Во последниот викенд од месец мај во рамките на Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“ се случија два важни настани кои го одбележаа „Кинолошкиот викенд на македонската автохната кинологија“.
Поточно, на 27 мај во големиот манастирски синодикон, свое излагање за зоотехничко морфометриската студија за МОК Караман имаше познатиот кинолог од Белград, проф. д-р Миливоје Урошевиќ, којашто ја подготвувал уште од 2018 година, заедно со докторот по ветеринарство Дарко Дробњак.
Следниот ден, на 28 мај, во Бигорскиот Скит посветен на Светите Браќа Кирил и Методиј над селото Битуше, се случи досега најголемиот кинолошки настан во контекст на автохтоната кинологија. Имено, педесет учесници и околу петстотини посетители од сите краишта на Македонија го сочинија јубилејното Десетто државно првенство за македонското овчарско куче Караман.
Судија на изложбата беше реномираниот проф. д-р. Урошевиќ, негов стажант пак беше нашиот Даниел Колевски што особено нè радува имајќи предвид дека тој своите први кинолошки чекори ги направи токму преку расата МОК Караман.
Делегат беше интернационалниот судија г Јане Серафимов, тој пред години беше првиот кинолошки судија кој полагајќи ја првата ФЦИ група, полагаше и за Караманот пред стручната комисија при КСМ.
И секако по којзнае кој пат г Дениз Селим се погрижи во рингот сè’ да се одвива во најдобар ред, преземајќи ја секретарската одговорност.
Оценувањето се одвиваше во најдобар ред и по строгите критериуми на Проф. Урошевиќ.
Не смееме, а да не изразиме јавна благодарност до членовите на ККМОКК кои несебично помагаа во остварувањето на овој настан: Влатко Костовски (почесен претседател на клубот), Влатко Симоновски, Никола Крбалевски, Горан Колев, Фидан Колев Илија Блажевски и Стојче Димовски.
Г-динот Влатко Костовски воедно е и првиот претседател на ККМОКК, тој му подари слика на Дедо Партениј од неговиот богат опус со МОК Карамани.
Претседателот на Кинолошкиот клуб за македонско овчарско куче Караман (ККМОКК) Илија Ико Каров ја отвори манифестацијата со следните зборови:
„Постојат раси кои имаат високи вредности од најразлични причини. Сепак, според мене најголема почит заслужуваат оние раси кои имаат морална вредност. Македонскиот Караман е една токму таква раса со морална вредност, затоа што Караманот е неразделив дел од природата на македонските планини. Поточно, Караманот е неразделно, неизоставно камче од композицијата на мозаикот наречен Македонија“.
Оваа десетта јубилејна изложба неслучајно се одвиваше над селото Битуше, во подножјето на врвот Крчин, на падините на планината Дешат, која го сочинува најзападниот дел од шарпланинскиот масив. Токму на релација Бистра-Дешат во последната деценија беа лоцирани најдобрите единки Карамани, кои тогаш сеуште беа во работна релација со планината, со стадата. Па така на изложбата, во сеќавање на легендарното куче Каљош и во чест на Црни, кој сеуште е жив и својата длабока старост ја ужива кај семејството Карови, целото брендирање на овогодинешниот настан беше со портретни фотографии токму од овие два Карамани. Автор на фотографиите е Доријан Миловановиќ. Голема чест за нас беше што на изложбата беа присутни и браќата Рамазан и Сербај Бело, кои сесрдно го поклонија Каљош на бигорската одгледувачница. Од благодарност за тоа, браќата Бело се здобија со Плакета за особен придонес за расата МОК Караман, а со истото високо признание се здобија и проф. Урошевиќ и нашите почесени членови Рахман Војка и Ивица Здравковски, без кои немаше да се случи оваа манифестација. Откога е конституиран ККМОКК во 2004 г., вакви Плакети за особен придонес се доделени вкупно 15 на број.
На манифестацијата беше присутен и градоначалникот на општината Маврово и Ростуше, г. Медат Куртовски, за чијашто соработка сме особено благодарни. Воедно, за успешната соработка и за укажаната поддршка изразуваме голема благодарност и до полицијата и до здравствената установа во с. Ростуше.
