Изработена целивална во резба налик на делото на великанот Петре Гарката

Соборниот храм на Свештената Бигорска Обител деновиве зрачи со посебна убавина и радост; се радуваат, имено, заедно со нас и духовите на древните и славни копаничари, бидејќи, скоро по два века, конечно се направи нешто што може достојно да се споредува со нивното ненадминато дело, велелепниот иконостас. Станува збор за новата дрвена целивална за чудотворната икона на Пресвета Богородица – „Достойно естъ“. Нарачател на ова величествено копаничарско дело е нашиот богољубив старец, Архимандрит Партениј, кој сакаше достоинствено да ја украси светата икона на Царицата Мајка, што пристигна во нашиот манастир пред точно седум години, но и значително да го збогати благолепието на храмот на Чесниот Претеча. Творец, пак, на извонредниот дрворез е познатиот македонски копаничар, стружанецот Новица Столески, кој за да може да го направи ова скапоцено дело, пожртвувано посвети цели седум години деноноќен труд, при што тој дури и се откажа од своето работно место како подрачен директор на една голема компанија за мобилна телефонија. И навистина, таа негова посветеност, се разбира, во содејство со Божјата благодат и богодаруваниот му талант, вроди со таков прекрасен плод, што слободно би можеле да кажеме дека речиси се повтори делото на великанот на црковниот дрворез, Петре Филипов Гарката, и воскресна едно најтаинствено и најпрефинето во светски рамки копаничарско предание – преданието на уникатната мијачка резбарска школа.

Иконостасот за иконата „Достойно естъ“ се одликува со мошне длабока резба, идентична со онаа на главниот иконостас, така што до ситници е запазен размерот на длабочината, поставеноста на елементите, флоралната орнаментика, извесни минијатури, внатрешните спирални носачи на столбовите… Единствено во што се разликува е содржината на сценските прикази. Наместо сцени од Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет, од житијата на Мајката Божја, Свети Јован Крстител и др., на новата целивална се прикажани настани и мотиви од чудото на Пречистата, поврзано со Нејзината света икона. По идеја и во советување со нашиот старец Партениј, авторот Новица изработи вистински живопис во ореово дрво на чудесното собитие, како еден вид надополнение на приказот од самата икона. Централно место во резбата, на плочата под иконата, зазема јавувањето на Светиот Архангел Гавриил, во вид на монах, кој на „смирениот послушник на Гората Атонска“, пред иконата на премилостивата Владичица, му го пее преубавото ангелско песнопение „Достојно е навистина да Те ублажуваме, Богородице…“, и со својот прст ги запишува овие зборови на камената плоча. Околу оваа претстава неколку ангели држат во рацете свитоци на кои, на црковнословенски јазик, се напишани извадоци од Акатистот и канонот од службата за „Достойно естъ“. На столбовите лево и десно се прикажани сцените: саможртвата на пеликанот за своите рожби, смртно отруени од злобната змија (симболика за Христовата крстна жртва), и Живоносниот Источник – симболична претстава за Онаа Која ни Го роди Животодавецот и Дарителот на живата вода што тече во живот вечен. Над нив, свртени кон иконата, достоинствено стојат Светите Архангели Михаил и Гавриил. Веднаш над иконата два ангела држат свиток на кого е испишан целиот текст на песната „Достойно естъ“. Полукружниот лак го красат шест старозаветни пророци, кои во рацете држат свитоци со своите пророштва за Пресветата Богородица. Интересен детаљ, а воедно и авторска иновација во копаничарството, се предметите по кои најмногу се карактеризираат пророците. Така, на пример, крај Св. пророк Мојсеј во многу прецизна минијатура е изработена несогорливата капина; до Гедеон стои руното неоросено, Исаија држи клешта со вжарен јаглен, итн. На акротеријата е претставена Светата Троица, во облик на Тројца Ангели, слично на познатата иконата на Преподобниот Андреј Рубљов. На самиот врв е изработен крст со краци во форма на кринови, а среде него – Христограмот со буквите Α и Ω: Христос – почеток и крај.

Копаничарот Новица Столески, кој повеќе од 30 години професионално се бави со оваа благородна и ретка дејност и умешност, долги години го проучувал делото на најпознатите мијачки резбари, многупати набљудувајќи го со часови бигорскиот иконостас. Пред неколку години, за еден наш медиум тој изјави:

„Пред 15-ина години, како учесник на Колонијата на копаничари која се одржа во Бигорскиот Манастир, многу време минував во проучување и во откривање на тајните на изработката на иконостасот во црквата ’Св. Јован Крстител‘. Постојано бев со мислата дали ќе успеам да ја откријам мајсторијата на тајфата на ненадминатиот уникатен копаничар Петар Гарката Филипоски, од село Гари… Игуменот на манастирот, Архимандритот Партениј, ја сфати мојата љубов и големата желба, ми овозможи да навлезам во тајната на духовноста во изработката на иконостасот. Со ноќи не спиев, проучував, анализирав, комбинирав, почнав да копаничарам врз база на мијачката копаничарска школа. Постојано, неколку години едноподруго одев во Бигорски, отецот Партениј ми определи еден искушеник од братството како придружник и водич низ манастирот и заедно со него ја проучував работата врз иконостасот и со тек на времето почнав да ги откривам мајсторските тајни на најголемиот копаничар Гарката“.

Неколку месеци од својот седумгодишен работен потфат, Новица ги помина во нашиот Манастир, каде непосредно се напојуваше со вдахновение од самиот извор за неговото дело. Сега, нов претстоен подвиг за него ќе биде изработката на слична целивална и за чудотворната икона на Св. Јован Крстител, која, според атонското правило за литургиско уредување на храмот, исто така ќе стои во наосот, од десната страна пред иконостасот, каде што и му е местото.

Прекрасната резбана целивална за иконата „Достойно естъ“ покажува дека верата и пожртвуваноста за Бога и за Божјото дело и денес прават големи чудеса и возвишени достигнувања во црковната уметност и православно богословие прикажано во резба.