Бигорското братство со четири нови монаси

Во македонското древно светилиште, Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, викендов, достоинствено беше одбележан патрониот празник на манастирот. Се празнуваше во чест и спомен на Свети Јован, Крстителот на Господ Исус Христос. Се празнуваше споменот за крвавиот злостор над Свети Јован, кога му била отсечена главата.

Како што беше речено, свети Јован Крстител пострадал за вистината, бидејќи неа ја проповедал без страв и сомнеж пред народот, на свештениците, на војниците, на сите. Притоа укажувал на сите неправди. Со оваа проповед се појавил и пред царот Ирод, кој го погазил законот и со тоа ги соблазнувал своите приврзаници. Св. Јован пројавил голема духовна моќ, кога директно го укорил Ирода: „Не ти е дозволено да ја водиш жената на твојот брат“. Овој пример на храброста и на доследноста на одбраната на Божјиот закон, на правдата и вистината, ни треба и денес за да ја исповедаме нашата вера и да ја браниме правдата Божја.

Во саботата навечер беше отслужена свечена архијерејска вечерна богослужба, а во текот на службата, четворица членови од бигорското братство, духовни рожби на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, беа пострижани во светиот монашки род. Во преполнетиот храм, во првите редови беа родителите и блиските на четворицата искушеници, кои на прашањето на митрополитот г. Тимотеј, надлежен архијереј на Дебарско-кичевската епархија, дали доброволно пристапуваат во монашкото братство, четворицата едногласно, отсечно и потврдно одговорија со „да“ и на другите прашања без двоумење, гласно и јасно потврдуваа дека доброволно пристапуваат. Се чу лелек од мајките на чии образи потекоа и солзи радосници, а огромна радост се гледаше кај идните монаси: Миле Велкоски од Прилеп, кој го доби монашкото име Митрофан, Светомир Недески од Охрид е монах Филарет, Захариј Сулејман од Скопје е отец Мојсеј, а на Ефрем Aлсeн од Скопје монашкото име му е Ефрем. Првпат во поновата историја на македонското монаштво беа замонашени четири лица, од кои двајца порано биле со муслиманска вероисповед.

Цела ноќ во манастирските конаци и двор, секој слободен простор беше окупиран од верници, дојдени од сите краеви на нашава држава, од соседството, како и од дијаспората.
Вчера прославата почна со утрена богослужба, а по неа беше одржана света архијерејска Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот г. Тимотеј, во сослужение со митрополитот Повардарски, г. Агатангел, струмичкиот митрополит г. Наум, игуменот на Бигорски, архимандрит Партениј и повеќе свештенослужители и монаси. Богослужбата беше збогатена со прекрасното хорско пеење на хорот на Бигорскиот манастир.

Во изминатите два дена видлива беше радоста и возбудата кај сите присутни во манастирските ѕидини. Во разговорот со верниците, тие ни рекоа дека во вистинската смисла на зборот се доближиле до Господ и ги почувствувале мирот и спокојството, се помолиле за здравје и успех во семејства.

– Презадоволна сум од богослужбите. Првпат имав можност да присуствувам на чинот на монашење, што ми остави посебен впечаток од богослужбите. Бигорскиот манастир навистина е бисер на православието и на македонското градителство. Треба да се дојде, да се види и со присуството на богослужбите да се почувствува Божјата моќ – ни изјави Рушка Јованова, од Нирнберг, СР Германија, која специјално дошла во татковината за да присуствува на оваа прослава на манастирот.

Инаку, во рамките на патронската слава на Бигорскиот манастир, беше осветен етно-ресторанот „Куќа на Мијаците“, од страна на митрополитите г. Тимотеј и г. Агатангел, игуменот Партениј, јеромонаси и други свештенослужители. „Куќата на Мијаците“ располага со 500 квадратни метри површина за користење, распослана на приземје и на два ката, има четири гостински одаи за преноќување, пространи два отворени чардака и други простории. Прекрасен објект, кој со надворешната и внатрешната архитектура е во духот на мијачката традиционална архитектура, соѕидана со камен и со дрво.

Автор: Киро Кипроски