Свет Велик Понеделник

Откако стигнавме, верни, до спасителното страдање на Христа Бога, да го прославиме Неговото неискажливо долготрпение, та со Своето милосрдие, да нè издигне со Себе и нас умртвените од гревот, како добар и човекољубец

Стихира од Велик Понеделник

Каков е овој необичен повик, богољубиви, вие кои Бога силно Го љубите и од Него сте безмерно возљубени? Каков е овој чудесен глас, христокопнежливи, што до нашето срце допира и на света ревност нè повикува? Повик е тоа на нашата најсвета Мајка Црквата, глас на богоносните отци нејзини, глас што го огласува почетокот на свештената и Велика Страдална Седмица, на тоа неописливо седумдневие во кое, според зборовите на св. Јован Златоуст, разрушено е царството на ѓаволот, уништена е смртта, победен е гревот, симнато е проклетството, отворен е рајот и небото стана пристапно за луѓето, луѓето се соединија со ангелите и Бог на мирот го измири небесното со земното.

Започнуваат од денес тие таинствени богослуженија, кои учесници на крстниот пат Христов нè прават. Преку своите божествени песнопенија Црквата нè повикува да излеземе во пресрет на Христовите страдања, и заедно со Господа да одиме на пат кон Горниот Ерусалим, со очистен ум и умртвени страсти. Преку прасликите, пак, од Стариот Завет се прикажуваат страдањата, смртта и прославувањето на Господа. Светиот и Велик Понеделник ни го предлага светлиот и величествен лик на прекрасниот Јосиф од Стариот Завет, како праобраз Христов. Јосиф поради завист бил фрлен од своите браќа во темна јама, потоа продаден во Египет за 30 сребреници и откако го победил сладострасното искушение приредено од жената на египетскиот началник, завладеал со целиот Египет. Слично на Јосиф, и Христос бил предаден, осуден и во темен гроб затворен, но најпосле воскресна и завладеа со целиот свет. Во песнопенијата се слави Јосиф како девственик, невин страдалник и праслика на Господ Исус Христос.

Покрај прекрасниот Јосиф, Црквата на Велик Понеделник си спомнува и за смоквата која се исушила според зборовите Христови, бидејќи Он не нашол плод на неа (Мт. 21, 17-22). Исушената смоква е слика на јудејската синагога, која Го предала Христа на смрт. Но исто така, таа ја претставува и секоја душа што останува без духовни плодови.

Опоменувајќи нè чедољубиво, Црквата пее:

„Да се плашиме, браќа, од казната на исушената смоковница поради неплодност, и плодови достојни на покајание да Му принесеме на Христа, Кој ни дава милост голема“
(Стихира од Велик Понеделник)