Како што соопштува официјалниот портал на Вселенската Патријаршија, денес, 3 март 2023 година, Неговото Блаженство Архиепископот на Нова Јустинијана и цел Кипар г. Георгиј, ја оствари својата прва мирна посета по изборот и востоличувањето, започнувајќи, како што налага преданието, од првопрестолната помеѓу Патријаршите – Великата Христова Црква во Константинопол. Неговото Блаженство беше во придружба на Високопреосвештените митрополити Константиски и Амохостиски г. Василиј и Китијски г. Нектариј, Високопреподобниот секретар на неговиот Свет синод, архимандрит г. Георгиј Христодулу, Високопреподобниот архимандрит г. Григориј Јоанидис, професор на Богословскиот факултет на Кипарската црква, Сечесниот ѓакон г. Михаил Николау и г. Михаил Спиру, директор на архиепископскиот кабинет.
Неговото Блаженство беше пречекан пред вратите на Патријаршијата од страна на Високопреосвештениот митрополит Мирски г. Хризостом, членовите на Патријаршискиот двор и клирици на Најсветата Архиепископија Константинополска, како и на светите митрополии Халкидонска, Деркиска и Принкипониска. Во продолжение, во Сечесниот Патријаршиски храм „Св. Георгиј Победоносец“ беше отслужена Доксологија во негова чест, на која присуствуваше Високопреосвештениот Митрополит Старец Халкидонски г. Емануил, претседател на Комисијата за меѓуправославни прашања, како и конзулот на Грција г. Данаи Василаки, верни од Градот и поклоници од странство.
На приемот кај Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во присуство на јерарсите на Вселенскиот Престол што пребиваат во Градот, беа и нашите Високопреосвештени митрополити Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Струмички г. Наум. За време на приемот беа разменети пригодни слова од страна на двајцата претстојатели.