Свечено пуштање во употреба на новиот пат

Попладнево, на ден пред почетокот на светиот Успенски пост, после неколкумесечно засилено работење, службено беше пуштен во употреба патот што води до Бигорскиот манастир. Свечениот чин на пресекување на црвената лента беше извршен од страна на нашиот игумен, Неговото Високопреподобие, архимандрит Партениј, вицепремиерот на Р. Македонија задолжен за економски прашања, почитуваниот г. Владимир Пешевски, директорот на Агенцијата за државни патишта, почитуваниот г. Љупчо Георгиевски, и многуценетиот градоначалник на општина Маврово-Ростуше, г. Мукрем Мехмеди.

Средствата за рехабилитација на локалниот крак што го поврзува нашиот манастир со регионалниот пат Маврово-Дебар ги обезбеди Владата на Р. Македонија, преку Министерството за транспорт и врски, а самиот градежен потфат го изведе ГП „Илинден“ од Струга. Овој пат во облик на серпентина е долг околу еден километар, а просечната негова ширина е околу шест метри. Таму каде што беше најпотребно се изѕида потпорен ѕид во должина од шеесетина метри.

Во изјавата дадена за медиумите, нашиот старец, архимандрит Партениј ја искажа својата голема благодарност до Владата на Р. Македонија за финансиското покривање на овој потфат, како и за целокупната досегашна владина помош за обновата на Бигорското светилиште. Притоа тој посебно нагласи дека интервенцијата на патот дојде во вистински момент, кога крупните градежни активности околу обновата на ‘Горни Палат’ се веќе завршени, а интересот за посета на манастирот значително зголемен. Исто така голема придобивка е тоа што по обновениот и проширен пат слободно ќе можат да се искачуваат и автобуси, и тоа до самата манастирска капија, што досега не беше можно.