Отец Милан Ѓорѓевиќ, професор на ПБФ Св. Климент Охридски, неодамна изнесе свој став по повод најновата поделба на македонското општество, овојпат за една многу нормална работа – јавното прославување на празникот Рождество Христово, во кое учествуваа деца од цела Македонија. Го пренесуваме во целост неговиот став, објавен на неговиот Фејсбук профил:
Учеството на децата во јавното прославување на верските празници не само што не е несвојствено за европската граѓанска култура, туку е нејзин својствен дел. Еве само еден пример што ми е непосредно познат од времето кога живеев во Келн – детските поворки за римокатоличкиот празник свети Мартин. Подготовките почнуваат уште неколку седмици порано, кога во црквите, училиштата и градинките започнуваат со работа групи за „Basteln“ (зборче што означува работа со сечење, боење, лепење на хартија, платно и други материјали) на кои дечињата самите ги прават и украсуваат хартиените фенерчиња, кои за време на поворката ќе ги носат. Групите во училиштата и градинките ги водат наставниците и воспитачите, а во црквите тоа го прават социјалните работници вработени во нив, или родители-волонтери. Поворката традиционално започнува на 10. ноември во 17 часот со миса во келнската катедрала, а завршува во црквата Голем Свети Мартин. Поворките се официјално поддржани и промовирани од градот Келн.
На ова, со свој коментар се осврна и Кица Колбе:
Таа е една поворка од многуте Martinszüge (Мартински поворки) во Келн, која почнува по службата на празникот Св. Мартин од Келнската катедрала низ улиците на Келн до црквата Св. Мартин. Но и секоја детска градинка, секое основно училиште подготвува своја поворка низ неколку околни улици. Лампионите или латерните ги подготвуваат децата со помош на учителките/ воспитачките во детските градинки или училиштата, но и во црковните општини, особено кога децата се поголеми (8-9 години) и се подготвуваат со катехеза во црквите за Првата Света Причест. Поворката порано беше придружена со коњаник облечен како владиката Св.Мартин, со црвена наметка. Поворката стигнува на крајот на едно место каде се пали оган и се прикажува театарски приказната како Св. Мартин видел крај патот сиромав човек, облечен во партали, застанал, ја расекол со мечот својата наметка и едната половина му ја дал на сиромавиот. Децата ја подготвуваат неколку недели таа претстава. Таа има длабока педагошка симболика за сочувството со бедните и сиромашните. На поворките децата ги пеат традиционалните, но и новите песни за Св. Мартин. Во поворките за Св. Мартин со децата заедно одат сите учителки и учители, родителите, роднините, соседите… Во домовите крај кои се поминува луѓето на прозорците и пред портите поставуваат светлечки лампиони. Децата одат и во групи од куќа на куќа, пеејќи ги тие песни, за да бидат дарувани од домаќините со чоколадо и други слатки работи. Тие поворки и ритуали за Св. Мартин се неразделен дел од германската култура. Ним секоја есен им се радуваше ќерка ми кога беше малечка, а сега нашата петгодишна внука.