Свет Велик Вторник

Да Го возљубиме, браќа, Младоженецот, светилките свои да ги украсиме, светлејќи со добродетели и со вистинска вера; та како мудрите девојки Господови, подготвени да влеземе со Него во свадбената одаја, зашто Младоженецот, како Бог, на сите за дар им дава венец непропадлив

стихира од Велик Вторник

Чекорејќи, полека, низ патеките на великопосното време како низ некоја пустина, човечката душа е изложена на постојани и свирепи напади од страна на многуте диви ѕверови, кои се обидуваат да ја најдат неподготвена, ненаоружана, па да можат полесно да ја нападнат и направат мрзлива за извршување на секакво добро дело. Зашто, целта на нашиот непријател, противникот на чистотата, убавината, милосрдноста и љубовта е да нѐ измори, да ни ја одземе силата, со тоа што ќе не одвои од размислувањето за Бога и ќе ја ослаби нашата волја за правење добри дела. А не малку труд треба човекот да направи за да ги надмине своите слабости, да го изгасне огнот на страстите, да ги смири нагоните, да заборави на самиот себе, да се одрече од себе и своите потреби, и постојано да се дава себеси за полза на другите.
И навистина, тежок е и трнлив патот на следбениците Христови, но има ли нешто поубаво од една милосрдна душа, обликувана од рацете Божји и положена врз крилата на Неговата благодат?! Таквата душа низ подвизите свои, со ревност и безгрижност неуморно лета кон Божествениот Младоженец, за да Го пронајде во тивкото пристаниште – Црквата – и таму со Него да се соедини, да прими од Неговата божествена храна и питие. А може, ли, да не нѐ пресретне и во нас да не се всели Оној Кого ние толку усрдно Го повикуваме и бараме; Како би можел премилостивиот Господ да не ни ja испрати одозгора Својата божествена сила за поднесување на бројните распетија на кои секојдневно сме изложени, кога ние со надеж ги подигаме своите очи кон Него?! Он никогаш не нѐ остава, ги посетува нашите души, и така тие обновени и охрабрени, примаат уште повеќе светлина, уште повеќе благодат. Он е нашиот незапирлив источник од кој црпеме сила за истрајност во подвигот на љубовта и милосрдието – таа круна на девството, што ги надминува сите останати подвизи. Оти, како што сведочат вечерашниве светоотечки стихири, делата на милосрдието, кои произлегуваат од најчистата љубов кон ближните, се многу поголеми од било кој друг подвиг, и се најубав украс на девствената душа, вистинска одбрана пред непријателот и пофалба пред Бога. И самиот Златоуст ја фали оваа добродетел велејќи: „Милосрдието е големо дело… тоа ќе стане и ќе те заштити… или подобро, додека ти молчиш илјада усти благодарат за тебе“.

Еве, среде ноќната тишина, низ тие прекрасни стихови се слуша глас што го подготвува соединувањето на небото со земјата: Ете, Младоженецот доаѓа, излезете да Го пресретнете. И веќе се отворени портите на благолепниот храм на Претечата за тука да бидат примени големото мноштво богокопнежливи души, кои со своите светилки запалени со елејот на добри дела, поитаа да го принесат и својот молитвен дар во светлозарниот, благодатен светилник на Бигорската свештена обител. А тој светилник е неизгаслив, зашто во него постојано се придодаваат делата на љубовта и милосрдието, според примерот на петте мудри девојки за кои денес си спомнуваме.
Нека оваа ноќ тргне глас од Претечевото светилиште, нека допре до сите срца кои световните грижи ги оддалечиле од Бога, нека го разгори во нив благодатниот оган на љубов и ревност за добри дела, нека и нивните светилници блеснат со елејот на милосрдие. И нека на сите нас ни биде поука евангелскиот пример со петте мудри и петте неразумни девојки, бидејќи има толку многу нешта што можеме да ги направиме за оние околу нас, на кои сме им потребни. Ближниот е темел, критериум за нашата духовност; ставајќи го него на местото од себеси и сопствените потреби, ние не само што не губиме сили и не изнемоштуваме, туку напротив, многу полесно стигнуваме до изворот, до целта кон која сите ние стремиме – благодатната, несоборлива сила на Христовото Воскресение.