Автор: Андреас Лударос
Ако Претстојателите на Црквите имаат кошмари, тогаш во последно време Рускиот Патријарх сигурно го има, подобро кажано, го доживува најстрашниот кошмар во својот живот. Девет години по своето искачување на престолот на Московската Патријаршија, некогашниот најспособен црковен дипломат се наоѓа еден чекор пред најголемиот губиток на своето патријархување. Еден губиток при кој, освен сопствената тежина, ќе си натовари на грбот и еден раскол, доколку конечно одбере да го следи патот што неговите соработници го најавуваат.
Од еден човек како Патријархот Кирил, со длабоки познавања за црковната рамнотежа, но и за стварноста која веќе со векови се има образувано во внатрешните работи на Православната Црква, некој би очекувал да види подобро одмерени чекори, ако ништо друго, барем стратегиски исправни.
Напротив, последниве години редат грешка врз грешка, без ниту една од нив да донесе поука, или барем да го активира алармот дека нешто не е во ред.
Според моето мислење, грешката на водството на Руската Црква не е во фактот што не може да го сфати начинот на кој размислува и функционира останатиот православен свет, но во неговото изненадување, секојпат кога ќе се увери дека останатите Православни не размислуваат како него.
Еден краток поглед на конкретни дејства што ги има направено Руската Црква последниве децении, може да му помогне на Патријархот Кирил и на неговите соработници да се уверат, и тоа со голема леснотија, дека на крајот на денот, единственото што успеваат да го направат е неправда врз себеси.
Ќе видат, на пример, дека на автокефалијата што тие ја дадоа на Полската Црква во 1949 година, никој не ѝ обрна внимание. Ќе видат дека и покрај нивните обиди на Црквата на Чешка и Словачка да ѝ биде признаена автокефалијата што ѝ ја дадоа во 1951, никој не ја призна, додека не беше издаден Томос од страна на Фанар.
Пред скоро време, изборот на Архиепископот Растислав во Чешка исто така не беше прифатен од никого, и покрај тоа што Москва, Антиохија и Полска побрзаа да го признаат. Архиепископот Растислав стана дел од семејството на Претстојателите на Православните Цркви во оној ден кога Вселенскиот Патријарх му ја отвори вратата.
Нормално, не треба да ја заборавиме ниту „Автокефалната“ Црква на Америка, која ја признава само Москва, и никоја друга Црква.
Што се однесува до Светиот и Велик Собор… Тој беше свикан сосема канонски, без никакви недоречености. Од четиринаесет Цркви, присуствуваа десет, додека отсуствуваа Антиохиската, Руската, Грузиската и Бугарската.
Веќе со децении, Москва се обидува да ја доведе Црквата пред свршен чин, но единствено успева само да му покаже на останатиот свет дека во суштина не може – нешто што самата не го гледа. Не можам да сфатам зошто.
Истото е и со нејзината немоќ да најде стабилни аргументи. Непосредно пред почетокот на (за малку) Сеправославниот Собор, Патријархот Кирил се користеше со аргументот дека тој не можел да биде свикан во Света Ирина во Цариград поради тоа што храмот немал крст на куполата.
Сега велат дека Фанар не може да одлучува за останатите Православни бидејќи има седиште во муслиманска земја. А останатите древни Патријаршии (Александрија, Антиохија, Ерусалим) каде се?
Се чини дека во истиот контекст е и бришењето на терминот „Вселенски“ по однос на сè што има врска со Цариградскиот Патријарх. Последниве месеци, односно од тогаш кога Москва сфати дека Фанар оди кон решавање на украинското прашање, автоматски престана да го нарекува Патријархот Вартоломеј – Вселенски. Ако ова не е правење ној, со главата во песокот, тогаш што е?
По истата логика, ако од утре мојата ќерка што е во пубертет престане да ме вика татко, ќе може да излегува на прошетки кога сака и да се враќа дома кога ќе ѝ текне. Но, знаеме дека и да ме вика Навохудоносор, јас останувам нејзин татко.
Кога си голем и сакаш сите останати да те гледаат така, тогаш треба да се погрижиш и твоите аргументи да имаат иста тежина.
Како што од сè се покажува, прашањето на украинската автокефалија во моментов не ја намалува силата на Цариградскиот Патријарх, но напротив, го засилува вселенскиот карактер на Патријаршијата. Вистина е тешко да предвиди некој како ќе се развијат до крај работите, но во моментов единствен што може да наштети на развојот на работите во корист на Украина не е Москва, но самите тие што ќе добијат автокефалија, ако не покажат зрелост што прилега на состојбата.