Великиот Божји Претеча и Крстител Свети Јован уште од попладнево започна да излева обилни благослови врз својата славна десетвековна Обител над Радика, во чест на своето чудесното и сечесно Рождество. Како што му доликува на неговото Божествено величие, празничното торжество на Свети Јован започна со свечениот пречек на Епископот Аморејски г. Никифор, Игумен на Светата Патријаршиска Ставропигијална Обител на Влатадите во Солун, архиереј од свештената јерархија на Првопрестолната Црква, Вселенската Патријаршија. Владиката Никифор и неговата чесна придружба беа пречекани со официјален манастирски пречек, кој содржеше литија со Светото Евангелие, молитвословие, многулетие и пригодни слова. Во своето обраќање кон ценетите гости, нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, искажа голема благодарност кон Вселенската Патријаршија и кон личноста на Епископот г. Никифор, за нивната пожртвувана грижа за прифаќање на нашата Црква во евхаристиско и канонско единство со целиот православен свет:
Ваше Преосвештенство, Епископе Аморејски и Свет Игумене на Свештената Ставропигијална Патријаршиска Обител на Влатадите во Солун, г. Никифоре,
Ваше Високопреподобие, почитуван Архимандрите г. Матее,
Високопреподобни, сепреподобни и сечесни отци,
Браќа монаси и сестри монахињи,
Возљубени во Господа браќа и сестри,
Ви благодарам, богољубив и свет Владико, што благоволивте да го украсите нашето манастирско торжество, во чест на Рождеството на Чесниот Претеча, со Вашето скапоцено присуство и со молитвеното и литургиско учество во нашата радост.
Вашето доаѓање тука, во десетвековната Светиња на Крстителот Господов, не е случаен настан. Тоа е, всушност, сесветол зрак од Фенерот на Православието, милост и грижа од Мајката Црква во Константинопол, показ на единството во Христа преку Великата Христова Црква, Вселенската Патријаршија. Доаѓајќи овде, Вие ни го донесовте и благоуханието на Христовата молитва во Гетсиманија, да бидат сите едно (Јован 17,21) и исполнението на Неговите зборови дека каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Матеј 18,20).
Впрочем, Вие сте првиот архиереј кој доаѓа да сослужува со нас овде, во нашиот Манастир, по историската одлука на Првопрестолната Вселенската Патријаршија од 9 мај оваа година, со која Охридската Архиепископија беше примена во богослужбено и канонско единство со едната, света, соборна и апостолска Црква, по што следеше и помирувањето со Православната Црква на Србија и нејзината препорака за автокефалност. Неслучајно Чесниот Претеча Ве избрал токму Вас, затоа што Вие, низ изминатите години додека сè уште бевме во длабока изолација од останатите помесни православни Цркви, покажавте сочувство и љубов кон нас, бевте наш сострадалник, докажавте дека имате искрена грижа за единството на Црквата Христова и на секој начин помогнавте да биде исцелена нашата повеќедецениска рана. Вие, возљубен брате, несебично се вложивте себеси во тоа свето дело, отворајќи ни го своето срце преполно со љубов и споделувајќи ни го безрезервно Вашето богато искуство. Со благослов на Неговата Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим и Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, Вие посредувавте за средби и за остварување на добри врски меѓу претставници од нашата помесна Црква и од Вселенската Патријаршија, а Вашиот Свештен Патријаршиски Манастир, во чудесно убавиот и историски центар на градот Солун, го отворивте за наобразба и за школување на наши монаси и студенти.
Вие, Ваше Преосвештенство, наш голем добротвору, ни доаѓате од градот на моќниот чудотворец Свети Димитриј, од Солун, од каде што произлегоа и нашите духовни татковци и просветители, Светите Браќа Кирил и Методиј; ни доаѓате од Манастирот на едни други Солунски Браќа, Влатадите исихасти Доротеј и Марко, сечесните ктитори на Вашата Света Обител и ученици на од нас многу возљубениот Свети Григориј Палама; ни доаѓате, значи, со срце широко и полно со благослови, со духовно богатство, со мудрост и со свештено предание.
За сето тоа Ви го изразуваме нашето длабоко признание и Ви благодариме што љубезно и братски одговоривте на нашата молба и дојдовте во оваа Света Обител, носејќи ни го благословот од Таткото на сите Православни, Сесветиот и велик Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј. Особено сме радосни што во Вашата чесна придружба се наоѓа и нашиот многу возљубен брат во Господа, Високопреподобниот Архимандрит г. Матеј Псомас, кој е долгогодишен и особено драг пријател на Бигорската Обител. Вистинските пријатели се покажуваат во нуждите и во притесненијата, а вие бевте цело време со нас, како вистинска братска утеха во најтешките моменти. Таа ваша жртвена љубов ќе остане неизбришливо втисната длабоко во нашите срца, а веруваме и пред лицето на Бога, Кој сака сите да сме во Него едно и Кој токму преку љубовта ќе нè признае како Свои: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35).
