Во рамките на својата сеопфатна мисија за оприсутнување на Црквата Христова во секој сегмент од човековото живеење, нашиот Манастир учествување со свој претставник на меѓународната конференција по информатика што се одржа од 17 – 19 септември во хотелот Метропол, крај бреговите на Охридското Езеро. Имено, станува збор за т.н. „ИКТ иновации“ (10th International Conference ICT Innovations 2018), коишто се серија на меѓународни конференции за презентирање на нови идеи и фундаментални достигнувања во областа на компјутерските науки и инженерството. Оваа година тема на конференцијата за ИКТ иновации беше „Инженеринг и животна наука“.
Главната цел на конференцијата беше да ги собере академските кругови, истражувачите, инженерите, професионалци за податоци и индустријата, коишто имаа можност да ги споделат најновите откритија, најдобри практики и да научат за симбиозата помеѓу инженерството и науката за животот. Конференцијата го промовираше развојот на модели, методи и инструменти на науката за податоци, како и други аспекти на компјутерските науки, со цел да обезбеди уникатна околина за презентација и дискусија за нови пристапи и прототипови во заедничките области на инженерството и науката за животот. Конференцијата се состоеше од сесија предавања со технички прилози (научни трудови), коишто пред тоа беа разгледани и избрани од меѓународната програмска комисија, како и од поканети научници кои одржаа нивни научни говори на конференцијата.
Свештената Бигорска Обител на оваа конференција беше застапувана од нашиот собрат, искушеникот Драган Златковски, кој по образование и професија е информатичар. Тој учествуваше со свој научен труд насловен како: „A New Real-Time File Integrity Monitoring System for Windows-based Environments”. Впрочем, трудот е дел од неговата магистерска теза под менторство на проф. д-р Александра Милева од Факултетот за информатика, при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во овој труд Драган го образложува дизајнот и имплементацијата на новиот систем за мониторинг на интегритетот на податоците во компјутерскиот систем во реално време, именуван како WebSGuard.
Освен информатичари од Македонија, на меѓународната конференција учество зедоа и професори од врвни светски универзитети и институции од: САД, Германија, Унгарија, Шпанија, Словенија и Србија.