Вселенскиот патријарх Вартоломеј го прослави својот именден

Извор:

Во понеделникот, на 11 јуни, на споменот (според новиот стил) на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава, Неговата Сесветост, Архиепископот Константинополски, на Новиот Рим и Патријарх Вселенски г. г. Вартоломеј, го прослави својот именден. Торжеството се одвивало во патријаршискиот храм во Фенер, а со Светата Литургија чиноначалствувал самиот Патријарх. Пред мноштвото народ било прочитано и официјалното соопштение од Патријархот Вартоломеј, во кое меѓу другото стои:

„Кога некој наш брат е окарактеризиран како шизматик или еретик, а уште повеќе кога цел народ со милиони луѓе, се наоѓа надвор од канонската Црква под изговор на шизмата, тогаш ние сме повикани итно и без никакво одолжување да покажеме духовна бодрост и апостолска будност, зашто кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови (1. Кор. 12,26). Постоењето на раскол не е аргумент со леснотија да се остави еден цел народ надвор од црковната вистина и каноничност, премолчувајќи ја својата одговорност пред Бога и историјата, туку тоа дава уште посилна побуда да бидат најдени спасителни и обединувачки решенија. Следствено, Мајката-Црква го исполнува своето апостолско задолжение, кога бара начини за спасение на нашите браќа во Украина и Скопје. Наше задолжение и одговорност е да ги приведеме сите народи во вистина и каноничноста на Црквата. Зашто, она што го има нашата Вселенска Патријаршија – тоа се раздава за радост на целиот свет и се принесува на сите народи без исклучок“.

Осврнувајќи се на животот и апостолското дело на чествуваниот Апостол, Свети Вартоломеј, Неговата Сесветост нагласи дека „свештеноапостолското дело особено силно и методично го негувале нашите Свети претходници, Архиепископи Константинополски, Јован Златоуст и Фотиј Велики, а во продолжение и Светите Кирил и Методиј, просветителите на Словените. Христијанизацијата на Готите, Хуните, Грузијците, Русите, разни племиња на Колхида, на Кавказ, Словените и Нубијците, ги претставува вкусните плодови на оваа апостолска должност“.

Братството на нашата Свештена Обител срдечно му го честита именденот на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, пожелувајќи му уште долги години богомудро да раководи со кормилото на Вселенскиот престол на Православието!

На многаја лета, Ваша Сесветост!