Вселенскиот Патријарх: Мајка Црква на сите балкански народи е Цариградската

Извор:

Учениците матуранти од Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Скопје, заедно со нивните професори, во текот на нивното поклоничко патување во Цариград и Солун ја посетија Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј.

Патријархот го потенцира значењето на директноста, чесноста и искреноста во меѓуправославните односи, а исто така и се осврна на проблемот на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА.

„Ја допирам оваа тема бидејќи сакам да бидам потполно искрен со вас. Ова дејство на сестринската Црква на Бугарија беше погрешна. Не помага. Ги усложнува работите. Мајка Црква на сите балкански народи е Цариградската и тоа го кажува историјата. Ова мајчинство за кое се разговара е вештачко и не може Бугарија да ве воведе во канонски поредок, во канонски врски со другите Цркви. Во меѓуправославните врски секогаш треба да има директност, чесност и искреност“, забележа и додаде: „Секогаш кога се свикува Синаксис на Православните Претстојатели, дали овде, или во Шамбези, обидите на Вселенската Патријаршија се да се поставуваат сите меѓуправославни теми на маса и да ги разгледуваме со чесност и искреност. Истото го направивме и по прашањето на Светиот и Велик Собор, кој беше подготвен од сите Цркви заедно. Последниот Синаксис на Православните Претстојатели беше во јануари 2016 во Шамбези и разговаравме, иако понекогаш и со потешкотии, за сите теми и ги подготвивме темите кои требаше да ги расудува Светиот и Велик Собор. Го подготвивме Правилникот на работа и рековме ‘во јуни се гледаме на Крит’. Сите го потпишаа тоа, и откако поминаа три-четири месеци без да испадне нешто ново, без никој да се спротивстави, во последен момент четири Цркви рекоа дека не доаѓаат. Но, Соборот бидна. Сепак, сето ова не покажува чесност и искреност од страна на овие четири Цркви, зашто се бевме согласиле и сè бевме потпишале“.

Во својата беседа Патријархот се осврна и на завчерашната посета на Претседателот на РМ со своето семејство и придружбата во Вселенската Патријаршија и на добрите и пријателски врски помеѓу нив, како и на тоа дека често се среќаваат на меѓународни семинари кои се одржуваат во Градот.

Патријархот ги поттикна учениците често да го посетуваат Градот и седиштето на Првопрестолната Црква на Православието. „Да знаете дека ве сакаме и да доаѓате кога сакате во овој убав и историски Град, каде што се дворовите на Мајката Црква, од која и вие и сите балкански народи и Русија го примивте крштението и просвештението на Христијанството. Последователно, секогаш кога ќе доаѓате овде близу нас, во Константинопол, не треба да се чувствувате како странци, дека сте посетители, гости, но како да сте дома. Имаме големи надежи за вас и за вашето служење на Црквата во иднина. Ова важи и покрај тоа што во моментов постојат познатите проблеми помеѓу вашата земја и Грција и помеѓу вашата Црква и сите други Православни Цркви. Токму затоа сметаме на новата генерација богослови и клирици, која може да придонесе кон зацврстување на врските помеѓу соседните народи и помеѓу Православните Цркви. Ние денес, нашата генерација, постарата, ќе направиме сè што можеме за подобрување на состојбата, а особено нашата Вселенска Патријаршија, која има уредувачка улога во меѓуправославните работи, а после нашата генерација, вие ќе го преземете кормилото и ќе продолжите, ќе негувате и ќе ги умножите овие добри врски помеѓу нашите народи и Цркви“.

Вселенскиот Патријарх им раздаде благослов на професорите и учениците книги за историјата на Вселенската Патријаршија, како и официјалните текстови на Светиот и Велик Собор на Православната Црква, пасхални јајца и ги покани со татковска љубов да ручаат на Патријаршиската трпеза.