Деновиве, Бигорски одново беше место каде пристигнаа група планинари, кои во чест на големиот јубилеј – 1000 години од основањето на манастирот, ја поминаа Корабската трансверзала и со тоа речиси го повторија подвигот на нивните колеги планинари: Марио Шаревски, Маја Бошковска и Војкан Недковски, што пред околу две недели го израдува нашиот Старец и владика Партениј, како и нашето монашко братство и сестринство, пренесувајќи една убава порака кон македонската јавност.
Имаме чест, преку репортажата на еден од учесниците, Зоран Тодоровски, во целост да ви го пренесеме овој прекрасен и возбудлив планинарски потфат:
„Идејата за една ваква трансверзала се роди минатата година и истата беше реализирана. За 2020 година решивме трансверзалата да ја опфати и планината Дешат, а како крајна точка да биде Бигорскиот манастир ‘Свети Јован Крстител’, а по повод големиот јубилеј – 1000 години од неговото основање.
Една група составена од 11 планинари, сакајќи да даде свој придонес во одбележувањето на овој голем јубилеј, реши да тргне на подвиг по Корабскиот масив и планината Дешат.
15 јули беше датумот кој го договоривме за почеток на ова патешествие. Така и беше. Екипата се истовари на тромеѓето помеѓу Косово, Албанија и Македонија. Ги натоваривме нашите тешки ранци и тргнавме. Прва цел ни беше врвот Шерупа (2.092 мнв.), кој се наоѓа токму на тромеѓето. После 2,5 ч., бевме на самиот врв, каде направивме краток одмор и продолживме понатаму кон врвот Зиберова Кула (2.377 мнв.), на кој со забрзано темпо пристигнавме за 4 ч. Додека стоите на овој врв чувствувате стравопочит од глетката што е пред вас. Во тој момент Кораб ќе ви ја покаже сета своја убавина, но и суровост. Не постојат зборови со кои вистински би се опишале чувствата што ги доживувате во тие моменти! Следуваше спуштање од врвот во долината, каде покрај еден извор на вода го поставивме нашиот прв камп.
16 јули Се разбудивме во 05:00 ч. Вообичаена процедура на собирање камп, пакување и поаѓање. Вториот ден сите знаевме дека ќе биде поинтензивен и многу понапорен. Нè чекаше долг пат, околу 20 км., но со многу стрмнини и врвови за искачување. Најпрвин беше искачен Бел Врв (2.532 мнв.) со што влеговме во зоната на 2.500 мнв. Бел Врв е карактеристичен по тоа што за да го освоите, потребно е последните 10-на метри да ги поминете со техничко соло качување, па оттука тој не се препорачува за оние што не се искусни. Карпите во овој дел се многу ронливи што дополнително го отежнува качувањето. Пристигнавме, се фотографиравме и продолживме понатаму. Во соседството на Бел Врв се наоѓа врвот Црна Чука (2.572 мнв.), кој исто така го искачивме. Од врвот веќе може да се види централниот дел на Корабскиот Масив со сите врвови во овој дел. Попатно го искачивме врвот Корабец потоа Кепи Бард (2.589 мнв.) и се упативме кон Кобилино поле кое е под највисокиот врв во нашата земја. По мала пауза тргнавме кон највисокиот врв кој беше искачен во попладневните часови. Половина од денот беше одминат, а ние продолживме кон преминот Мала Корабска Врата. Теренот кон овој премин е навистина тежок и сложен за движење и потребна е голема внимателност за да се избегнат повреди! Тешките ранци (17-18 кг.) се причина за уште поголема внимателност. Кога ќе минете низ овој премин, повторно бесценета глетка. Пред вас се испречуваат Корабите со сета своја импозантност, мистика и убавина од која застанува здивот во градите. Мал Кораб (2.683 мнв.) и неверојатниот Малокорабска Стена (2.732 мнв.). По симнувањето од Мал Кораб се случи промена на времето, па заради силниот дожд бевме приморани да подигнеме камп под самиот врв, на ливадата со неверојатна зелена боја. Така и заврши овој ден. Временската прогноза не ветуваше многу.
17 јули Рано наутро се разбудивме во ниски облаци магливо и влажно време. Но како и да е, бидејќи се наоѓавме длабоко во дивина, продолживме понатаму. Имавме среќа што облаците полека се разотидоа, за да можеме бргу да напредуваме кон нашата следна цел – врвот Боази (2.495 мнв.). Пред самиот врв – повторно магла што ни го отежна неговото наоѓањето, но сепак, успеавме благодарение на современата технологија. Патот продолжи кон прекрасното Изгревно езеро и кон Цигански Премин. Времето се подобри така што се создадоа услови дел од групата да го искачи еден од најубавите врвови на Корабскиот масив – врвот Дерза (Јаготка) на 2.403 мнв. Ако внимателно погледнете, самиот врв навистина личи на јаготка.
Дерза е исто така тежок за искачување поради стрмнините пред самиот врв, а на самиот врв има место за тројца до четворица планинари. Следната станица за нас беше месноста Шкртец и изворот на вода. Шкртец е последното место на Корабскиот Масив, па така требаше да се префрлиме на планината Дешат и да подигнеме камп под врвот Веливар. Но, тогаш бевме зафатени од силен дожд, кој за кратко време нè намокри до гола кожа и во меѓусебен договор решивме да го изоставиме делот од нашето патешествие на планината Дешат и да се спуштиме во с. Жировница. Спуштањето траеше 4 часа по силен дожд и невреме. Во селото бевме пречекани од домаќинот во планинарскиот дом Говедарница. Се исушивме и ја поминавме ноќта за наредниот да ден се упатиме кон нашата последна точка – манастирот Свети Јован Бигорски.
18 јули Пристигнавме во Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, каде бевме срдечно и со голема љубов пречекани од монасите. Истите ни поделија пригодни подароци и ни направија мала обиколка во манастирските простории, и додека го пиевме топлото кафе, нè запознаа со целата историја на манастирот. Со полни срца љубов и среќа го напуштивме Бигорски, во чија што чест го направивме овој голем подвиг, за кој сме особено многу задоволни.
Изминато растојание: 43 km. D + 3635 m.
Голема благодарност до:
Миленка Шаровиќ, Симона Трајковска, Васко Кически, Крумислав Јововски, Бобан Китановски, Дениз Мехмед, Богољуб Петровски, Тихо Качанаклиевски, Кирчо Топуков, Саше Гацев.