Радувај се, слаткомирисен Крину, што верните ги благоухаш (Прв Акатист)

„Беше незабележлива, незначајна, а стана поширока од Небесата. Беше едно бескрајно трпение во жалостите, а постана радост на сите. Се чувствуваше и се нарекуваше себеси ‘слугинка’, а стана Царица на Небото и на Земјата. Ѝ ги оставаме нашите болки, таги, борби, а Таа се покажа за нас – извор на милост. Ги преобразува нашите горчини, бидејќи е сладост неискажлива. Го виде нашиот мрак и се јави како ѕвезда сесветла. Доживеа несфатлива самотија и стана Застапница за сите. Виде насилство и постана мир. Пречиста и неосквернета од ништо во овој свет, ги надмина природните граници и постана рај. Самото нејзино споменување причинува радост и успокојува. Ги утешува Таа оние што ја љубат, им вдахновува добри помисли, благонадежен поглед, слатка утеха. Присутна е среде верните преку многубројните икони нејзини, од кои зрачи нејзиниот свештен, сечесен, божествен лик. Стана прегратка и Мајка наша… Богородица“.

– Старец и Епископ Партениј Бигорски

Нашата света Црква многу премудро го устроила богослужбениот поредок. На секој молебен восклик, на секоја прозба од нашите скрушени срца, печат става пофалбата кон Богородица. Одамна сфатиле Светиите дека Пресветата Богомајка е најлесниот пат, она што ни е длабоко закопано во душата да стаса до Божјите уши. Следејќи го тој редослед и ова прво акатистно величание на Онаа Која е поширока од небесата и Која нашите молби ги прима, како да го запечати нашето молитвено излевање на душата во оваа прва покајна седмица, со торжествениот восклик: „Радувај се, Невесто Неневестна!“

Воскликот кој одекна во сите наши Обители беше една умилна молитва кон Небесната Царица, за нашиот народ, за Црквата, за сиот свет кој страда во искушенија, немири, војни, Таа Милостивата, да Го смилостиви својот Син, за чедољубиво да бдее над Своите грешни чеда, да ни го дава Своето просветление, да не нè лишува од Својата благодат на која само по Неговата милост се надеваме, бидејќи без Неговата помош, ние сме како едно кајче среде разбранувано море, кое го изгубило својот пат: Радувај се, Сечиста, Ти Го роди патот животен, Кој од гревовен потоп го спаси светот; Радувај се, Богоневесто, новина и говор страшен: радувај се жилиште на Владиката на тварта. Колку и да се истоштило телото од подвигот на посното воздржание, колку и да попуштиле силите, овие прекрасни боговдахновени стихови што црковните поети со љубов Ѝ ги испеале на Богородица, моќно го подигнуваат духот, ги оживотворуваат присутните во храмот, особено кога тие стихови се пренесуваат преку умилниот глас на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој како разгорен факел од љубов кон Царицата Мајка, топло Ѝ ги излева своите синовски молитви: Тебе што на светот му исплете венец неракоплетен, Те воспеваме: Радувај се, Дево, велејќи Ти, хранилиште на сите и оградување и укрепување и свештено прибежиште.