Петок на Живоносниот Источник

Водата животечна на Источникот, врутокот на манна, бесмртната роса, нектарот Божествен, чудесната амброзија, медот од карпата, со вера го чествуваме. 

 

Величание на Живоносниот Источник

Како што секоја химнографска творба во Црквата Божја завршува со молитва и благодарност кон Пресветата Владичица наша Богородица, така прилега и светлите пасхални денови од првата седмица на сеславното Воскресение Христово, да бидат заокружени со пофалба кон Онаа Која стана причина за нашата славна радост.

Во Светлиот Петок, Црквата Христова славословие ѝ принесува на Пречистата, во чест на нејзиниот Живоносен Источник – Балаклија, кој се наоѓа во нејзиниот царски град Константинопол, престолнината на сето Ромејство, центар на Православието, окото на сите градови, мајката на сите Цркви.

Во средината на VI век, ромејскиот цар Леонтиј подигнал над изворот со вода еден прекрасен храм, од благодарност кон Царицата Небесна, Која на чудесен начин, додека бил сè уште обичен војник, му соопштила дека ќе постане владетел на сето православно Царство. Во текот на вековите, од чудотворниот Источник на Мајката Божја станувале безброј чудеса и исцеленија, а од неговите благотворни води се ползувале цареви и царици, војсководци и патриции, архиереи, свештеници и монаси, како и неизбројно мноштво верници, па дури и иноверни.

Живоносниот Источник крај Цариград останал познат како „Балаклија“, а тоа име го добил од турскиот збор за риба: ‘балук’. Според преданието, на 23 мај 1453 година, во непосредна близина на храмот, некој монах печел риба на жар, кога одеднаш му кажале дека Константинопол бил заземен од Османлиите. Тогаш монахот рекол дека би поверувал во тоа само доколку рибите што ги печел, би скокнале живи назад во изворот. И навистина, изненадно рибите оживеале и скокнале во агиазмата. И до денес, во тој Источник се чуваат седум риби коишто од едната страна се потемнети, како полу печени.

Како и да е, од Живоносниот Источник и во наше се случуваат многубројни чудесни нешта, а Пресвета Богородица, Мајката Христова и Мајката на сите Христијани, останува за сите нас Источник на Животот, бидејќи Таа ни Го донесе Животодавецот – Христа во светот.

Спомнувајќи си за нејзината преголема милост и чудесна љубов кон човечкиот род, нашето монашко братство и сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино, со притекнатите верни, ѝ принесоа срдечни молитви и славословија на Царицата Мајка, а по завршувањето на Божествената Литургија, со пеењето на тропарите од пасхалниот канон, традиционалната молитвена литија се упати кон манастирската агиазма посветена на Живоносниот Источник, каде нашиот Старец, Архимандрит Партениј, го изврши чинот на пасхалниот водосвет. Оттаму, пасхалната литија го обиколи манастирскиот овоштарник и скитот на Свети Серафим Саровски, па се врати назад и заврши со уште еден водосвет во фијалата и поклонение на светите благоухани мошти што се чуваат во нашата Обител.