Деновиве Претстојателот на Православната Црква на Украина г. Епифаниј, му испратил писмо на нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан во врска со признавањето на канонското единство на нашата света Црква. Писмото го пренесуваме во целост, како што е објавено на официјалната интернет страница на Православната Црква на Украина.
„Ваше Високопреосвештенство Архиепископе Охридски, во Христа Бога многу драг и возљубен брате и сослужителу на нашето смирение, владико Стефане, прегрнувајќи го Вашето Високопреосвештенство во името на нашиот Господ, искрено и радосно Ве поздравуваме.
Со благодарност кон Триединиот Бог, со радост и вдахновение ја примивме веста дека благодарение на канонското решение на Вселенската Патријаршија – Првиот престол во Православието и нашата заедничка Мајка-Црква – обновено е евхаристиското општење на Православната Црква во Вашата земја со полнотата на Црквата. Ова ја покажува канонската одговорност што Отците му ја довериле на Вселенскиот Патријарх, да решава сложени прашања што се појавуваат во животот на Црквата и да дава решенија кои носат заздравување на раните предизвикани од незгодите и разделбите.
Украина, како и вашата земја, помина долг пат во својот црковен развој. И драго ми е што благодарение на вашето разбирање и договор со Мајката Црква, со Вселенската Патријаршија, Црквата во Северна Македонија напредува. Искрено се надеваме и се молиме на Семоќниот Бог ова патешествие да биде завршено во догледно време, по можност што поскоро, преку Вашето примање на патријаршискиот и синодален Томос за автокефалност, како што и ние со благодарност го примивме од Вселенската Патријаршија. Зашто, овој пат е единствениот што се заснова на канонскиот поредок и на Преданието на Црквата, и на истиот тој начин сите нови помесни Цркви го добија благословот за својата автокефалност, бидејќи никој не може да го присвои правото што му припаѓа само на Првиот Престол – Великата Христова Црква во Константинопол.
Со ова писмо Ви ја посведочуваме, драг брате во Христа, и нашата подготвеност и желба да ја споделиме радоста од заедничкото причестување на Светата Евхаристија, во време и на место кое ќе биде поволно за тоа.
На Вашето Високопреосвештенство љубезен брат во Христа
Епифаниј,
Митрополитот Киевски и цела Украина
Во Киев,
13 март 2023 година“