Како споменик на вечните духовни вредности, заеднички за сите христијански народи, и како стожер на обединувачката сила на културната размена, Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча, денеска го пречека австрискиот амбасадор во земјава, Неговата Екселенција г. Мартин Памер, кој допатува во десетвековното светилиште заедно со свои соработници. Посетата имаше пријателски карактер и помина во атмосфера на другарство и на меѓусебно запознавање. Всушност, угледниот гостин дојде во нашиот Манастир со цел запознавање на културното наследство, богатата историја и значењето на Бигорски, како и да договори посета на видни гости и поклоници од Австрија.
За време на посетата, амбасадорот Памер оствари средба со нашиот почитуван Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Средбата се карактеризираше со дух на топлина и отвореност и во неа се развија пријателски дискусии за духовноста и за улогата на христијанската вера во современиот свет. Во атмосфера на взаемна почит, владиката и амбасадорот споделија сознанија за вредностите што ги поврзуваат општествата. Особен интерес амбасадорот покажа околу милениумската историја на Манастирот, како и за монашкиот живот на нашиот Старец и за неговата мисија со зависниците и со социјално ранливите категории.
Во продолжение посетата се одвиваше во дух на пријателство. Накрај, амбасадорот Мартин Памер срдечно му се заблагодари на Владиката за топлиот пречек во Манастирот.