Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Истанбул оствари средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I.
Претседателот Иванов, упатувајќи честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, ги поздрави активностите и напорите на Вселенскиот Патријарх за обезбедување поголемо единство во православната екумена.
„Во време кога светот се соочува со тешки предизвици, потребна е заедничка посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи, кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот и меѓусебната почит”, истакна македонскиот претседател.
На средбата беа разменети мислења за повеќе актуелни теми од заемен интерес.
Двајцата соговорници разговараа за прашања поврзани со статусот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Претседателот Иванов истакна дека МПЦ-ОА е жива црква, додека Вселенскиот Патријарх изрази надеж дека прашањето ќе се реши. Претседателот Иванов упати покана до Вселенскиот Патријарх да ја посети Република Македонија, по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 1000 години од формирањето на Охридската архиепископија.