Нови божикни и новогодишни каланди
Со благослов на нашиот старец владиката Партениј, Чалгија Мерак, во соработка со нашето братство, веќе подолго време работат на возобновување на коледарски песни, или каланди. Некои од нив од пред неколку години се возобновени во соработка со здружението Бадникови поворки, а другите за прв пат ќе се изведат во нашиот манастир пред возљубениот ни старец и епископ Партениј, игумен на нашата Обител, на празникот посветен на св. Василиј, меѓу народот познат како Василица, кој се слави заедно со Обрезанието Господово и Новата Година по Јулијански календар (01 јануари). Интересно е што дел од овие каланди потекнуваат од Мијачкиот крај. Инаку, оваа традиција е исконска. Народот порано имал обичај да се собере на овој ден за да отпее каланди пред владиката, пред градските првенци, чорбаџиите и на тој начин да му даде важност и духовно, православно значење на големите празници.