Искушеник од Охрид стана монах Филарет, братството на Бигорскиот манастир

Искушеник од Охрид стана монах Филарет, братството на Бигорскиот манастир збогатено за четворица монаси

Монашкото братство на Бигорскиот манастир е побогато за четворица нови монаси.

Четворицата искушеници, меѓу кои и еден охриѓанец (монахот Филарет), изминатиот викенд на пригодна црковна свеченост на која присуствуваа голем број верници, влегоа во монашкото братство на Бигорскиот манастир.

На свеченоста, како и на литургијата што се одржа во неделата по повод празникот Отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител, покрај игуменот на манастирот отец Партениј со другите монаси и искушеници, присуствуваа и владиците Тимотеј, Агатангел и Наум.

Надлежниот владика Дебарско – кичевски Тимотеј ги благослови новите монаси Мојсеј, Митрофан, Филарет и Ефрем.

– Нови четири факели запалени пред Бога за православниот народ наш, четири молитвеници како цврсти столбови вградени во зградата на Црквата Христова. А во длабоко молитвениот поглед на нашиот Старец, кој ги роди во љубовта Христова и ги одгледа како свои најмили рожби, како да го гледавме љубовниот и полн со милост поглед на самиот Претеча и Крстител Господов Јован. – беше истакнато на свечениот чин.

– Православните манастири се налик на пустина и во таа пустина многу обременети од гревот души го наоѓаат својот спокој, својот мир, својот духовен одмор. Зашто како што Св. Јован од Јорданската пустина проповедаше покајание за прошка на гревовите, така и манастирите во кои трудољубиво се подвизуваат монаси, повикуваат на покајание и помирување со Бога. Сведоштво за тоа е и ова славно Бигорско светилиште, посветено токму на проповедникот на покајанието, Св. Јован, а доказ за живата проповед се овие четири наши души, овие наши четири деца, кои вечерва ги дадоа монашките завети. Но, тие денес не би стоеле тука, доколку не беше нивниот духовен татко, игуменот на овој Свет Манастир, Архимандрит Партениј, кој ги одгледа и Му ги принесе на Господа… – рече митрополитот Агатангел.

Покрај литургија по повод празникот Отсекување на главата на Св. Јован Крстител, на која присуствуваа голем број верници, во Бигорскиот манастир изминатиот викенд се одржа и ктиторска вечерна богослужба и панихида посветена на првиот ктитор на манастирот, Архиепископот Охридски Јован, а се оддаде почит и на сите градители, дарители и помагачи на десетвековното Бигорско светилиште.