Посета на државните првенци во Бигорски

Премилостивата наша Владичица Богородица и Приснодева Марија после чудесното и преблагодатно бдение што ни го подари изминатата ноќ, на нашето монашко братство му причини уште една радост во ова благовештенско попладне. Таа во посета на свештената Бигорска обител ги донесе достојно почитуваните раководители на нашата држава – Претседателот на Р. Македонија, г. Ѓорѓе Иванов и Претседателот на Владата на Р. Македонија, г. Никола Груевски. Најпрвин Благовештенската радост со братството ја сподели Претседателот Иванов, кој во манастирот допатува заедно со Министерот за надворешни работи, г. Никола Поповски и Министерот за образование, г. Спиро Ристовски, а нешто подоцна, после нивното службено заминување, пристигна и Премиерот Груевски со своите блиски соработници. Нашите драги гости беа пречекани со монашко гостољубие и голема чест од страна на нашиот старец и игумен, архимандрит Партениј и на целото Бигорско братство. Со најголемо внимание и љубов нашиот игумен ги поведе државните првенци во обиколка на целиот манастирски комплекс, покажувајќи им го плодот на монашките раце и запознавајќи ги со текот на обновата и доградбата на манастирот, но и со идните намери. Задоволството што се оцртуваше на лицата на Претседателот, Премиерот и министрите не можеше да се сокрие. Сите тие со искрени и присни зборови ја искажаа својата радост од тоа што го видоа и почувствуаа, како и својата силна поддршка за понатамошната евангелско-просветна мисионерска дејност на нашето братство. Од своја страна, пак, и нашиот возљубен старец од името на целата Бигорска обител најсрдечно им заблагодари на државните раководители за сета нивна поддршка и љубов кон нашиот манастир, а особено на Премиерот Никола Груевски за поддршката на Владата на Р. Македонија, која финансиски најмногу помогна за возобновата на Бигорското илјадалетно светилиште.

Нека пресветата Мајка Божја, Сецарица на небото и земјата, Која од непријателски нашествија верниот христијански род го избавува, и со Чиишто молитви и застапништво православните држави во овој лукав свет опстојуваат и во секаква добродетел преуспеваат, ја закрилува и умудрува и нашата државна власт, та и понатаму да го раководи ова православно општество според спасителните Христови закони.