На втор ден Велигден голем народен собир и литија во манастирот „Пресвета Богородица- Пречиста“ во Кичево

На 09.04.2018 година во древниот пречистански манастир беше отслужена света божествена литургија, чиноначалствувана од Архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Во чест на Св. Пречистански маченици Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј кои пред точно 460 години биле немилосрдно убиени поради непоколебливата вера се одржа и величествена литија до местото на нивната погибија. Стотици верници од Кичево и од целата држава присуствуваа на овој голем црковен собир.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи г-дин Даријан Сотировски присуствуваше на ова радосно празнување, а притоа оствари и средба со Архимандритот Партениј каде покрај честитките по повод Христовото Воскресение и традиционалното кршење со велигденските јајца се разговараше и за многу актуелни прашања од црковната сфера за Македонија и целокупниот регион.