Он, Кој и Својот живот го положи за наше спасение, „бидејќи“, како што се вели во Светото Писмо „ги засака Своите во светот, до крај ги засака“ (Јн. 13, 1). Да размислиме дали ние Го сакаме така Него, толку пожртвувано што и душата своја да ја положиме за Него. Го сакаме ли?Ако секогаш пред да постапиме, помислиме како би постапил Христос со нас, никогаш нема да згрешиме и така ќе бидеме Негови вистински пријатели и Он ќе нè спаси, ќе нè преобрази и ќе нè направи Синови Божји по благодат. Нему слава, власт и поклонение во веки. Амин!