Задушница

Зошто, возљубени, во овој саботен ден пред Педесетница така усрдно и молитвено се собираме во нашите свети храмови и при гробовите на нашите роднини и пријатели, на нашите ближни и најмили? Затоа што нѐ повикуваат тука заминатите при Христа отци наши, браќа и сестри, нѐ повикуваат на молитвено песнопение кон Воскресителот на мртвите за покој на нивните души и нѐ потсетуваат дека смртта е едниственото неизбежно собитие, што секој роден на земјата треба да го очекува. Нѐ поучуваат, исто така дека смртта е многу поблиску до нас, отколку што си помислуваме, дека таа не е само некој далечен миг од крајот на нашето постоење на земјата, туку и сегашна реалност која постојано се случува околу нас и внатре во нас. „Секој ден умирам“ – воскликнува апостол Павле (1. Кор. 14, 31). Но и покрај тоа што смртта ни е толку блиска, таа истовремено е многу неприродна за нас. Смртта не е божествена творба; Бог нѐ создал за вечно да живееме и се радуваме во Него. Гревот е тој што го лишил човекот од овој најголем благослов и наместо него, ја довел смртта. Поради тоа, исправени пред неа, ние чувствуваме немоќ, безутешност и тага.

Но сепак, макар што смртта е трагична, таа истовремено е и голем благослов, израз на Божјото милосрдие и сострадание. За паднатиот човек нема поголемо проклетство од тоа вечно да живее овде, на земјата, во оваа долина на гревот и тагата. Затоа Бог ни подарил спасителен исход. Со смртта се раздвојува единството на телото и душата, за Бог повторно да ги соедини при телесното воскресение во Последниот Ден и така да ги пресоздаде во полнотата на животот во Неговото Царство.

Живите и упокоените припаѓаат на едно единствено семејство. Ние кои сѐ уште сме во тело и оние што го оставиле телото свое, сите сме една Црква, еден организам во Христа. Па како што ние, живите, постојано се грижиме еден за друг, разговараме, си помагаме, се утешуваме, така и нашите упокоени непрестајно нѐ молат да си спомнуваме и за нив, да продолжиме да ги љубиме, да ги вознесуваме своите молитви за нив, да негуваме надеж во Христа за нив. Да служиме за нивен спомен четириесет литургии, да даваме милостина, да правиме помени, парастоси. Сето тоа навистина им помага на нашите починати. И не само што им помага, туку тоа станува наша комуникација со нив. Црквата е место за средба на сите верни во Христа, починати и живи, кои се сакаат еден со друг, се собираат околу чесната трпеза да ја искажат својата љубов кон Бога. И затоа Мајката Црква постојано нѐ повикува молитвено да си спомнуваме за нашите отци, браќа и сестри, кои го напуштиле овој свет, но издвоила и посебни денови, задушници, во кои особено ги проси нашите молитви за своите небесни членови. Еден од тие денови е и оваа света задушница пред Педесетница, во која, преку богослужението, измолуваме прошка од Бога за нашите покојници. Ние се молиме за нив, а во исто време сме уверени дека и тие се молат за нас. И преку тоа взаемно посредништво, ние се поврзуваме со нив, преку границите на смртта, во силен и неразрушлив сојуз на единство.

И колку моќно, навистина, се почувствува тоа единство на вчерашната панихида во нашата обител, отслужена од возљубениот ни старец, архимандритот Партениј, кој со својот умилителен глас ги излеа смирувачките тонови на прекрасните молитвословија! А нивните зборови, толку добро познати, секогаш поттикнуваат силна желба да се стане дел од тој молитвен полет, кој достигнува зенит во заупокоената Литургија, кога срцето, проникнато од љубов и благодарност кон починатите, молитвено извикува кон Бога да им ги прости гревовите, волни и неволни, и да ги всели нивните души во населбите на праведниците. Амин!