(Видео) Големи почести, благослови и достоинства од Вселенската Патријаршија

Во денот на свеченото и славно влегување на Спасителот наш Господ Исус Христос во Светиот Град Ерусалим, на овој голем празник – предвесник на триумфот на Животот над смртта, на Доброто над злото, на Љубовта над омразата; празник на чистата и серадосна пофалба кон Господа од непорочните детски усни и од незлобливите срца на возрасните, најсветата Охридска Архиепископија и нашата Свештена Бигорска Обител беа удостоени со највисока чест и со свештени достоинства.

Овој пат непроценливата почест и обилните небесни благослови дојдоа од светителородниот Имврос, мошне значаен ромејски остров, денес дел од турската држава. Покрај многубројните значајни личности за црковната историја, таму е роден и сегашниот Архиепископ на Константинопол – Нов Рим, Неговата Божествена Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј. И токму таму, во Имврос, во кој денес сè уште живее една благочестива заедница на православни Ромеи под пастирско раководство на почитуваниот Митрополит на Имврос и на Тенедос г. Кирил, во родното место на Сесветиот Патријарх, во населбата наречена Свети Теодори, во Сечесниот Храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, каде што е крстен и самиот тој, денеска од неговите сечесни патријархови раце, а со благослов на Неговото Блаженство г. г. Стефан и на надлежниот Митрополит г. Тимотеј, нашите собраќа Кирил и Анатолиј беа ракопроизведени во највисоката титула во Црквата за монашкиот род – Архимандрити на Вселенскиот Патријаршиски Престол.

Освен нашите браќа во монаштвото, во највисоко достоинство за брачни свештеници, Протопрезвитери (протојереи-ставрофори) на Вселенскиот Патријаршиски Престол, беа ракопроизведени и отците: Бобан Митевски од Скопската епархија, Александар Димовски од Дебарско-кичевската епархија и Симеон Кантурски од Струмичката епархија, додека со истото достоинство беа почестени и веќе ракопроизведените протојереи: Никола Христоски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и отците Димче Ѓорѓиевски и Кирил Јовановски, исто така од нашата богочувана епархија.

Ова свештено собитие се случи веднаш по завршетокот на Божествената Евхаристија во чест на празникот Цветници. По свештените ракопроизведувања и одликувања, кон бројните верни во храмот се обрати Неговата Сесветост, Патријархот г. г. Вартоломеј. Трогнат до солзи, тој на крајот од својата беседа истакна:


„Денеска во нашето село, во нашево место, во Имврос, имаме одбрани посетители, браќа од странство, од Охридската Архиепископија, од Република Северна Македонија. Дојдоа, за да ја принесат својата почит кон Светата Велика Христова Црква, во лицето на Вселенскиот Патријарх; Црква, која како вистинска Мајка, го прегрна и тој народ и таа Црква, која речиси седумдесет години беше отсечена од телото на останатото Православие, без општење со другите православни Цркви. И дојде повторно Вселенската Патријаршија, како што направи и во којзнае колку соодветни случаи низ историјата, за да го востанови општењето со овие наши браќа и сестри, Христијаните од Северна Македонија, да ги воведе во заедништво со останатиот православен свет. Тоа се случи минатата година, на 9 мај 2022 година. Потоа, по Вселенската Патријаршија, и други Цркви започнаа да ја признаваат нивната каноничност, да ги примаат во општење со нив. И сега, се наоѓаме во стадиум на подготовка на доделувањето и на оваа Црква, под одредени услови, на статусот на автокефалија. Се наоѓаме на добар пат, разговорите продолжуваат. Најглавното беше тоа што возмогнавме и служевме заедно и се пречистивме од истиот свет Путир. Тоа се случи минатата година, на големиот празник на Педесетницата, кога Архиепископот Охридски г. Стефан, многувозљубениот брат, дојде од Скопје во Вселенската Патријаршија и служевме заедно и се причестивме заедно и заедно го дадовме својот благослов на народот Божји. Тоа беше еден велик и историски ден. Сега, останатите работи се второстепени, подробности. Повторувам: најглавното е тоа што застанавме околу светата Трпеза на Сечесниот Патријаршиски Храм и се причестивме со пречистите Тајни, објавувајќи го на тој начин единството на верата во врската на љубовта.

