„Светата, гледајќи се себеси во чистота, смело му вели на Гаврила: – Твоите чудни зборови тешко може да ги прими мојата душа, зашто зборуваш за раѓање од бессемено зачнување и велиш: Алилуја!“
(Кондак 2 од Акатистот кон Пресвета Богородица).
На 22.03.2024 година, во петокот од првата седмица на Великиот пост, во параклисот посветен на светите Пречистански маченици, во манастирот „Пресвета Богородица“ – Пречиста во Кичево, во вечерните часови беше отслужено Мало повечерие со Акатист кон Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештентво Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на еромонахот Ефросиниј, свештениците Александар Матески, Роберт Илијевски и Александар Крстаноски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Светите Божји луѓе и големи духовници, во своите молитви и песни, ја споредуваат Пресвета Богородица со онаа капина која горела, но не согорувала. Во нашите храмови често ги слушаме прекрасните зборови упатени кон Богомајката: Радувај се капино несогорлива. Во чудната капина која Мојсеј ја видел на Хорив, светите отци и учители на светата Црква од повеќе причини ја гледаат прасликата на Пресвета Богородица.
Допирајќи се со огнот на Хорив, душата на Мојсеј била запалена со длабока вера, и не согорувајќи, таа непрестајно горела. Несогорливата и силна вера ја издигнала Пресвета Богородица над сите луѓе, па дури и над ангелите, над херувимите и серафимите. Затоа Бог токму неа ја избрал да биде Богомајка, упатувајќи ѝ ја пораката: И ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус… Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји (Лк. 1, 31 и 35). Допрена од огнот на Светиот Дух, Пресвета Богородица доживеала нов препород преку натприродното зачнување на Синот Божји, а истовремено постанала пример за најчиста девственост, бидејќи како девојка зачнала и како девојка родила Богочовек, и по раѓањето останала девојка.
Светите отци во Мојсеевата капина виделе праслика на вечната девственост на Пресвета Богородица, а девственоста е слична на вечниот Божествен оган кој не согорува. Големиот пророк Исаија ова големо чудо го навестил многу одамна: Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му Го дадат името Емануил (Ис. 7, 14). Затоа и поетот вели: радувај се, бидејќи девственоста и раѓањето си ги соединила. Како е тоа можно – честопати прашува ограничениот човечки ум? Св. Јован Златоуст советува да не бараме тука каков и да е природен поредок и брачни закони, сѐ е тука натприродно.
Мојсеј, во древните времиња, го повел својот израелски народ од Египет во ветената земја, според Божјата заповед. На овој пат пред нив одел еден необичен облак, кој им ја покажувал насоката на движење. Ноќно време облакот светел како столб од оган. Пресвета Богородица како најсовршен човечки пример на вера и морална чистота, исто вака оди со векови пред луѓето, покажувајќи им ги патиштата на животот. Затоа и црковниот поет вели: Радувај се огнен столбе, кој им го покажуваш патот на оние кои се наоѓаат во темница.
Со својот пример Богородица ги просветлува човечките умови, како неугаслив сончев зрак. Со нејзините молитви Богородица им помага на луѓето да ги сознаат небесните тајни, зашто таа е светлината на неискажливите тајни. Таа ги разбира маките на човечките гревови, светејќи со своето Богомајчинство, бидејќи Го роди Светиот, Божествениот и Предвечниот. Таа со својот духовен лик е повисока од небото и почиста од сончевите зраци. Затоа нејзиниот пример е вечен. Неа не ја надминуваат ни вековите и времињата.
Мојсеј некогаш пришол кон чудесната капина на планината Хорив, и го слушнал гласот од неа кој вели: Јас сум Бог на твојот татко (2. Мој. 3,6). Пристапувајќи кон Пресвета Богородица и угледувајќи се на нејзиниот пример, и ние духовно ќе го доживееме тој духовен глас и ќе ја примиме таа Божествена порака. Потребно е доброволно да пристапиме кон неа, кон таа несогорлива капина. Но, потребно е претходно да ги собуеме обувките од нозете, зашто тоа место е света земја (2. Мој. 3,5). Неопходно е претходно да ги очистиме своите срца од калта од разните човечки слабости и духовни и морални нечистотии. Тоа место е свето и потполно чисто. Потребно е да ја соблечеме од нас нечистата облека и обувките, и духовно да се очистиме, та потоа да пристапиме со чисто срце и душа.
Да се обратиме со неколку зборови кон Пресветата Богородица, Богомајката и Мајката на сите нас, таа да нѐ подигне од длабините не гревовите и да нѐ избави од секакви неволји. Да ги просвети нашите души и срца, па да ни подари здравје, слога и меѓусебна љубов, удостојуваќи нѐ за Царството на нејзиниот и наш Господ Исус Христос. Нему единствено Му припаѓа царството и силата и славата, сега и во сета вечност. Амин.
Прв акатист на Пресвета Богородица
Параклис „Св. Пречистански маченици“ – ман. „Пресвета Богородица Пречиста“ Кичево
22.03.2024 г.
Митрополит Тимотеј