Низ богослужби, наука, послушанија, дружба, игра и рекреација, помина и вториот летен камп по Веронаука во Свештените Обители на Светиот Јован Крстител и Светиот Георгиј Победоносец. Четириесетината деца од различни краишта на земјава, престојувајќи неколку дена во нашите манастири, не само што ги слушаа своите омилени поуки за верата и духовниот живот, туку се стекнаа и со некои важни сознанија во областа на екологијата. Особено интересна за нив беше средбата со раководството на Црвениот крст од Дебар, составено од Исни Телкиу (секретар на Црвен Крст на Р. С. Македонија, општинска организација Дебар), д-р. Драган Клопчевски (предавач по прва помош), Мирзана Телкиу (демонстратор по прва помош) чиишто стручни лица ги запознаа децата со основните начини преку кои може да им се укаже помош на повредените и лицата во опасност. За ова бескрајно им благодариме.
Сепак, најзначајни за нив беа средбите со нашиот Старец, архимандрит Партениј, чија што личност предизвикува огромна радост меѓу младите, а неговите духовни поуки – слатка храна за нивните души.
Климент Нестороски 13 години, Струга – Му благодарам на Бога што не донесе овде и на отец Партениј затоа што не прими во овој свет храм. Му благодарам и на отец Митрофан што ни овозможи да посетиме прекрасни места во и надвор од манастирот. Голема благодарност и до отец Козма затоа што не научи нови песни. Се одушевив кога отец Митрофан не однесе и ни ги покажа убавините на природата и на водопадот Дуф. Му благодарам и на отец Амвросиј кој ни дозволи да пееме на канонот на Св. Јован и на наставничката која цело време беше со нас. Жалам што морам да си одам но со радост го чекам денот кога повторно ќе дојдам.
Живче Петрески 13 години, Скопје – Мене ме воодушеви тоа што има различни служби. Му благодарам на отец Партениј што сите не покани на кампот. Многу убави икони, убава црква и убав смештај. Најубаво ми беше кога влеговме во костурница кога ги видовме черепите и кога ги мириснавме коските. Една од поубавите работи ми беа кога не учеа веронаука. Му благодарам на отец Митрфоан што ни читаше книги и на Ангел што ни пушташе филмови и на отец Козма што не научи молитви.
Горјан Тасевски 11 години, Скопје – Му благодарам на Бога што не донесе на ова свето место. Му благодарам на отец Партениј што го организира овој камп, му благодарам за тоа што ме благослови. Многу беа литургиите убави. Јас овде се научив многу молитви. Пред се дојдов да запознам како е да се биде монах. Сите монаси беа добри и јас сум изненаден. И јас би сакал да бидам како вас монасите.
Леонид Рабреновиќ 11 години, Скопје – Му се заблагодарувам на Бога и на Светиот Јован што дојдов во овој свет манастир. Исто така голема благодарност до отец Партениј кој со голема татковска љубов не прими во манастирот. Ние пристигнавме во Понеделникот а заминавме во петокот. Ние во овие дена на кампот со Ангел искушеникот бевме на реката Радика и на една ливада покрај реката и таму игравме многу игри. Бевме во костурницата и во библиотеката, присуствуваме на многу литургии и канони. Бевме и во компјутерницата, таму Драган ни објаснуваше за сајтот додека отец Анатолиј мирно си работеше. Јас си поминав многу убаво. Ви благодарам што не примивте Отец!
Марко Петковски 6 години, Битола – Пред се му благодарам на Св. Јован што ни помогна да го посетиме прекрасниот ни манастир со прекрасното монаштво. Му благодарам и на отец Партениј што не прими со радост. Браќата монасите не подучуваа на благодарност и на смирение. Тие не подучуваа и во нашата христијанска вера. Исто така многу се добри со нас и би сакал почесто да го посетувам ова прекрасно место. Би било добро и другите деца и повозрасни да го посетат манастирот Св. Јован Бигорски.