Прославен празникот „Рождество на Пресвета Богородица“ во храмот во село Ростуше

Од Ана денес изникна цвет, билка од Бога дадена – Богородица, на луѓето спасение, зашто од неа надумно се роди Создателот, Кој, како добар, со Својата добрина ја очистува Адамовата нечистотија
(Стихира на Господи повикав, на Мала Вечерна)

Денес Црквата нѐ повикува да го славиме новиот живот. Денес тајната на Божјата љубов за нас и за сета твар се открива во Рождеството Богородично. Денес се придружуваме кон хорот на Светиите, Ангелите и Архангелите, славејќи го чедото на Јоаким и Ана, преку кое се овоплотува и доаѓа при нас Спасението на светот. Да се радуваме затоа денес со силна вера и неискажлива радост, за раѓањето на оваа чиста рожба во која се собрала сета духовна убавина, добрина, хармонија и совршенство, сите вистински украси на возвишената човечка природа. Таа е наша непосрамена надеж; милостиво ги одвраќа од нас темните облаци на Божјиот праведен гнев, ни го отвора древниот Рај со своето моќно застапништво; ги крепи благоверните народи и држави, и ги запазува непоклатни во вековите. Ја спаси нашата земја илјадници пати, ја направи цврста, ја прослави, ја утврди и продолжува да ја чува, стоејќи како бедем исправен пред немирните бранови на безбожието кои се закануваат да нѐ потопат. И сѐ додека со надеж ги управуваме нашите очи кон нејзиниот благороден лик, молејќи ја да испроси милост за нас од Својот Син и Бог наш, знаеме дека злото нема да нѐ надвладее во веки.

Тоа спокојство, сигурност и увереност во молитвите на предобрата Богомајка и непресушната Божја љубов кон нас, просто зрачеше од секој богопросветлен збор на нашиот возљубен старец архимандрит Партениј, со кои тој на празничната вечерна богослужба во спомен на чесното раѓање на Пресвета Дева, ги вдахнови со уште посилна љубов душите на присутните во Ростушкиот Богородичен храм.

Необично зрачеше и Ростушкиот храм следното утро, кој со своето белило како да ја отсликуваше светлозрачната и пречиста душа на Богомајката, додека милозвучно одѕвонуваа прозбите и стиховите од празничната Литургија во нејзина чест. И повторно умилителната беседа на нашиот Старец за честа на Богомајката и за Литургијата како Божја прегратка, татковски ги погали нашите души.