Митрополитот Нигериски до Одескиот (РПЦ): „Повлечете ги гадостите“

Извор:
Нигерискиот митрополит г. Александар
говори на Светиот и велик собор во Крит, 2016 година

Митрополитот Нигериски Александар со отворено писмо одговори на клеветите против Александрискиот патријарх Теодор, на митрополитот на РПЦ во Одеса, Украина, Агатангел. Митрополитот на Александрискиот престол одговара систематично на писмото од украинскиот митрополит, кого го повикува да „повлечете ги гадостите кажани за овие личности, зашто ги онеправдувате, а се онеправдувате и самите себе, станувајќи алатка за лага и клевета“.

Отворено писмо

До
Високопреосвештениот митрополит
во Одеса и Измаил
г. Агатангел

Ваше Високопреосвештенство,

Со свештен гнев го прочитав на интернет писмото што сте го испратиле до папата и патријархот на великиот град Александрија и мој патријарх Теодор и, практично, повторно се свестив дека состојбата во нашето Православие многу се има влошено, зашто еднаквоста од многумина се смета за срамнување со земја на поредокот.

И покрај навредливите работи што ги пишувате против Вселенскиот патријарх и неговите мудри постапки во врска со Украинското црковно прашање (за кое чекам да видам кога ќе се свестите дека вие всушност сте тие што го продолжувате расколот, бидејќи не можете да прифатите дека во нашата Црква, сè има почеток, средина и крај), за кои, како Православен Христијанин и архиереј жалам многу, бидејќи ваквите изрази не Ви личат, сепак, Ви го упатувам ова писмо зашто не можам да трпам да се обраќате на ваков мрачен начин кон мојот отец и патријарх. Воедно ги изразувам ставовите на поголемиот дел од нашите архиереи, кои стоиме покрај нашиот патријарх, како вистински деца покрај својот татко.

Тврдите дека постои „хаос“ и недостиг од единство помеѓу Православните цркви и дека со помош на водачите од овој свет „се уништува Православието“. Но, сето ова, Ваше Високопреосвештенство, се однесува само на Вас, на она што Вие претставувате и на никого друг. Хаосот царува во Вашата совест, на секој начин го поткопувате единството, ги злоупотребувате зилотите по целата земја, ја разрушувате Православната еклисиологија што сме ја примиле од отците на Црквата, не го признавате црковниот чин на враќање од раскол, не ја изучувате црковната историја, сакате да се наметнете со световни и економски средства, осудувате за „етнофилетизам“ и „источен папизам“ на Вселенскиот патријарх, а истовремено основате руски митрополии по цел свет, без да почитувате никаква јурисдикција, но само според принципот „каде што има Русин, таму и Руска црква“. Овие работи ги читаме секојдневно. Според кои канони го правите ова? Од кој извор црпете? Кој ви дал вакви „папски“ привилегии? Црквата има ред и има Прота, не за украс, туку за да одлучува.

Кога во септември 2018 година папата и патријарх Александриски ја посети Украина, сеуште не беше подигната схизмата, така што канонска црква беше таа на Онуфриј. Значи, за какво лицемерие обвинувате? Од октомври 2018 година, со враќањето на расколниците, паралелно се оствари и еден црковен акт за кој се чини дека не го разбравте. Се случи укинување на Патријаршиското писмо на Дионисиј IV и на тој начин областа на Киев изгуби секаква црковна врска на потчинетост под Москва, бидејќи духот на Писмото беше изменет и се сметаше за предавање на Киев на Москва. Наместо да Ве израдува враќањето на Вашите браќа, Вие го покажавте Вашето одвраќање на најлош можен начин. Тие со враќањето не се претворија во единствена канонска црква, туку едноставно се обединија со Телото на Црквата.

По два месеци се случи и Обединителниот собор, бидејќи како државата, така и многу други луѓе, клирици и лаици, бараа автокефалија. Единствениот што може да дава вакви автокефалии е Вселенскиот патријарх. Автокефалии како оние на пентархијата дава само Вселенскиот собор. Ако не грешам, Вселенскиот патријарх ве покани и вас на тој Обединителен собор. Можевте да одите, да речете „ние сме деведесет, не се сложуваме со ова, не го сакаме или не го гласаме овој за претстојател“, да проговорите. Но не го направивте тоа, заслепени од егоизам.

Го осудувате „Судијата на Вселената“ дека донесол одлука под притисок или насилно, зашто неговиот суд беше достоен на неговите претходници. Го обвинувате за предавство вие што не го почитувавте оној што ви го дал Православието и Црквата – Вселенскиот престол. Го обвинувате Неговото Блаженство дека го повредил свети Серафим Саровски. Ако овој светител денес беше во тело и коски покрај вас, што ќе кажеше за вашите дела? Немаше да ја познае Печерската лавра, во која внатре во кивотите – Христос, во пештерите земни – Христос, а надвор, во срцата, во материјата, во сè – злато! Се осврнавте и на светиот свештеномаченик Григориј V, Вселенскиот патријарх кој на своите рамена го понесе страдањето на својот народ (на Пасха 1821 година од Турците беше обесен на вратата од Патријаршијата, н.з.). Не се колебавте да го искористите дури и овој херој!

Сите негативни работи што ги пишувате за Вселенскиот патријарх и за патријархот Александриски, Ви ги враќам назад, зашто се однесуваат на Вас. Вам Ви припаѓа разделувањето на Црквата, зашто се повикувате на каноните и не ги почитувате, зашто окупирате и ја наметнувате вашата волја, потчинети на началствата и властите од овој век.

Братски Ве молам да ги повлечете гадостите кажани за овие личности, зашто ги онеправдувате, а се онеправдувате и самите себе, станувајќи алатка за лага и клевета. Како архиереј на второпрестолната Патријаршија на Истокот, Ве советувам со љубов да се покаете и да ја прочитате црковната историја, да прочитате што правеше Црквата порано, како ги прифаќаше оние што се враќаа од раскол или ерес, да го видите вистински светот, слободни од Вашиот русизам, да ја побарате Божјата милост, да се вратите во Вистината. Дотогаш, задржете си ги овие карактеризирања за себе, а не за човекот на љубовта, на жртвата, на мисионерството – патријархот Александриски и на цела Африка г. г. Теодор.

Ваше Вископреосвештенство,

Читајќи го последниот параграф од вашето писмо до нашиот патријарх, во кој дословно велите: „Не треба да го забораваме и фактот дека секој од нас ќе застане пред Судот Божји, имајќи на ум дека ниту крвта на мачеништвото не го мие гревот на расколот,“ Ве прашувам со многу почит кон Вашето архиерејство и Вашата одговорност пред Бога, како епископ на Неговата Црква, за душите што Он ги доверил под Вашиот омофор: Нашиот грев, на пастирите на Црквата што не ја пролеваме својата сопствена крв за да ја исцелиме раната од расколот, што ќе го измие?

Сетете се и Вие на претстојателите, помеѓу кои прв Вселенскиот патријарх, не се двоумеа самопожртвувано да ги прободат своите ребра и да спечалат илјадници души…

„Како пеликан си се прободел во ребрата, Слове, своите умртвени деца си ги оживеал, излевајќи им сили животни“ (од Втората статија на пофалби на Велика Сабота).

Со почит,
† Митрополит Нигериски Александар