Во ова празнично навечерие, сакам да го известам овој свештен собор дека утре го очекуваме пристигнувањето и на нашиот почитуван и монахољубив надлежен архиереј на оваа богочувана Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, со чиј благослов нашата Обител се крепи и напредува.
На сите вас, возљубени Отци и браќа од свештениот клир на Вселенската Патријаршија и на Православната Црква на Грција, од мое лично име, како и од името на мојата монашка заедница, Ви посакувам топло добредојде во нашата Света Обител, која се радува и торжествува, бидејќи на овој свештен ден е удостоена токму со вашето братско присуство. Чувствувајте се овде како во ваш дом!
Ви благодарам и на многу години!Во одговор на ова обраќање, Епископот Аморејски г. Никифор ја истакна својата срдечна благодарност за топлиот пречек, го пренесе татковскиот благослов од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј и не ја сокри својата огромна љубов кон Бигорската Обител:
Ова е, навистина, преголема радост и благослов за мене и за мојата чесна придружба: Високопреподобниот отец Матеј и мојот ѓакон, отец Пантелејмон. Дојдовме во оваа прекрасна и возљубена Обител, носејќи го благословот од градот на Светиот Димитриј, на Светите браќа Кирил и Методиј, како што веќе спомнавте Вие, Свети Антаниски, но и на великиот исихаст, од кого нашиот Манастир ги влече своите корени, Светиот Григориј Палама, кој непрестајно ѝ се моли на Пресвета Богородица за бигорските монаси.
Притекнавме наваму, во оваа Света Обител на Чесниот Претеча, со срдечна радост и сето ова го сметаме за голема чест и благослов, по чудото што го доживеавме за време на пасхалниот период: да Го исповедаме Господа Христа Кој се јави во тело со заедничката чаша на животот и така навистина да станеме едно. Ние, всушност, сме едно, зашто еден е Христос. И како што знаете, Свети Антаниски, од моментот кога Ве запознав, моето срце беше поробено од Вашата љубов, како и од љубовта на овие добри деца тука, така што не можев а да не станам Ваш сопатник при тој тежок крст што Вие го подигнавте. И доколку случајно нешто добро сум направил, тоа беше само мое послушание, моја служба, којашто требаше да ја извршам. Навистина се помолив на Светите Браќа Влатади и на Светиот Григориј Палама, да ги поведе нашите чекори кон спасението. Затоа што вистината треба да излезе на површина и да биде прифатена.
Слава Му на Бога што денеска сме собрани заедно и го живееме тоа. Ќе се започне со молитва, а ќе се заокружи со општиот Путир на животот, со заедничкото вероисповедање, во љубовта. Имајќи ги овие размисли, а и повторно изразувајќи ги своите благодарности за честа со која нè пречекавте, верувам дека оваа чест му се оддава имено на великиот водач и предводник на Православните, Вселенскиот Патријарх. Оти, од првиот момент кога Му ги пренесов нашите разговори, тој го прими сето тоа во својот благозвучен ум, бидејќи во своето срце ја чувствуваше тежината од поделеноста и секогаш во своите молитви се застапуваше за да се реши ова прашање. Мислам дека истото тоа Ви го искажа и Вам. Следствено, на тој човек, кому сиот живот, целиот животен тек, му е едно себежртвување за Црквата, му ги оддаваме сите празнувања и почести. Навистина, предминатата недела додека бев во Фанар, кога му соопштив дека ќе дојдам кај Вас, со голема радост ми рече: ‘Да му ги пренесеш мојот татковски благослов и молитви на Светиот Антаниски, на неговото братство, на неговите монашки заедници, сестринствата во женските манастири, но и на сите духовни чеда што ги возложиле своите срца во неговите раце’.
Завршувајќи, повторно ги изразувам своите благодарности. Добра слава!
Епископот Аморејски г. Никифор ќе претстои на празничното сеноќно бдение и ќе сослужува на Божествената Евхаристија. Освен со неговото ценето присуство, годинешнава манастирска слава е свештено збогатена и со доаѓањето на бројни архимандрити, свештеници, монаси и верници од соседните православни Цркви на Албанија, Бугарија, Грција и Србија, а православни Христијани допатуваа специјално за бигорската слава дури од Франција.
Благословот и молитвите на Чесниот Претеча за вистинско покајание и љубов во Христа нека бидат со сите нас!