Пронајдена автобиографија на Преподобниот Јоаникиј Ракотински

Во светите на земјата и во избраните, во нив е сета моја радост!

Откако нашиот Господ Исус Христос дошол на земјата и ја основал Својата света заедница – Црквата, Божествената светост расцветала по целиот свет, до каде што продрела радосната вест за спасението. Христијанската светост се раскрилила во најразлични примери: најпрво, Пресветата Богородица, Св. Јован Претеча и Крстител, светите Апостоли, светителите, мачениците, исповедниците, преподобните, праведните… Светиите се најблескав украс на Црквата Христова и нивните житија ги напојуваат срцата на верните со рајска сладост. Тие се толку прекрасни и возвишени, што лесно ја привлекуваат кон себе христољубивата душа, радувајќи ја со „неискажлива и прославена радост“ (1. Петар 1,8). И не само што ја радуваат, туку Светиите на некој таинствен, благодатен начин им се приближуваат, им се откриваат на оние што ги љубат и се трудат да ги подражаваат нивните животи.

01.jpg
Преподобен Јоаникиј Ракотински

Едно такво чудесно откровение се случи и со Преподобниот отец наш Архимандрит Јоаникиј, смирениот подвижник и чудотворец од с. Ракотинци, Скопско. Веќе долго време се говори за овој новојавен Светија од нашата Татковина и од нашиот христољубив род: многумина се интересирале за неговиот свет живот, се потрудиле да пронајдат нешто повеќе за него, собрале драгоцени податоци, запишале, оставиле за поука на многумина… Меѓутоа, кога се исполни времето за неговото прославување и од земната Црква, Преподобниот самиот откри нешто драгоцено за него.

Имено, кога нашиот богољубив Архиепископ, Неговото Блаженство, г. г. Стефан, му го возложи послушанието на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, да ги собере потребните податоци и да состави житие за ракотинскиот подвижник, овој веднаш се зафати со таа душеполезна работа. Така, во текот на неколкугодишното истражување за животот на Божјиот угодник, се најдоа солидни податоци, се собраа сите претходни трудови и истражувања за него, се разговараше со постари личности кои лично го паметат Преподобниот, се запишаа повеќе чуда што ги направил за време на животот, но и чуда што се случија во поново време од неговите свети мошти… Меѓутоа најголемото откритие се случи неодамна, кога тројца наши собраќа, испратени со благослов од Старецот, во селскиот храм на Успението на Пресвета Богородица во с. Ракотинци, каде што до 1986 година лежело нераспаднато телото на о. Јоаникиј, заедно со претставници од црковниот одбор во селото, пронајдоа лично негова автобиографија! Иако многумина претходно ја посетувале оваа црква и истражувале за него, едноставно, како самиот Светија да сакал токму сега да го обелодени својот живот.

Автобиографијата на Преподобен Јоаникиј

Ова скапоцено писание е, всушност, личен ракопис од о. Јоаникиј. Toa може лесно да се воочи од споредбата со останати документи од негова рака пишувани (дневници на касата, деловодници, инвентарни книги, познатиот негов лекарственик), како и од тоа што уште на првата страница, после неколкуте основни фактографски известија пишувани во 3 л. еднина, во продолжение текстот е пишуван во јас-форма. Автобиографијата содржи 11 пишани страници, вклучувајќи ја и насловната, со формат 21х34 см. Текстот е пишуван на лош српски јазик и е најверојатно составен како одговор на едно барање од 1930 г. од тогашното српско црковно управителство во Скопје, што се потврдува и од еден запис за примени и испратени писма од деловодната книга што ја водел о. Јоаникиј. Според тоа барање сите свештенослужители од скопскиот округ биле должни да направат своја, како и биографија на знаменити личности од нивните парохии. Притоа, согласно тогашниот тирански и хегемонистички режим, од црковниот клир се барало безусловна послушност и верност кон државните и црковните власти и „будно чување на светото српство“, па така нашето домородно духовенство морало да трпи уште едно ропство, можеби подеднакво страшно како и турското.

На насловната страница од Автобиографијата пишува:

Биографија на Јоаникиј Ѓорѓевич, Игумен и Старешина на Манастирот „Св. Илија“, кај селото Ракотинци, ср(ез) Скопски;

а завршува со зборовите:

Но, Севишниот Бог, Кој ја храни и чува Црквата на камен, Он со Неговата семоќна рака ме сочува и мене, грешниот, до денес. Нему нека Му е слава и пофалба, сега и секогаш, и во веки веков. Амин!

Текстот е напишан во с. Ракотинци на 6/19 март 1930 година, а о. Јоаникиј се ословил како: Смирениот и грешен Старешина на Ракотинскиот Манастир.

Автобиографијата содржи драгоцени податоци за животниот пат на Преподобниот Јоаникиј, кои ќе го надополнат неговото житие, но и ќе исправат некои заблуди и грешки. Така, на пример, досега се веруваше дека о. Јоаникиј се упокоил на 101 година, што би значело дека бил роден во 1839 година, бидејќи со сигурност се знае дека се упокоил во 1940 година. Годината 1839 е вржана и на мермерниот крст, поставен во осумдесеттите години на минатиот век. Меѓутоа, Преподобниот јасно си кажува во својата автобиографија дека е роден на 7/20 јануари 1847 година, во Охрид, „од Православни родители Ѓорѓи и Софија“. Понатаму, биографијата изобилува со фактографски податоци за неговиот живот, но содржи, исто така, и детални описи за страданијата што ги претрпувал од турските власти и од локални турски и арнаутски одметници, кои во неколку наврати сакале да го убијат.

Податоците од автобиографијата ќе влезат и во Житието на Преподобниот Јоаникиј, чиешто составување е веќе во тек. Истовремено со Житието, во тек е и пишувањето на неговото богослужбено последование, од познатиот химнограф на Великата Христова Црква во Константинопол, јеромонахот Атанасиј Симонопетриски.

Прославувањето на Преподобниот Јоаникиј Ракотински и неговото впишување во Диптихот на Светиите е предвидено за следната година.