Трибина: Достоинствотото на жената во светлината на Евангелието

Статусот на жената во овој современ свет е навистина често дискутирана тема. Таа е предмет на размислувањето на бројни организации кои на овој или оној начин се обидуваат да ја достигнат својата цел – еднакви права за мажот и жената. Во тие нивни напори се оди до крајност па веќе дојдовме до ситуација каде ниту мажот ни жената не можат достоинствено да ја исполнат својата улога, дадена од Бога. Затоа на 10.10.2010 год. во Охрид се одржа трибина на која статусот на жената беше разгледан во една поинаква светлина, светлината на Христовото Евангелие. Оваа трибина, во организација на Унијата на жените при ВМРО ДПМНЕ, а во соработка со Бигорскиот манастир, навистина силно го привлече вниманието и интересот на Охриѓани, па меѓу присутните, покрај бројните претставнички на понежниот пол, забележително беше и присуството на мажите, како и на претставници на свештенството и монаштвото од Епархијата.

Затоа од името на монаштвото, на нашите два манастири, бигорскиот Св. Јован Крстител и раичкиот, Св. Георги Победоносец, ја изразуваме нашата најискрена благодарност до организаторот на трибината – Унијата на жените на ВМРО -ДПМНЕ со претседателката г-ѓа Славица Јанковска во нејзината заложба и вложување во реализирањето на трибината.

Трибината започна во вечерните часови, во амбиент на прекрасно византиско пеење, проследено со одбрани фотографии и икони на пресветата Богородица, како највозвишен пример за жената во овој овремен свет. Во своето уводно излагање, претседателката на Унијата, г-ѓа Славица Јанковска, ја најави целта на оваа трибина, запознавањето со христијанскиот поглед кон жената и притоа напомна и за едно суштинско прашање, за кое Унијата во иднина ќе се залага, а тоа е враќањето на веронауката во училиштата. Потоа теологот Јасмина Зајкова направи паралела помеѓу понижувачкиот однос кон жената во периодот пред христијанството, кој, за жал, постои и денес во нехристијанските средини, и христијанскиот поглед, кој на жената и го дава вистинското достоинство, што таа би требало да го има како мајка и сопруга. Во излагањето голем придонес имаше и сестринството од манастирот посветен на Св. Георгиј Победоносец во Рајчица, Дебар. Имено, сестра Анастасија се потруди на присутните да им го приближи ликот на Богородица, како идеал кон кој би требало да стреми современата жена. Притоа таа ја искористи оваа прилика да ги нагласи и особините кои би требало да ја красат жената христијанка, наведувајќи повеќе примери од Светото Писмо. Во тој контекст беше прочитано и едно од писмата кое Св Јован Златоуст и ги упатил на своето духовно чедо, Олимпијада, а бројните гости имаа можност и да ги постават своите прашања на оваа тема, на што сестрите се потрудија детално да одговорат. Така беа опфатени теми како што е односот меѓу мажот и жената во христијанскиот брак, воспитувањето на децата и нивна духовна подготовка за изборот на нивниот иден брачен другар, улогата на жената во монаштвото и др. Доста потресно и впечатливо беше и излагањето на верничката Виолета Ангелова, дипломиран социолог од Скопје, која со присутните со сподели своето животно искуство како жена сопруга, мајка и одговорен соработник при клиниката за пулмологија во Скопје. Трибината заврши со една прекрасна молитва, која во Стариот Завет Товиј Му ја упатил на Бога, барајќи го Неговиот благослов за својот брак:

„Благословен си Ти, Боже на нашите отци и нека е благословено и прославено Твоето свето Име, во век и веков! Нека Те благословува небото и сета Твоја твар. Ти го создаде Адам и му ја даде Ева, жената негова, како другар и поткрепа. Од нив произлезе родот човечки.

Ти си рекол: „Не е добро за човекот да биде сам, да направиме другар и помошник за него.“

И сега, Господи, ја земам оваа сестра моја, не заради задоволување на похотите, туку навистина како жена. Ти, пак, благоволи да нé помилуваш и да ни дадеш заедно да ја дочекаме староста.“

И таа рече со него: Амин!

Каков благослов за детето да се зачне после ваква молитва, да започне живот во ваков страв Божји и достоинствена љубов. Амин!

Призив, дарови и значење на жената во Христијанството
Пресвета Богородица – Највозвишен идеал за жената христијанка и воопшто за секоја жена
Лично искуство на една жена и мајка – Христијанка