За духовната борба – II дел

И затоа, како што велат Светите Отци „Биди внимателен!” , според Апостол Павле – внимателен во сé, трезвен во сé, разгледувај сé, следи сé. Не оставај ништо што би можело да те заведе. Пази ги своите мисли, фантазии, движења на телото, на срцето. Сé нека поминува низ проверката на Божјата просветеност. Дали е тоа од Бога – или не е? Треба ли да го прифатиш – или не? И кога ќе сфатиш, дека тоа е лукаво и зло, – оп – стоп! Удри со молитва – и крај на работата. Ставаш крај и тоа повеќе не се развива. Да земеме за пример една мала поткожна акна, што денес кај жените се случува многу, многу често – ни се јавува мисла: „што можеме да очекуваме од неа?” И ако си речеме: „Ма не е тоа ништо, ќе помине… нема да мислам на неа и да се грижам…” Но ова занемарено поткожно задебелување почнува да расте, и подоцна ќе бидеш принуден да се подложиш на многу болна операција. Опасноста расте и може да прерасне во рак. Па подоцна може да имаме и други здравствени проблеми. Затоа, штом ќе видиш дека тоа туѓо ткиво се појавило, веднаш трчај да го отстраниш. Мал напор, мала болка, а се зголемува надежта за преживување. Христос нè наоружал со оружјето на Светлината. Оружјето на Светлината – тоа се кратко кажано (во кратки црти) – даровите на Светиот Дух. Со љубовта ја победуваме омразата. Лошите мисли што ни ги носи ѓаволот ги победуваме со добри мисли. Тој ни предлага хули на Бога, на Богородица, на верата, а ние тоа го одбиваме со името Христово, името на Богородица и вистинските догми на нашата вера. Ако некој почне со жилет да си ги сече вените, свесни сме дека веднаш ќе потече крв. И дека тој ќе умре. Не може веќе да направи ниту едно движење…, умира. Кога христијанинот ќе ги пресече „жилите (вените)” на демонските мисли, тогаш запира и се прекинува копнежот кон гревот. За мислите да станат чисти, а фантазиите – негревовни, – неопходно е тие да се обрежат со стравот Божји, и да не го оставаме гревот во себе, за тој да не нé зароби, зашто така ќе Го огорчиме Светиот Дух. Тоа е како да ги отсекуваме, сушиме со Божјите зборови – „вените” низ кои доаѓа силата на сатаната и нè тера на грев. И тогаш ќе престанат движењата и поттикнувањата од ѓаволот и од страстите, кои го прават човекот грешен и нечист во очите на Бога. Затоа кога ние имаме внимание со страв Божји, и со будност за секоја мисла, за секоја претстава, која доаѓа, и ги проверуваме со стравот Божји и со Божјиот закон, – тогаш не дозволуваме во нас да влезе нешто лошо, некој лош производ, таа смрдеа на ѓаволот. Нема да допуштам тоа да влезе во мене, го запирам уште надвор. Тоа е – како некој од улица да чука на мојата врата, чука за да влезе внатре. По улицата поминува многу народ. Тој, секако, може да чукне, но јас треба да проверам – дали тој што тропа е свој или туѓинец? Бел или црн? Разбојник или добар човек? Свој или туѓ? Кога ќе видам дека е – црн, туѓинец, разбојник, кога неговата надворешност не влева доверба, нема да му отворам, – нека чука!… Но ако си речам во себе: „Добро, ќе му отворам, нека влезе внатре, ќе отворам само малку, ќе видам што ќе ми каже…” И штом само малку отвориш, тој веднаш ќе влезе, ќе те турне во претсобјето, а после и во дневната соба. Ако ме турне во претсобјето, а јас не направам напор да го исфрлам надвор, тој ќе ме турка, турка, понатаму кон собата. Таму ќе ме совлада и ќе ме врзе. И ќе ме убие. Па така, што треба да направиме ние? Како што е веќе кажано, воопшто да не ја отвораме вратата. Штом видиме дека тоа е нашиот непријател и дека тој е опасен, воопшто не отвораме врата! И на тој начин ќе се спасиме од сета таа непријатност, која следи ако отвориме. Кога ќе дојде нечиста, смрдлива, демонска, зла мисла – ние не ѝ отвораме пат и не започнуваме разговор со неа. „Ти целиот си црн!, – Нема тука никаков разговор”. И веднаш – трас! „Господе Исусе Христе, помилуј ме! Пресвета Богородице, помогни ми!” Го уништуваме и се ослободуваме од него. И мируваме. На тој начин се одбива умствената, невидлива ѓаволска борба која е толку опасна, што може да ги погуби нашите души. Да не одиме во Рајот, кон Светлината Божја. Наместо да живееме со Ангелите и Светиите, би отишле во мрак, во смрад и во пекол, каде би имале награда и вечно пријателство со демоните, од чии што претстави се плашиме, и страдаме. Самата помисла дека ќе живееме со нив, и дека ќе ги носиме вечно на својот грб – па од каде сето тоа? Од каде сето тоа доаѓа? Од тоа – како размислуваме. Помислете какво значење има тоа! Видете кои се резултатите. Рај – пекол. Бог – ѓавол. Светлина – темнина. Благоухание – смрад. И сето тоа засекогаш. На што се должи тоа? На тоа како размислувам сега, примам ли лоши мисли. Од тоа почнува сé! Огромно значење има тоа што ние мораме да го чуваме умот чист од гревовни, валкани и страсни мисли. Напротив треба да имаме чисти, светли и свети мисли. И името Христово. И на тој начин ќе го избегнеме пеколот и ќе одиме во рајот.

Продолжува