Денеска го имаме со нас Преосвештениот Епископ г. Јаков, викарен епископ на Митрополитот г. Наум – еден друг возљубен брат, кој монахуваше на Света Гора и ги восприми соковите на светогорското предание и ги пренесе во својата татковина, Северна Македонија. Заедно со братот Јаков, тука се и архимандритите и протопрезвитерите коишто денска беа почестени од Мајката – Великата Христова Црква и ќе се вратат во својата земја како крстоносители, духовни херои, многусакани чеда на Великата Христова Црква и ќе ја пренесат таму пораката на нежноста и на љубовта со која Вселенската Патријаршија ги прегнува и тие тамошни браќа и сестри, и покрај разните искривувања што, за жал, се слушаат од други сестрински Цркви, коишто не го почитуваат канонскиот поредок, не го почитуваат православното Предание и се обидуваат да воведат штетни новотарии во православната еклисиологија и во православното канонско право. Но, жив е Бог Господ!

Браќа, сестри и чеда, имвријци и не имвријци, имвријци и пријатели на Имврос, посетители, од срце ви посакувам добра Пасха, добро Воскресение!

Вам, браќа, добро враќање во вашата татковина, да станете носители, интерпретатори на нашите најдобри чувства, од Фанар, од Константинопол, од Великата Црква и од смирениот Имврос“.  


Во одговор на ова, со благодарност кон Неговата Сесветост се обрати почитуваниот Епископ Стобиски г. Јаков, кој воедно беше предводник на нашата црковна делегација во Имврос, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот г. г. Стефан и на надлежните Митрополити на одликуваните свештенослужители, г. Тимотеј Дебарско-кичевски и г. Наум Струмички. Епископот г. Јаков, вдахновен од љубовта и почитта на Сесветиот Патријарх, возврати:

„Ваша Сесветост, браќа архијереји и благословен народе Божји,

Јас стапнав утрово на овој остров, Ваша Сесветост, без да знам што и да е за него. Сега кога гледам колку овој остров е сраснат со Вашето битие и она што Вие го чувствувате за него во Вашето срце и преку благодатта на Светиот Дух којашто ја оживотворува Црквата, се направи и јас да го почувствувам тоа. Затоа и ми е особено драго и Ви благодарам што Вашата Сесветост нè прими токму тука. Секако дека има и други нешта да се кажат, но она што јас го чувствувам силно и за што Му благодарам на Бога денес е тоа што гледам дека и покрај сè, верата на апостолите и на светите отци наши се чува автентична, чиста и неизвалкана.

Нема да должам – Ви го пренесувам поздравот од нашиот Блаженејши Архиепископ Стефан и на сите други епископи на нашата света Охридска Архиепископија, коишто Вашето срце многу добро ги знае, а коишто имаат нераскинлива врска со Светата Гора – Атонска, којашто е под Ваша духовна и молитвена закрила. Се молиме Бог да Ве укрепи во Вашиот подвиг, на сите да им станете сè и да се надминат веќе сите поделби и во сè да биде Христос. Ви благодарам и во име на отците за овие одликувања. Впрочем, не ги одликувате само нив денес, туку и сите генерации на свештеници и на отци коишто ја чуваа чистотата на верата апостолска и светоотечка вистина во Охридската Архиепископија. Се надеваме на Вашите свети молитви, а Вие сте веќе во нашите секојдневно“.

Нека им се честити и светли новите одликувања на нашите отците и нека послужат за слава Божја, за спасение на нивните души и за духовната благосостојба на нашиот православен народ и на нашата најсвета Охридска Архиепископија! Достојни!

Извор: Οικουμενικό Πατριαρχείο