Сепак, меѓу важните гости беше и еден човек без чијашто патронажа и над сè, без чијшто благослов ништо од она што се случуваше во Битуше немаше да биде возможно. Тоа е Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител, нашиот Старец дедо Партениј – едноставно како што му доликува на еден голем, а сепак толку скромен и едноставен човек.
Несомнено дека во православниот свет сите помесни цркви се грижеле за сите нешта кои биле поврзани со земјите и народите од кои тие потекнале, па така и нациоалните раси си го пронашле своето место во благородните мисии на православните манастири. Сепак, дистанцата помеѓу расите и нивните патрони отсекогаш создавале непремостливи разлики, но за наша среќа, нашиот пример е дијаметрално различен од останатите.
Старецот Партениј Бигорски е човек чиешто име е нераскинлив дел од македонскиот бит. Таму високо на планината, веднаш под светлината „на новото сонце на слободата“, под неговото будно око, во богатата бигорска ризница се зачувуваат многу работи кои нашиот народ го прават убав и богат. Во таа богата ризница, МОК Караман си го пронашол своето незаменливо и важно место. Па така, за нас не е никакви чудо да го видиме нашиот црковен патрон присутен меѓу нас, меѓу Караманите, исто како и сите ние кои сме дел од овој историски процес, кој покрај кинолошката, има и голема културолошка вредност, како за нас Македонците, така и за целата Европа.
Владиката Партениј беше присутен во рингот и со големо внимание го следеше првиот квартал од оценувањето и рангирањето, сè до моментот кога се појави првиот Караман од Бигорската одгледувачница на оценување. Свесен за неопходноста за објективното оценување, не сакајќи неговото присуство да влијае никому, тој тивко се повлече, исто како и што пристигна.
Владиката Партениј во рингот беше пречекан и придружуван од претседателот на Кинолошкиот сојуз на Македонија, г. Јордан Христовски којшто воедно е одговорен за меѓународната политика на проектот МОК Караман. Пред изборот на победниците тој изјави:
„Денеска сите присутни тука несомнено се победници на едно повисоко ниво од оценката, затоа што сите сме дел од оваа историја, од процесот на ревитализација и презервација на МОК Караман“.
На самиот крај на манифестацијата г Христовски им додели благодарници на најмладите Караманофили кои беа присутни на изложбата, потенцирајќи дека „дрво без млади фиданки брзо вене…“
Рангирањето на проф. д-р Миливоје Урошевиќ на Државното првенство 2023, гласеше:
- Арија од Бигорскиот манастир, млад клупски победник
- Лара на Иван Цветковски од кумановското село Тромеѓа, зрел клупски победник
- Бабуш на Валентин Митанов од Прилеп, млад клупски победник
- Блеки на Даме Стојановски од Скопје зрел клупски победник
Сите генерации имаат свои мостови. Современиот мост на Караманот преку кој тој повторно зачекори кон сигурната прегратка на црквата е несомнено отец Порфириј Бигорски, а пак темел на тој мост несомнено беше и засекогаш ќе остане благословот на неговиот Старец, Дедо Партениј.
„Сето ова се должи на една неслучајна случајност – случајности во Бога не постојат, сè е промисла. Во 2016 година Маријан Димовски- Кер нè запозна со Ико, а тој ме запозна со мисијата за заштита на караманот… Останатото е историја поврзана со природата и полна со посветена работа. Слава му на Бога!“ – изјави за медиумите одговорниот монах за бигорската одгледувачница, отец Порфириј
Во последните неколку години голема помош на отец Порфириј е искушеникот Оливер кој целата родовна книга на одгледувачницата при манастирот ја знае напамет. Секогаш кога ќе го прашате за некое куче кога е родено ќе слушнете одговор од типот на: „Лани на Петровден, оломнани на Св. Георгиј, на Велигден итн“.
Се надеваме дека до година, на истото место заеднички ќе го славиме условното признавање од страна на Светската кинолошка федерација.
Искрено се надеваме дека усилијата на нашата кинолошка генерација ќе послужат и за идните генерации да ја одржат расата таква каква што ја затекнавме – таква каква што отсекогаш била. Затоа што единствена безгрешна мерка за Караманот е планината, така што наша обврска е да се потрудиме и Караманот да опстои на планината, но и планината да опстои со Караманот, дури и кога кучето живее на асфалтот.
За Бигорски манастир пишува: Илија Ико Каров,
претседател на Кинолошкиот клуб за македонско овчарско куче Караман